Ракометарките од „Вардар“ на едукативна работилница со доктори од „Аџибадем Систина“ за подигнување на свеста за женското здравје
Месец октомври е месец за подигнување на свеста за ракот на дојка, а Клиничката болница „Аџибадем Систина” го одбележува со неколку работилници и едукативни средби за женското здравје во институции и домашни компании. Низ нив треба да се потенцира потребата од зголемување на свесноста кај младите и кај жените воопшто за превентивни и редовни гинеколошки прегледи и самопрегледи на дојка.
Првата интерактивна работилница беше одржана со ракометарките од РК „Вардар“. Во присуство на членови од стручниот штаб, Индира Кастратовиќ, тренерот на клубот Драгана Ристова, тимот специјалисти од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ низ едукативни разговори ги информираше ракометарките за гинеколошкото здравје, деталите за самопрегледи на дојка и важноста на тој преглед, ризиците и можните заболувања на тироидната жлезда.
На средбата од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ присуствуваа д-р Гордана Петровска специјалист по гинекологија и акушерство, д-р Маја Стојчевска-Чапова специјалист по радиодијагностика и Лилјана Муратовска, специјалист по нуклеарна медицина. Сите беа на располагање и одговараа на прашањата на ракометарките, на нивните дилеми.
На ваков начин Клиничката болница „Аџибадем Систина“ како општествено одговорна компанија го дава својот придонес за зголемување на грижата на жените за сопственото здравје во општетството. Болницата се надева дека акцијата ќе биде еден позитивен импулс во зголемување на свесноста за ризиците од малигните заболувања во време на раст на бројот на пациенти со ваква дијагноза.
„Сепак, не треба да се прави преглед само во октомври. Важно е редовно да се прават самопрегледи на дојката, а во нашата болница има најсовремена опрема за брза и прецизна дијагностика. Секако располагаме со врвна технологија, мултидисиплинарен пристап, врвен третман кај пациентите кај кои е детектиран канцер, прецизна и зрачна терапија, современа хемо и биолошка терапија“, вели д-р Чапова.
Интерактивните средби ќе продолжат во текот на месецот.