ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ДВОЈКИ: Како се запознале?

Добивај вести на Viber

Љубов на прв поглед во радио, симпатии уште од училишните денови, спонтани и едноставни муабети. Дознајте каква им била првата средба на Пеце од „Суперхикс“, Ѓоко Танески и на Александар Микиќ со нивните сопруги

Елизабета Клинчаревска Младеновска и Петар Младеновски

Петар Младеновски, фронтменот на македонскиот ска-панк состав „Суперхикс“ и актерката и пејачка Елизабета Клинчаревска се запознале во скопското радио „Лајф“. Тоа било љубов на прв поглед. Од деновите на нивното забавување најмногу спомени имаат од клубот „Вега“ каде познатиот музичар беше еден од менаџерите. Во едно интервју познатата двојка откри дека ги имаат многу заеднички интереси – музиката на Боб Марли, филмовите, литературата. Обожаваат научна фантастика и се големи фанови на реге-филозофијата.

Розе и Ѓоко Танески

Првите симпатии меѓу популарниот пејач и неговата избраничка датираат уште од времето кога двајцата биле сè уште деца, во основното училиште „Христо Узунов“. Ѓоко бил седмо, а Розе петто одделение. Во наредните четири години немале никаков контакт, сè до една случајна средба во охридскиот ноќен локал „Американо“. Во една прилика Танески раскажа дека таа ноќ веднаш му се вратиле спомените од училишните денови, му се разбудиле старите чувства. Таа 1998 година кога Розе била матурантка почнала нивната долга деветгодишна врска.

Весна Станоевска и Александар Микиќ

Се запознале на забава по една премиера. Подоцна, по една претстава повторно се виделе.

- Почнавме да разговараме, заборавивме на времето, на луѓето и светот околу нас едноставно го снема, постоевме само ние двајца. По таа вечер сфатив дека тоа е она што луѓето го нарекуваат љубов на прв поглед–раскажа Микиќ во едно интервју присетувајќи се на првата средба со познатата харфистка која ја гледавме и во филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски.

Кога се запознале тој сè уште го немал гледано филмот, а Весна го освоила со нејзината спонтаност и едноставност.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов