Прогнозите на докторите беа дека дете од 700 грама не може да преживее: Валандовчанката Надица, мајка на херојот Лука за Женски Магазин
Maјчинството е блаженство. Преродба што отвора пат по кој од вас се очекува безбедно да чекорите заедно со новата, чиста и невина душа. Но, овој пат започна доста трнливо за Надица и Стефан Ристови од Јосифово, Валандово.
Тоа што требаше да биде прва радост за Надица и нејзиниот сопруг, всушност беше прв удар и остварување на најголемиот страв за една мајка во блажена состојба - соопштувањето дека плодот заостанува со развивањето.
Прогнозите на лекарите биле дека детето нема да преживее, советите - да абортира, за среќа мајчинскиот инстинкт на Надица преовладал - момчето кое се роди само 720 грама, Лука Ристов денес е херој кој ја доби битката со животот, херој кој ни покажува како треба да се бориме.
Ноември е месец на предвремено родените деца, месец посветен на овие мали борци, кои се вредни за славење не само овој месец, туку цел живот, па Надица Ристова мајката на малиот херој Лука, роден во 29. гестациска недела, 7-ми месец со ИУГР (интраутерин застој во растот) што одговара на 25. гестациска недела, 6-ти месец, ни раскажува за трнливиот пат и животната борба на предвреме родениот Лука.
Радост пречекана со страв
-За почеток огромна радост беше кога добивме позитивен тест на бременост. Првата контрола ни зададе удар, плодот заостануваше 3 недели кои подоцна беа корегирани според прв преглед. Сè одеше супер, сè до 20 гестациска недела каде што бебушот заостана цели 2 недели. Со редовни контроли, терапии успеавме да стигнеме до 29 недела, застојот се зголеми и бебуш одговараше на 25 г.н. Овде започна нашата борба.
Мајчин инстинкт посилен од препораките на лекарите за абортирање
-Прогнозите на докторите беа дека дете од 700 грама не може да преживее, постои можност за слепило и глувост, церебрална парализа... Нивен предлог беше да абортирам, млада сум била да гледам такво дете. Сепак мајчинскиот инстинкт беше посилен од секоја препорака. Се боревме до последната клетка во нашите родителски надежи и тела, сè до моментот кога ЦТГ почна да се влошува и да се губи, тоа беше пресудно бременоста да заврши.
Херој тежок 720 грама
- Лука се роди со само 720гр. и 38 цм. со застој во развојот што одговара на шести месец бременост. Екстремно ниската родилна тежина и општата незрелост на органите се сами по себе ризик за неговиот живот.
Нашиот прв допир беше после 67 денови, денот кога го зедовме дома. Дефинитивно не можам со зборови да ги доловам тие чувства на среќа, љубов, збунетост, страв. Неизвесноста постојано отвораше сомнежи, но копнежот по нашиот прв вистински контакт преовлада. Јас од мигот кога го вселив во моето тело живеев за таа средба и сега никако не беше време да се откажам.
„Ако сум мајка на херој морам и самата да бидам херој, нели?“
Лука е прво дете за Надица и нејзиниот сопруг.
Таа раскажува дека секако стравот бил секојдневно присутен, никогаш претходно немала нешто слично во околината, некој пример на кој би се прикрепувала и би црпела надежи.
-Одеднаш се соочувате со животен предизвик и ваше е да одговорите на него, со сочување, внатрешна моќ и здрав разум. Цел тој период го издржав со помислата дека нашето бебе секојдневно се бори да преживее, па зар јас да бидам таа која ќе се откаже? Секој нов ден, секоја информација што ја добивавме за него ме правеше посилна. Енергијата ја црпевме меѓусебно, еден од друг. Ако сум мајка на херој морам и самата да бидам херој, нели?
Лука е сега момче од 16 месеци
- Лука е многу темпераментно и палаво дете. Со оглед на тоа колку мал е роден, напредува одлично. Ги следи своите врсници. Зошто е херој? Нормално - затоа што ја доби битката со животот, нас ни покажа како треба да се бориме, нè сплоти, нè научи да се радуваме на најмалите нешта што ни ги пружи животот. Само замислете ја силата во тоа кревко тело од 720 грама, неговата желба да стане наше дете, наша радост. Херојството се зачнува во секоја матка.
Надица на својот Инстаграм профил mommyofonehero, ја крева свеста за предвремено родените дечиња, а читателите на Женски магазин ги советува:
-Не дозволувајте туѓата претпоставка да влијае на вашето претчувство. Верувајте им на сопствените чувства, верувајте во вашите црвчиња и ќе видите ЧУДА СЕ СЛУЧУВААТ. Ние раѓаме ХЕРОИ затоа што и ние мајките сме херои.
*Љ.Иванова