Против времето
„Пишувај силно
и јасно за она што те боли“ (Ернест
Хемингвеј)
Ја започнав оваа колумна со цел да споделам како изгледа кога се бориш сам со себе, поттикната од многу млади девојки, а и момци кои ми се обратија на социјалниве медиуми. Можеби не допрев до мразачите на животни за да ги замолам да престанат да убиваат, можеби не допрев до циниците кои пронаоѓаат зло во секое дело, можеби не успеав да ве натерам да престанете да се прејадувате, препивате, да започнете да се цените и сакате повеќе, да научите да се борите, да уживате во секој можен даден миг овде, дека времето на сите ни е броено.. Но, успеав најсебично на свет, да се преслушувам себе си. И во секој можен следен мој пад, да се читам повторно и повторно, да се потсетам која сум кога сум на две нозе, дотерана, средена и со волја да голтнам планина ако треба.
Секој од нас паѓа, небројно многу. Мора да го имаме и тоа како составен дел од животот, не постои бескрајно добро, не го измислија Пеколот за џабе. Тој баланс на сѐ што е исправно и сѐ што не е, и нашата реакција на сите случувања во секојдневниот живот, нѐ доведуваат таму каде што сме. Има милион и едно мотивационо видео по интернетов, говорници за тоа како успеале и станале од мртвите, слики со натписи како да продолжиш понатаму, но сѐ некако мислам дека никого од нас не го допира тоа.
Од мала читам. За тоа можам да ѝ кажам Благодарам на мајка ми, што пред да започнам со лектири, јас се запознав со првата книга, Сибирка. И понатаму како течеа училишните обврски знаеше под рака да ми дофрли некое сиже од моментална книга која ја голта во една вечер, да ме заинтригира и да ја прочитам. Па така ја запознав Ана Каренина многу пред да ми биде домашна. Го голтнав Шекспир уште како тинејџер, без да мора да го прочитам, а потоа фанатично го продолжив и на оригинал Шекспиријански додека студирав. Од 10-та година започнав да собирам изреки од книги на Великани, мислам дојдов до бројка од 800. Тоа беа мисли за љубовта, за среќата, за загубата за падот и станувањето.. И знаев пред спиење, да ја отворам тетратката и да си ги препрочитувам, за себе. На 12 години сигурно не знаев што е пад и успон, но веројатно тогаш првиот симпатија ме игнорирал па кујзнае колку било тоа страшно. Како продолжи да тече времето знаев многу често да одберам наместо да излезам, да останам дома, за да прочитам книга. 100 години самотија ја голтнав, За кого бијат Камбаните во секунда ја прелетав, а Злосторство и казна ја изнегирав до максимум. Ние немавме серии тогаш, не заглавувавме по пет саати пред ТВ за да дознаеме кој против кого се венчал! Да, ни се случи Касандра, започна ерата на интернет и првиот мирц, но ја имавме свеста за вредноста на времето, па не бевме се уште заплетени во шема на бесполезно губење на време на неважни работи од кои ништо не учиш. Тоа беше пред 20 години, точно, јас продолжив да читам до скоро, се додека во еден момент не сфатив дека дозволувам да ме проголта современиот начин на живот, на едно големо НИШТО. Се додека не сфатив дека џабе вам ви делам памет за како треба, кога јас се уште учам. А веројатно ќе учам додека сум жива. Еден ден го поминав без мобилен телефон, немав полнач, и се вратив во живите. Еден ден не отворив социјални медиуми, и преживеав замислете, ништо не пропуштив што би ми го променило животот, ниту пак светот. И во овој момент единствено за кое сум си исклучително лута е изгубеното време кое немам како да го вратам назад. За времето потрошено на некоја банална серија, кога можела да биде книга, времето поминато за манијакални прегледи на инстаграм и ФБ, кога можело да биде време поминато со некој важен на кафе. Време изгубено позади профили полусвесни за свое постоење, без никаква длабочинска цел, време кое единствено што можам е да го замолам да ми прости што знам да се изгубам во современото јас.
На цела среќа имам луѓе околу себе што ме научија на љубов, и кога им делам памет за како треба јас ним, почнувам веќе да се слушам како не треба за себе.
Па така мили мои, денес бар, не дозволувајте да ве изеде моменталното време. Нека не ве боли тоа што било, не трчајте по тоа што ќе биде. Сега и овде, свртете се околу себе, и по не знам кој пат запрашајте се дали е тоа околината во која сте среќни? Дали сакате да сте таму и дали сте задоволни со својот живот? Доста само читаме, време е да се запрашаме зошто само читаме, слушаме, а ништо не применуваме.
Јас сум Ивана Кнез, денес само денес, застанете го времето за себе и оној кој ви значи се на светов.
Се читаме следната недела.