ПРЕРАНО НЀ НАПУШТИЈА
Денес на 67 годишна возраст од струен удар во скопското село Орешани почина доајенот на Драмски театар, еден од најталентираните македонски актери, Ванчо Петрушевски. Голем број негови колеги и обожаватели споделуваат објави за да се збогуваат со него, а ние подолу ќе потсетиме на јавните личности кои прерано не напуштија, а оставија исто така свој печат во македонската уметност и култура од различна сфера.
Македонската јавност е сѐ уште потресена од смртта на познатиот пејачВлатко Илиевски. На само 33 години, талентираниот музичар кој со години беше дел од групата „Морал“ го напушти овој свет. Полицијата го пронајде безживотно тело на Илиевски во неговиот автомобил „Тојота“ на булеварот „Трета Македонска Бригада“. Првично, на телото на починатиот немаше траги на насилство, а обдукцијата ќе ги утврди причините за смртта. Влатко беше погребан на гробиштата во Општина „Ѓорче Петров“.
За жал, Илиевски е само еден од многуте ѕвезди на Македонија, кои прерано нѐ напуштија. Во сеќавањата сѐ уште ни се врежани „Тајно моја“ на Тоше, „Марама“ на Дуле, портокаловата коса на Могли (Игор Маџиров)- детето од џунглата ... Спомените болат, но секогаш се тука, за ваквите великани никогаш да не заминат во заборав.
Сашка Петковска- Липша
Постарите раскажуваат, помладите слушаат за дамата со прекрасна насмевка, Сашка Петковска-Липша, девојката со најубавиот глас на сите времиња. Загина на 32- годишна возраст, во кобна сообраќајна несреќа на патот Куманово – Свети Николе, на 31-ви август 1983-та година. Зад себе ги остави сопругот Марио Липша и двете ќерки.
Во страшната сообраќајка загинаа 9 лица, меѓу кои и тројца члена на балетската група„Авона“– Вељко, кој тогаш имаше 26 години, Петранка имаше 27, а Евдокија 23 години. Дали поради грешка на возачот или лизгавиот пат, автобусот со кој патуваа излета од патот и се преврте.
Игор Маџиров
Актерот со портокалова коса, Могли - детето од џунглата, момчето што со калашников го пречека Раде Шербеџија во филмот „Пред дождот"... Игор Маџиров беше еден од најталентираните и најхаризматичните актери во Македонија.
Животот на Игор заврши во 2000-та година. Според истрагата се самоуби скокајќи од балкон. Многумина, меѓу кои и неговото семејство, се сомневаат дека се работи за самоубиствo. „Убавицата и ѕверот“ беше последна претстава за Игор. Имаше 101 изведба токму на оваа претстава, која воедно ја одигра осум часа пред неговата смрт на 20-ти февруари 2000-та година.
Познат по улогите од серијалот „Во светот на бајките” во кои го глумеше „Малиот Петар”, „Петар Гаван”, улогата во „Пред дождот”, како Петар Пан и како Могли, но и по многу други улоги во „Театарот за деца и младинци“, каде во периодот од 1993-та до 2000-та година Маџиров изиграл над 500 претстави.
Неговиот братЗоран Маџиров, на светската јавност ѝ беше познат како „Ботлмен“, односно човекот кој свири на шишиња. На 7-ми октомври 2016-та година настрада во стравотна сообраќајна несреќа. Во состојба на кома, Маџиров беше префрлен на „КАРИЛ“ во Скопје, каде што лекарите се бореа за неговиот живот. Сообраќајната незгода се случи кај „Пилав тепе“, на патот меѓу Струмица и Радовиш. Зоран Маџиров со својот автомобил удри во цистерна која била превртена на патот, а по 7 месеци се упокои, на 49 -годишна возраст. Браќата Маџирови потекнуваа од музичко семејство.
Тоше Проески
Никогаш непреболениот ангел од Крушево, големиот хуманитарец со ангелски глас, пејачот Тоше Проески направи блескава музичка кариера. Со неверојатна брзина ги освои топ листите со своите хитови, лесно ги наполни сите концертни сали на Балканот и остана да царува во срцата на илјадници негови обожаватели. Веста за неговата смрт одекна утрото на 16-ти октомври 2007-ма година, и ги стаписа сите. Сите со неверување и со надеж дека тоа е само шега, не сакаа да ја прифатат суровата реалност.
