Приказни за луѓето кои ги менуваат нашите животи

Добивај вести на Viber

Посветено на Славе Сирачевски, (основоположник на туристичката агенција, со која скоро 20 години создаваме патеписи), во чест и спомен, по повод годишницата од неговото заминување во “небесните патеписи“.

Постојат луѓе кои одигруваат многу значајни улоги во нашите животи. Не зборувам тука за “првиот ешалон“, мајка, татко, дедо, баба, брат, сестра, деца…

Тие ни се дадени, од Бога што се вели и тука не можеме да интервенираме. Се разбира дека тие го имаат “тајниот код“ од шифрата на нашиот најдлабок и најранлив емотивен сеф и дека може со него да манипулираат во своја корист, оти како што може свој да ти го разубави, или загорча живот, не може никој друг.

Не за џабе рекле старите дека каменот од блиску доаѓа.

Друг пат ќе пишувам за тоа, како може најблискиот твој да ти го преврти животот наопаку.

Сега сакам да зборувам за тоа, како може некој, кого сосем случајно ќе го сретнеш и запознаеш во животот, да ти ја отвори портата преку која се поминува отаде, каде што се наоѓа смислата на твојот живот.

Знаете како!, секој од нас е надарен за нешто. Нема дилема дека секого го бидува за нешто. Некој за лекар, друг за пекар. Трет за архитект, или пилот, уметник, спортист…

Мислам дека врвот во својот живот го достигнуваат оние кои својата дарба, ќе ја преточат во свој живот.

Нема поголем благослов да го откриеш она за што си надарен и нема поголем благослов, животот да ти овозможи токму тоа да го работиш.

Тоа е вистинска благословеност. Она што во народот се вели “со Господа си вечерал“.

Дарбата која ти е дадена можеш и сам да ја откриеш и сам да се избориш да ти стане живот. Се случува и тоа, иако малку потешко, бидејки додека ние да станеме свесни за својот живот, родителите веќе добар дел од патот ни го трасирале.

Многу често се случува децата да мора да ги следат стапките на своите родители, без да сакаат тоа да го прават.

Ова најчесто кога таткото е врвен лекар, адвокат, или дуќанџија, односно занатлија.

Ваквите “врвни“ татковци умеат да ги навеат патиштата на својот син, или ќерка во таа насока, понекогаш не грижејки се дали тие се надарени за тоа и дали воопшто сакаат да го работат тоа.

Понекогаш е ова со најдобра намера, за да му се обезбеди на детето подлогата која таткото веќе ја создал и заработил, но понекогаш се случува  да се работи за болна родителска амбиција.

Прашањето на предзнакот не ја олеснува околноста дека детето ќе мора цел живот да се бави со тоа, кое што не го сака и за кое што не е надарено.

Најголемата родителска мајсторија е кога родителот со ширум отворени очи, душа и срце ги следи афинитетите и дарбите на своето дете. Ги открива навреме, го става детето на таа стаза и му овозможува тоа да му стане живот.

Но, ова навистина ретко се случува. Околностите на животот многу често умеат да ги замешаат овие конци и да ја заплеткаат приказната.

Луѓето не мора по правило да се тажни ако не си ја откријат својата дарба и ако истовремено не се бават со неа. Секако дека можат да најдат убавина и во она што животот им го понудил како опција.

Конечно и ова е еден вид мајсторија, или дарба. Да уживаш во она што го живееш и ти е дадено.

Но, луѓето кои ги споиле овие две нешта, дарбата и нејзиното живеење, тие се најчесто среќни луѓе.

Убаво е тоа да ти се случи на млади години и така да ја започнеш својата животна приказна и да уживаш во неа, но дури и подоцна да го откриеш својот дар од Бога и да успееш да го претвориш во својот животен пат, можеш да речеш дека знаеш зошто си се родил.

Се сеќавам дека на 14 години, мајка ми ме запиша во средно музичко училиште, отсек соло пеење.

Мислеше дека треба да бидам оперска певица.

Но, јас не мислев. Тоа се покажа после само две години. Сите оние откажувања кои подразбираа чување на оперскиот глас, мене ми беа далечни.

Јас сакав и да излегувам и да се дружам и да јадам сладолед и да пијам газирани пијалоци со лед и да си легнувам касно. А требаше се обратно да правам.

После две години средно музичко, откако моите видоа дека нема да ме биде таму, татко ми реши да ме запише во средно економско. Тој беше економист и сметаше дека и јас треба да бидам финансов директор, како што беше тој.

И тоа се виде дека е јалова работа, бидејки нит математика, нит економија, нит бројки ме интересераа. Да бидам искрена дудук бев за ова. Завршив во Борис Кидрич, колку за да завршам средно.

После вакви маткања натака навака, а откако брат ми стана адвокат, бидејки беше осум години постар од мене, на мајка ми и се виде супер идејата ние двајца да работиме заедно и заедно да имаме адвокатска канцеларија. И така се запишав на правен факултет.

Негде на крај на прва година, на некои свои 19 години, слушнав оглас на Македонска Телевизија дека примаат најавувачки. Се пријавив. Без никој да знае.

Ме примија веднаш.

Почнав да работам како најавувачка на програма, и како прзентер на временска прогноза. Во исто време студирав и завршив факултет, оти без тоа, односно без диплома, веројатно ќе требаше да се отселам од дома.

Се вработив на телевизија, но тоа беше само најблиското доближување до она што јас всушност сакам да го правам.

Патеписните репортажи.

Целата таа приказна, како се случи сето тоа, кој беа тие луѓе што ги подотворија портите, па потоа оние кои сосем ги затворија, како околностите ја вртеа таа приказна те во една, те во друга насока и кои се следните дестинации од каде што ќе гледате нови репортажи “Патуваме-сонуваме со…“ оваа година во следното продолжение од “Чек да брцнам во ташната“.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: