ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ДВОЈКИ (9): Како се запознале?

Добивај вести на Viber

Нова тура љубовни приказни. Овојпат ги одбравме првите средби на познатите танчари Симона и Илија, на пејачката Сара Мејс со водителот Димитар Атанасовски и на актерката Амернис Нокшиќи со новинарот Борјан Јовановски

Сара Костадиновска и Димитар Атанасовски


Нивната прва официјална средба била во емисијата „Тротоар“. Сара била гостинка, а Димитар домаќин на шоуто. Почнале да излегуваат години подоцна, за време на емитувањето на лиценцираниот проект „Танц со ѕвездите“ каде и двајцата се натпреваруваа.

- Често се гледавме, па така почна да се развива љубов (се смее). Првиот бакнеж ни беше по завршувањето на емисијата посветена на англискиот валцер- ни откри Мејс.

Пејачката и водителот со необичен и уникатен танц го означија и стартот на нивната свадбена веселба, благодарение на искуството кое го стекнаа во шоуто.

- Димитар е „најдобар“ во повеќе категории. Мојата најголема инспирација, љубов и поддршка. Способен и разбран. Умен и убав. Вљубеник во природата и животните. Интересен и забавен. Независно како и да го поминуваме времето заедно, дали е тоа прошетка со куче, планинарење, возење со мотор, патување, гледање филм или табла на тераса, многу е лесно и прекрасно кога си вљубен во оној кој најмногу те смее“–раскажа Сара во интервју за „Женски Магазин“.

Познатата двојка го очекува своето прво дете.

Симона Веселиновска и Илија Карадакоски


По завршувањето на шоуто „Танц со ѕвездите“ јавност дозна за уште една интересна љубовна приказна. Овојпат станува збор за партнери кои делат исти предизвици, но и проблеми. Симона Веселиновска е докажана во стандардни и латиноамерикански танци, а на Илија Карадакоски специјалност му е салсата и хип-хопот. Веќе две години се инструктори во танцовиот клуб Eat the Beat. Познатите професионални танчари се запознале пред повеќе од осум години.

- Во тоа време Симона беше во „Ритам плус“, а јас во „Прима данца“. Имаше натпревар во Битола на кој таа се натпреваруваше, а јас требаше да пуштам музика. Се погоди да патуваме во исто комби и веднаш ја забележав. По натпреварот, на моја среќа, нејзиниот танц-партнер одлучи да се врати со автомобил и јас седнав до неа. Три часа разговаравме и тогаш почнавме да се дружиме. По 6-7 месеци влеговме во врска–раскажа Илија пред неколку години за „Антена“.

Амернис Нокшиќи и Борјан Јовановски


Нивната љубов не познава граници, ниту по национална, ниту по верска основа. Во едно интервју познатата актерка раскажа дека врската ја започнале на 13 февруари, ноќта спроти извиканиот „празник на вљубените“.

- Се запознавме на забавата на која се одбележуваше 10 годишнината на „А1 телевизија“ во хотелот „Континентал“–откри Нокшиќи.

Ѓорге Стојанов