Пуританска Македонија
Ма страшно! По којзнае кој пат јавноста беше шокирана и згрозена од уште еден развод на јавна личност. Кревката пуританска јавност во нашава 200 на 200 км држава која се врви за неполни 2 часа, се најде погодена од тежок чин на неморал.
И тоа толку многу беше неубаво, што дури и порталите не останаа рамнодушни, давајќи свој осврт и анализа за луѓето чија љубовна приказна ете така силно одекна. Дали сум саркастична? Се разбира дека сум. Една од работите за кои повремено знам да излезам од кожа се двојните аршини и мешањето во туѓи животи, или таканаречено пикање нос таму кај што некој не е поканет. И затоа, ќе дробам и ќе дробам за ова дури не ви станам толку досадна, што ќе ви се потслоши.
Ич да не берите гајле кој со кого, зошто и како. Се грозите во друштво и пред оние кои се подобни, а мислите ви се за 6 Оче наш и 3 месеци во манастир, со строг пост и тешка физичка работа. И секој од вас има мислење за туѓите животи. А знаете тоа за мислењето, дека е како задник. Носете го со себе, ама па и не морате да го покажувате околу. И? Што ве шокира толку? Дека луѓе и над 40 и кусур, без оглед дали се сами, во врска или брак, может да се вљубат ко да имаат 17? Дали ве шокираше тоа дека некој се вљубил, или дека имал храброст да се носи со тој момент, притоа знаејќи дека ќе покрене лавина која може сериозно да му наштети (интимно или професионално, сеедно)? Или можеби ве шокираше дека некој имал доблест да пресече однос кој повеќе не го сака, со должна почит кон првичниот партнер без да прави магаре од него во очите на другите.
Ајде едно по едно. Учам низ животот дека ништо не е онака како што изгледа на прв поглед. Секако, тоа се однесува и на убавите и на неубавите работи. Па полека сфатив дека нема само црно или бело, туку дека од црното до белото има еден цел спектар на бои. Па сфатив дека не џабе е знакот на јин и јанг, во кој се покажува дека во секое арно има малку неубаво (да не речам лошо) и дека во најлошото сепак постои зрак надеж или убост. Никој од нас не е совршен, не само во очите на другите, туку и во свои очи. А секој од нас копнее да биде сфатен и прифатен со сите свои доблести, мани, одлуки.
Ок. Во врска сте. Врската тера некое одредено време и некако природно доаѓа моментот кога стапувате во брак. И тоа си тера, се раѓаат деца, се ускладувате и за тоа. Е сега, имате луѓе кои природно (не навлегувам дали е од табиетот или наметнато од околината) остануваат во брак со една личност до крајот на својот живот. Главната мистерија тука ми е дали тоа е дека ја негуваат љубовта и го сакаат партнерот со истата жар како и првиот ден (!) или е тоа само некоја млакост и линија на помал отпор за да се преземат драстични чекори.
Исто така, енигма ми е дали оние кои судат за другите и го осудуваат чинот на развод се навистина чисти и во мислите и во делата. Па мајку му, јавна тајна е за многумина дека со години имаат афери и љубовници, ама на секој одмор, слава, родендени и свадби се со женичките или мажулињата, кои служат само за заедничка фотографија. Јавна тајна се долгогодишни парови кои се во брак (секој од нив посебно) и со по едно до две деца, а заедно се појавуваат насекаде. Истото важи и за вас кои мислите дека успешно се криете. Не постои успешно криење за оваа нација која е склона да сака да ѕирка во туѓи животи, а посебно во туѓи кревети. Значи, знаеме се’ за секого. И тоа вашето криење и лажење ем дома, ем пред деца, ем пред пријатели...а појавување со љубовникот или љубовницата наоколу, при што прилично јавно и себично му набивате рогови на партнерот дома, е бљак. А тие дома последни дознаваат. Некогаш од што се сожалувани од околината, некогаш од што само сеирот е подолг за гледање.
