Пред и Потоа
Имавме на времето едни емисии, пред ова затруениве турски и индиски, за мода и животен стил, најчесто американска продукција, за пред и потоа. Се пријавуваа различен профил на жени, па едно стручно жири пред се ги одбираше а потоа им правеше комплетна трансформација на нивниот изглед. До скоро и кај нас, ние во мојава професија се будалевме со таа идеја на пред и потоа, демек сега еве ние ќе ви покажеме како треба. И никогаш не дознав дали на тие жени им се смени животот после ПОТОА, дали им стана подобар, поубав или полесен.
Нејсе, ќе удрам по себе, моето пред и потоа. Перидов објавив неколку фотографии од себе до пред две години и од сега и изминатава. Восхит и одушевување до земја, што љубоморно, што мотивирачко. Не ви давам на значај на бурекојадците, без вас не е интересно, треба да ве има. Ќе ви се посветам на вам, оние што ве мотивирам и кои секојдневно ми велите како заради мојата приказна сте направиле нешто добро за себе.
Како мала имав фиктивни идоли, додуша не баш фиктивни, тоа се луѓе кои постоеле некогаш и оставиле свој печат до ден денешен, од типот на Шекспир или Фрида. Денес моите идоли се реални жени, сега постојат и во моментов додека читате ја водат битката на својот живот. За да ги заштитам, ќе ги прекрстам, мајка ми сите ја знаете неа не морам.
Ќе почнам со Теодора. Пред Теодора да стане мајка на детенце со попреченост, детенце со посебни потреби, таа била девојка со надежи и соништа. Иако не се сложувам со терминологијата, сепак тоа дете има поинакви навики и очекувања од својата мајка, поголем дел несвесно за истите. Откако е родено тоа детенце, Теодора, како самохрана мајка го држи живо и функционално со минимална помош од околу. Нормално во држава како нашата не постои институција доволно спремна за ваков случај, па тоа дете се бори со болести, пад на имунитет, погрешни дијагнози и несоодветни установи целиот свој живот. Сите велат, откажи се, толку му е, зошто се трудиш. Ама еве откако ја знам и познавам, таа жена со своето лавовско срце му го дава најдоброто на тоа детенце и оди против гравитација. Оди бе откажи се од своето дете ако си човек. Таа не го дава, и откако ја знам, го обезбедува најдоброто за тоа дете. Без себе, без лични приоритети, и без очекувања, таа му дава време. Нешто што сите велат дека тоа дете нема.
Ана е жена која имала доста будал живот, според некој и
несоодветен. Рано омажена, уште порано разведена, пред да биде мајка на два
прекрасни сина, Ана била една луда девојка со богат и блесав живот. Успева да
се избори со сите предизвици на нејзините избори, сите искушенија кои и се
појавуваат попатно, ги доведува децата во ред, има супер однос со поранешниот
сопруг, и пред некој година Ана дознава дека е болна од леукемија. Не сум
видела таков жар и таква волја за живот како во нејзините очи. Овен е во
хороскоп, мислам дека од инат реши да не се предаде и да не и се подаде на таа
шугава болест што знае во секунда да ти одземе сакан. После долгогодишна битка,
после сигурни предвидувања за смрт, Ана ја победи Леукемијата. Пред неа, беше
една будалетинка полна со живот, полна со борба. Потоа стана една прекрасна
жена, која повторно се заљуби, која не се плаши ниту пак срами од работа, која
живее повеќе од сите нас умрени живи.
Мајка ми пред да стапи во брак, не сакала ниту еднаш. Татко ми бил љубовта на нејзиниот живот, а јас тоа што треба нормално да дојде како плод на љубов. Кога татко ми реши да го остави нашето семејство, таа жена се скрши на пола. Кога почина, ми се сомле во раце, падна, ја снема. Не знам дали треба да му прости, или не, нивно е. На последниот нејзин роденден, порача песна, Параходот, и додека ја пееше, видов колку уште го сака, ја чув како пак ќе и се врати. Нејзиното Потоа е засекогаш, назад нема. А него сигурно ќе го види во некое следно патување, дека такви љубови не умираат никогаш.
Овие три жени, со нивното Пред и Потоа, скоро ми беа шамар за освестување. Ние сме размазена генерација, патиме од дебелини, од невозвратени пораки, нереализирано соништа кои ние немам храброст да ги подигнеме. Ние сме мрзливи, чекаме, никој од нас не станува и застанува позади своите одлуки и последиците од истите, се криеме позади здолништата на нашите мајки и новчаниците на нашите татковци.
За сите Теодори, Ани, Мајки и сите оние жени таму негде што ја водат маестралната битка на Пред и Потоа, Ви благодарам што постоите. Ве молам станете погласни, имаме што да научиме од вас.
Јас сум Ивана Кнез, имам доста Пред, моето Потоа тек следува.
Се читаме следната недела.