Снежана Тодоровска за животот на пензионерите во Холандија: Државата им дава бесплатно парче земја да ја обработуваат, за да бидат активни и исполнети

Добивај вести на Viber

Здрав пензионер е поефтино, отколку болен за кој државата би трошела многу повеќе пари. Снежана Тодоровска вели дека ова логично размислување е типично за Холандија. Нејзината сестра е мажена за Холанѓанец и живее таму 37 години. 

-Во Холандија кога луѓето заминуваат во пензија, државата им дава опционално, која сака, бесплатно парче земја да си ја обработуваат. Едни го користат за садење на цвеќиња, други за зеленчук или овошје. Мојот зет од сестра летово замина во пензија и си побара земјиште за себе. Човекот е мераклија и си насади различни култури, карфиол, марули, праз, магданос, две овошни дрвца, спанаќ. Сестра ми се фали дека зимава не купувале ниту марули, ниту праз, а имале свежи малинки цела зима, на радост на нивните внуци. Другото ќе почека за прва берба.  Трошок на пензионерот е само семенскиот материјал.  Дури и бесплатни агрономи им доаѓаат за советување. Државата бесплатно ја дава земјата за да ги задржи пензионерите активни, здрави и исполнети – открива Тодоровска и дополнува дека нејзиниот зет никогаш не бил поисполнет и повитален.

-Логиката на државата е дека здрав пензионер е поефтино, отколку болен за кој би трошела многу повеке. Колку сме ние назад.  Нас земјоделците полека  ни се откажуваат од  производство на храна. А земјоделското земјиште  со фотоволтаици се пренаменува – заклучува Тодоровска која секогаш ги споделува своите ставови на социјалните мрежи за сите општествени теми.

С.А.Н