Разбудете ја убоста на животот со најблиските

Добивај вести на Viber

Секој од нас, во одреден стадиум од својот живот сфаќа дека некогаш зборовите се непотребни. Делата зборуваат помоќно од она што ќе го изустиме. Токму тогаш, без да планираме и да се трудиме луѓето почнуваат да не прифаќаат онакви какви што сме. Луѓе кои не се божествено совршени, но имаат човечка убост во себе, покрај целата таа несовршеност.

Сите ние постојано сакаме да се докажуваме колку сме научиле, кои вештини сме ги стекнале, а кои сме гинадградиле. Но, животот тече. Понекогаш побрзо од што може да замислиме. Колку пати кога ќе ни се случи некоја трагедија, се фаќаме како разбираме дека животот не трае вечно, дека сѐ што почнува, порано или подоцна мора да стаса до својот крај. Во тие мигови секој од нас разбира дека нашите приказни имаат ограничен рок на траење. Не мора да раскажуваме што сме направиле, не мора да појаснуваме зошто баш така сме одлучиле, не мора да се трудиме на сите да им се допаднеме, да анализираме што се кажал некој за нас, дали во тоа има ронка вистина или не… На луѓето не мора да им се правдаме. Не мора ни да им кажуваме што правевме, што правиме или што ќе правиме.

Во тие моменти ја разбираме моќта, силата на тишината, убавината да бидеш сам со себе, со своите мисли, со својата душа, да разбереш што навистина сакаш, што те прави среќен и ти ја враќа насмевката. Но и тие моменти на себеспознавање и разбирање дека животот лета без да сопре траат кратко.Сè додека не ни се случи некое ново слично будење.

Кога ќе изгубиме некого или нешто, тогаш ја разбираме вредноста, неговата во нашиот живот, но и животот и неговата моќ воопшто.

Време е да научиме да го правиме тоа пред настаните да се случат, а ние да не можеме да ги смениме веќе. Време е да научиме дека нашиот најтесен круг луѓе е и најпосебен. Нив треба да ги чуваме и негуваме како капка вода во пустина. Да им кажеме дека ги сакаме и тоа не само еднаш туку повеќепати и тоа сега, токму сега. Да ги гушнеме без причина. Да го гледаме сонцето и облаците заедно. Да си раскажеме колку беше убаво кога како деца летавме летала, безгрижно занесени во таа неограничена убавина… Забележувате, ова се моментите кои ни покажуваат дека е убаво да го живееш животот, наместо да се грижиш дали некоја колешка ти подготвува нова сплетка, дали некој колега те прекорил со поглед, дали на работа денес згреши…

Ценете ги луѓето кои навистина се посебни за вас. Сега и овде. Барајте ја нивната близина. Уживајте во нивниот мирис, во убавината на нивната душа, во љубовта која заедно ја делите. Со нив, секој миг е незаборавен. Затоа дајте им шанса да ви го направат животот побогат и поубав.

За Женски Магазин, Вики Чадиковска