Промоција на книгата „Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“ од Билјана Велковска вечерва во „Литература.мк“

Добивај вести на Viber

Книгата „Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“ од авторката Билјана Велковска ќе биде промовирана вечерва (петок, 4 октомври), во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“.

„Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина - публикации“, ги осветлува двете страни на паричката наречена човек. Од едната страна се чувствата, субјективни и тешки за дефинирање, но многу проучувани, кои претставуваат огромен дел од човековото искуство. Од другата страна е физичкото функционирање и здравјето, што традиционално и погрешно се разгледува одделно од емоционалниот живот. Двете приказни неизбежно конвергираат за да го доловат човекот, во кој на неверојатен начин се испреплетени психичкото и физичкото.
И, иако терминот психосоматика некои луѓе можеби си го поврзуваат со замислена болест, авторката покажува дека чувствата и мислите можат да нè разболат или да нè излекуваат на многу начини, што дефинитивно не се само „во нашата глава“.

Билјана Велковска е родена во 1978 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во родниот град.
Нејзините работни ангажмани вклучуваат преводи, рецензии, уредување на книжевни изданија, книжевни критики и написи во дневниот весник „Вест“, каде што работела како новинар во културната рубрика. Во моментов е ангажирана како советник за управување и координирање на човечки ресурси.

Интересот за психологијата, личен и професионален, Билјана Велковска го добива по стручната соработка во неколку изданија со Здружението за психотерапија и едукација „Амигдала“. „Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“ е нејзино прво дело, плод на повеќегодишно истражување на една многу важна и неправедно занемарена тема: конекцијата помеѓу телото и умот.

Промотор на настанот ќе биде психолог/психотерапевт Мирјана Јовановска Стојановска, која е и една од стручните рецензенти на книгата.