Преку внуката Софија го живеам мојот нов живот: Божиќно интервју со Благица Калева

Добивај вести на Viber

Таа е едно од најдобите фолк грла кај нас, жена која покрај се‘ што преживеа, не се предаде ниту секунда и продолжи да чекори храбро во животот, но најмногу заради како што многупати изјавила ќерка ѝ Марија – нејзината сила.

Пред Благица Калева се само убави денови, кај неа има многу новости, а најголема радост последните две ипол години ѝ носи нејзината внука Софија која како што ни истакна пејачката, е нејзиниот нов живот.

Годината којашто замина за Калева донела убави, но за жал и неубави моменти, Новогодишната ноќ после многу работни години во нејзината кариера конечно била дома со внукичката Софија.  А што подготвува за Бадник и Божиќ Благица и која е нејзината желба за новата 2023 година прочитајте во оваа нејзино прво интервју за Женски Магазин. 

* Што за вас претставуваат новогодишните и божикните празници?

- Првото нешто кое ми доаѓа на ум кога помислувам на новогодишните и божиќните празници се топлина и радост. Навистина се чувствува посебна енергија кога се во прашање овие празници и секогаш се радувам на нивното доаѓање!

* Негувате ли празничен амбиент? Ја накитивте ли годинава новогодишната елка?

- Секако, секогаш се негувал празничниот амбиент во мојот дом. Елката порано ја китевме двете со Марија, а откако се роди мојата внукичка Софија, се разбира, таа е задолжително присутна кога се кити елката. 

Софија ми го промени животот целосно и целото мое внимание и слободно време е само за неа

* Каде ја пречекавте Новата Година?

- Оваа година, после многу работни години за новогодишната ноќ во мојата кариера, не сметајќи ги овие од Ковид пандемијата, конечно бев дома. На моја иницијатива посакав оваа Новогодишна ноќ да ја поминам со мојата внука Софија и да одморам. Имавме пренатрупана агенда со настапи пред Новата Година и после тоа, но новогодишната ноќ овојпат ја поминав во домашна атмосфера, опуштено.

* Дали подароците се дел од вашата новогодишна традиција?

- Подароците, како и кај сите во овој дел од годината, и кај нас се дел од новогодишната традиција. Симболично со најблиските си подаруваме по нешто за спомен, а за најмалите членови од семејството Дедо Мраз остава вредни подароци под елката! 

* По што ќе ја паметите 2022, а  што си посакувате за 2023 година?

- 2022 година замина и кај мене ќе остане запаметена како година со убави, но и не многу убави моменти. На почетокот од 2022 годината по кратко боледување ја загубив мојата мајка, и тоа сигурно е момент кој останува врежан кај секое дете, колку и да се родителите возрасни. Но, 2022  ќе ја паметам и по едно убаво поглавје, оваа година зедов лиценца за негувател и се вработив во Детската Градинка “Детска Радост” во Струмица на што сум многу горда и благодарна,  и секако, не можам, а да не ги спомнам многубројните ангажмани со моите Фигаро Бенд, зад нас е една многу бериќетна и исполнета година на професионален план.

Во новата 2023 ќе си посакам најпрво здравје за моето семејство, моите најблиски и за мене, многу љубов, бериќет и песна, се разбира, ништо без неа! 

* Бадник е еден од најголемите и најважните Христијански празници. Што за Вас значи овој празник?

- Бадник за мене претставува најголем и најсветол празник кој симболизира мир, радост и сплотеност! Ноќта на мирот, кога будни го дочекуваме Христовото Раѓање, Божиќ! Тоа се моменти кога целото семејство е собрано и тоа само по себе ја прави магијата на тие празници, не за џабе велат “Кај и да си, за Бадник дома да си”! 

* Кое посно јадење го подготвувате за Бадник, што се‘ најчесто ставате на бадниковата трпеза?

- Бадниковата трпеза традиционално ја подготвувам со посни јадења. Најпрвин, секако месам бадникова погача со паричка, секогаш на трпезата за Бадник спремам риба со ориз или компири и компот од суви сливи. И секако со чаша добро црвено вино. 

* Споделете со нас некој обичај или традиција која ви е пренесена од вашето семејство, нешто што сте го наследиле од вашата мајка, баба, свекрва.. или пак нешто кое сте го научиле, дознале од вашата ќерка Марија, која неодамна стана мајка и сопруга?

- Секогаш пред да почнеме со Баниковата вечера, традиционално го практикувам струмичкиот адет: на прозорец го покануваме Дедо Боже на вечера со зборовите: „Повели Дедо Боже да вечераме”.  Уште еден обичај кој го негувам од постарите, нешто што ни останало во аманет, е да не ја раскревам трпезата од Бадниковата вечера, бидејќи ќе дојде Дедо Боже да вечера.

* Во некои делови од земјата на Бадник се подготвува бадниково лебче со паричка (к’смет), подготвувате ли и вие?

- Секако, како што и претходно кажав, лебчето е неизоставен дел од Бадниковата трпеза! 

* Пред две ипол години станавте баба, ја добивте внуката Софија. Како се сменивте вие, или како таа ве промени Вас?

- Децата се најголемата среќа во животот, а кога ќе добиеш дете од твоето дете, тоа е чувство кое само се доживува и не може да се опише, како цел универзум да те прегрнал! Бев пресреќна што ќе станам баба, преку неа го живеам мојот нов живот. Софија е најтоплата прегратка, најубавата насмевка и најмилите очи. Ми го промени животот целосно и целото мое внимание и слободно време е само за неа!


Наталија Миланова

Фото: Приватна архива