Поттикнување иновации во образованието – камп Inno4Edu
СКОПЈЕ, 7 мај 2018 година:УНИЦЕФ во партнерство со СмартАп - лабораторија за социјални иновации овој викенд започна со осумнаесетдневен камп Иновации во образованието (Inno4Edu), здружувајќи група од 40 млади иноватори со цел да изработат прототипни решенија за идеите предложени на тридневниот хакатон одржан на маргините на конференцијата на високо ниво поддржана од УНИЦЕФ со наслов „Квалитетно образование за раст, резултати и подобра иднина“. „Една од целите на нашиот образовен систем е за сите наши деца да се овозможи живот во економија на знаење која ја движат иновации“, рече Бенџамин Перкс, претставникот на УНИЦЕФ. „За да се постигне ова, децата треба да ги образуваме за да создадат економија и општество во какви што би сакале да живеат во иднина.“ Во наредните два месеца, тимовите во кампот ќе реализираат три идеи за подобрување на квалитетот на образованието: уредување на „инклузивна училница на иднината“ во која се поттикнува вклучување, припадност и соработка; онлајн-библиотека за предучилишни едукативни игри и ресурси за наставниците и родителите; и онлајн „градбени елементи на карактерот“, алатка со која на наставниците ќе им се помогне во редовната настава да воведат едукација за градење на карактерот. Исто така, со кампот Иновации во образованието се поттикнуваат социјални иновации и претприемништво, особено меѓу младите и се создаваат партнерства и соработка меѓу чинителите за решавање на предизвиците во образованието. Фондот за иновации и технолошки развој ги поддржува овие напори. „Наша цел е да се развие критична маса на креативно размислување, а местото каде тоа треба да започне е во образованието“, рече Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој. „Со УНИЦЕФ имаме заедничко разбирање за потребата за поттикнување иновации во образованието, со цел денешните млади да прифаќаат иновации и да негуваат развоен начин на размислување кои се потребни за обликување на општеството“. Освен изработка на прототипни решенија, кампот е наменет и за градење вештини кај учесниците за решавање проблеми, мултидисциплинарен пристап, креативност, критичко размислување, комуникација, социјални иновации и претприемништво. Работејќи со истакнати експерти и ментори, младите учесници ќе се вклучат во низа специјализирани часови и сесии опфаќајќи теми за креативно размислување и осмислување проекти, образување на карактерот, одржливи бизнис-модели, владеење на сцената и раскажување. Кампот Иновации во образованието се организира во партнерство со СмартАп - лабораторија за социјални иновации и негов домаќин е Народната и универзитетска библиотека. За повеќе информации, посетете ја страницата www.educamp.mk |
|
|