И сега, има па една сосем друга категорија на луѓе. Таа категорија на луѓе е чесна и со себе и со брачниот партнер и со новата љубов...ма со цел свет. Таа категорија е ретка, за жал, ама многу има да се учи од нив. Прво, немојте да ми продавате лажен морал за тоа “леле како можеше да се случи?!!!”. Така шарено, ко што би рекле децата. Љубовта не прашува. Едноставно настанува клик и тоа е, нема бегање. Секако дека отпрво човек се преслушува и гледа дали односот во кој веќе е, може да се подобри во квалитетот на комуникацијата, начинот на однесување еден кон друг, па и сексот. И да, замислете, сексот е битен и тоа многу. Прочитајте го статусот на Фросина која говори токму за млаките односи меѓу луѓето и за важноста на искрите и физичката привлечност. Потполно се сложувам. Да, да е добар и нежен и питом и се’...ама без да се погоди и моментот на физичка привлечност која ќе донесе страст, не бива. За првото без второто имате пријатели. значи, домашното ви е да ја прочитате Фросина.
И откако веќе се случува потрес кој не ви дава мир, чесно е да сторите нешто околу тоа.
Не сте нималку лоши родители ако ви се случи да се вљубите. И да, верувам дека само среќни луѓе можат да одгледаат среќни деца. А среќата не се глуми. И ко што би рекла Цецка моја, децата имаат и уши, не само очи. Не сте лоши луѓе ако сте одлучиле да ставите точка на врска или брак кој неповратно изгубил од квалитетот. Напротив, должни сте да се ослободите не само себе, туку и партнерот и да му оставите можност и шанса да си ја најде среќата со некој друг, со кој ќе биде како грнче и капаче.
Не сте лоши луѓе ако одлучите свесно и на мирен начин го средите односот со брачниот партнер, па макар средувањето значело прекин на бракот. Полошо е и поголема штета правите ако сте константно несреќни, оти така го унесреќувате и оној со кој живеете, па и децата.
Муабетот ми беше. Ако нешто не оди, прекинете го. Имајте почит и доблест да не правите од царицата магарица, и од царот магаре. Поставете се чесно секогаш и не дозволувајте оној кој ви бил низ годините љубов да стане цел на потсмев оти вие не сте одлучни или се плашите што ќе кажат комшиите. И да сте раат, веројатно и комшијата има некоја скриена сексуална фантазија за онаа од 5-ти спрат, а комшиката оди во теретана за да се најде со љубовникот. Разликата е само во тоа дека оние кои се храбри да го живеат своето, ударите ги примаат онака како што впрочем и одбрале да живеат...чесно. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Не знам
не научив љубовта да ја делам
по денови, недели, месеци
или како во месарница
како парче мртво месо да ја измерам
па да тргнам колку ќе ти дадам денес
издинстана на тивок оган
со зачини внатре и посолена
а останатото да го замрзнам за друг ден
не научив на милилитри да ја токмам
па еве
овој месец секоја вечер по една мала чашка
за лека ноќ без мраз, како скап коњак
или пак во сантиметри
чекори
букви или броеви да ја двојам
тоа е моето проклетство,
за сиве овие години не научив
ниту пак посакав за таква љубов да знам
половична и тажна
пресметана и измерена
и затоа ретко љубам
оти сум како дете
оти во себе милост носам колку за сиот свет
и љубам, без усул љубам
со тело, душа, срце
очи и уши, усни и заби
гради и стомак, матка и крв
сета љубов во мене што тлее
душава како хартија ми ја гори
со срцево оган потпалува
како доенче ме исцицува
како ненаситен љубовник
без здив ме остава
како животот ме уморува
како смртта ме покорува
безмилосна како полната месечина
ме јаде, дроби, пеплосува
и дур на коленици ме фрла
знам дека поинаку не умеам да љубам.