Македонската ѕвезда Тоше Проески загина на само 26 години во сообраќајна несреќа на автопатот кај „Нова Градишка“ во западна Славонија, Хрватска. Во возилото освен Тоше, кој спиел на предното седиште, била и неговата менаџерка Лилјана Петровиќ и возачот на џипот, кој заедно со Љиља е пренесен во болница со тешки повреди. До несреќата најверојатно дошло заради не одржување на доволна оддалеченост од возилото пред нив. Џипот удрил во камионска приколка со италијански регистрации, по што излетал надвор од патот. На погребот во неговото родно Крушево, вриеше од народ кој дојде да му даде последен поздрав на Тоше. Ѕвезди, соработници, безброј обожаватели... никако не сакаа да се одделат од прерано починатиот великан.
Ја остави цела Македонија и цел Балкан во солзи. Пред него беа уште многу големи моменти и со сигурност ќе ја освоеше и светската сцена. Постхумно излегоа уште неколку албуми и видео-записи со музика на Тоше, се направи негова спомен-куќа во Крушево, многу награди го носат неговото име, се одржуваат концерти во негова чест, постои Меѓународна фондација „Тоше Проески“ за промоција на ликот и животното дело на поп-иконата која остана врежана во сечие срце.
Бошко Бозаџиевски
Македонскиот актер Бошко Бозаџиевски е роден гевгеличанец, кој публиката најмногу го памети по улогата во првата македонска догма, филмот „Боли ли?“ на Анета Лешниковска. Во овој филм заедно со Милијана Додевска остварија една љубовна сцена, многу успешна и впечатлива, па дури и заслужна за „Наградата за иновативност“, која филмот ја освои на „Фестивалот на Бермудските острови“. За жал, овој млад актер почина на 26-ти август во 2008-ма година на само 27 години. Бозаџиевски бил дипломец на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а студирал и на катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје. Играше во претставите „Сите лица“ на Петре М. Андреевски, „Сон на летната ноќ“ , „Делириум за двајца“ , „Осмо светско чудо“.
Во негова чест во родниот град Гевгелија се одржува мултимедијалниот фестивал „Бош“, кој годинава од 24-ти до 26-ти август има 10-то јубилејно издание.
Душан Љубисављевиќ
Познат како Дуле од дуото „Дуле и Коки“, пејачот почина на 38 години во 2013-та година. Неколку години наназад имаше здравствени проблеми со црниот дроб. Беше хоспитализиран на Клиниката за токсикологија, а по неколкучасовна борба на лекарите за неговиот живот, Дуле не издржа.
„Колку треба да се плати“, „Марама“ се само едни од рефрените кои будат спомени за дводецениското дуо кое свиреше и пееше заедно низ сите скопски кафулиња, а се раздели неколку години пред смртта на Дуле. Тој се ожени по втор пат, а негова избраничка беше Љупка Наскова. Заедно со неговата сопруга го имаа ресторанот „Доменика“ во Скопје.
По смртта на Дуле, другата половина од некогаш славното дуо, Коки во емисијата „Еден на Еден“ отворено зборуваше за животот и времето поминато со Дуле:
- Беше многу интелегентен, играше на своја карта, знаеше многу луѓе, беше мангуп, го сакаа многу луѓе, а не беше свесен дека го сакаат. Сите пробавме сѐ да направиме, но тие што бевме најблиску до него бевме отфрлени. Не сакаше да разговараме за неговиот проблем. Поминавме плачење, смеење, гушкање… Идевме во сите можни болници, во странство… Сопственици на болници прашуваа што да направат, но мислам дека беше кратко. Тој реши до крај да остане со алкохолот.
- Сега не сум подготвен да испратам порака, некои работи треба да ги средам, и во срцето и во мозокот, но овој живот треба да се искористи, секој чекор треба да биде искрен, да оди напред. Употребете ги емоциите. На секој чекор сме пред некоја пречка. Но не е се толку страшно во животот. Луѓето умираат, тоа е животот. Дајте попозитивно да ги гледаме работите. Чeсно да го живееме животот - додаде тој.