Промоција на книгите „И“ од Кристина Краличин и „73 дена“ од Иво Митев-Жиле за почеток на „Денови на литературата“
![](/media/main/2025/02/20250207141129.jpg)
Со промоција на книгите „И“ од Кристина Краличин и „73 дена“ од Иво Митев-Жиле денеска почнува петтото издание на „Денови на литературата“, што ќе се одржува од 7 до 23 февруари во сите книжарници на „Литература.мк“. Во рамките на продажната акција ќе бидат понудени попусти на книги до 70%, грепки со подароци, книжевни промоции, интерактивна програма за деца и за фанови инспирирана од Хари Потер, Покемон и Исидора Мун, како и дружби со Биби и Боби и Стела и Сани.
Во продажната акција ќе има попусти на најбараните книги за возрасни и за деца од 18 македонски издавачки куќи: „Арс Ламина“, „Академска книга“, „Антолог“, „Бата прес“, „Бегемот“, „Ид-концепт“, „Или-или“, „Мартина“, „Муза“, „Нампрес“, „Полица“, „Прозарт“, „Сакам книги“, „Сказнувалка“, „Слово“, „Светот на Биби“, „Три“ и „Чудна шума“.
Попусти до 70% на популарни наслови од нефикција, фикција и книги за деца ќе понуди „Арс Ламина“. За сите фанови на книгите на Зоран Спасов Ѕоф ќе има специјална понуда - комплет од петте негови книги: „И јас сум Сирма“, „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Џабе живиш у Скопје“ и „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“ за вкупно 990 денари. На дел од книгите од „Или-или“ ќе има 50% попуст. Преостанатите издавачи ќе понудат 20% попус на книгите.
Продажната акција „Денови на литературата“ ќе се одвива во сите книжарници на „Литература.мк“, во: „Дајмонд мол“, „Скопје сити мол“, „Ист гејт мол“, ТЦ „Буњаковец“, на ул. „Македонија“ во Скопје, во Битола (на „Широк сокак“) и во Струмица, како и на најголемата е-книжарница www.literatura.mk, на следниот линк: www.literatura.mk/proizvodi/popusti
„Литература.мк“ подготви и изненадувања за своите посетители - со купени книги во книжарниците во вредност од минимум 1500 денари следува грепка со подарок. Меѓу подароците се: комплети со книги од Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Блаже Конески, Орхан Памук, Милан Кундера, Д-р Неле Карајлиќ, Барак Обама и Мишел Обама, серијалите Хари Потер и „Темната граѓа“, „Прва училишна енциклопедија“, „Мојата прва библиотека“, „Мали умни глави“, детски класици на англиски јазик, како и блузони, зимски капи и друго. Секоја грепка е добитна!
Програмата со настани ќе почне вечерва (7 февруари), во 19 часот, во „Литература.мк“ со промоција на книгите „И“ од Кристина Краличин и „73 дена“ од Иво Митев-Жиле. Двете книги, кои влегоа во потесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2024 година, се во издание на „Арс Ламина“. „И“ е четврти роман на Кристина Краличин, базиран на вистинска приказна со реални настани и случувања, со ликови именувани со вистински имиња. Лична семејна сага со автентични описи на македонските обичаи, традиции, адети, изгледот на македонското село Теово, атарот на селото и областа Азот. „И“ е наслов со широко симболично и асоцијативно значење. И е сврзник кој асоцира на континуитет и на бескрај, и е и честичка за нагласување, и е и иницијал од името на главниот лик – Ицана, прабабата на авторката и нараторката, и е и трага на минатото издлабено во кората на седумстолетниот јавор на сегашноста...
„73 дена“ е првиот роман на раскажувачот и драмски автор Иво Митев-Жиле. Граден на една мошне чувствителна лична предлошка – дневникот на својот татко, романот ни го претставува, автентично и во прво лице, патувањето на бродот „Галеб“ на Јосип Броз Тито во 1961 година, кое траело 73 дена и е познато во историјата како Патот на мирот. За време на патувањето таткото водел дневник којшто е искористен како еден вид калап, рамка, порта за книжевен влез во автентичниот допис на нараторот, синот на главниот лик.
Утре (8 февруари, сабота), во 12 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, децата ќе другаруваат со Стела и Сани. В недела во „Литература.мк“ во „Сити мол“, во 12 часот ќе се одржи работилница за деца со Биби и Боби. Во истиот термин, во „Литература.мк“ во „Ист гејт“ ќе се одржи настан за деца и родители - натпревар во местење сложувалки и коцките „Плус плус“.
Во продолжение проследете ја целата програма.
ПР објава