Редовно готвам, семејниот ручек ни е традиција: Интервју со Билјана Ивановска, претседателка на Антикорупциската комисија

Добивај вести на Viber

Енергијата ја црпам од редовна физичка активност, вежбање пилатес, возење велосипед или пешачење, открива Ивановска


Обелодени многу случаи во кои на мета се и актуелни функционери. Вели дека засега не се соочила со конкретни притисоци и нагласува дека транспарентиот и неселктивен начин на работа е основа за градење на довербата кај граѓаните. Претседателката на Државната Комисија за Спречување на Корупција, Билјана Ивановска, освен за нејзината работа, првпат во едно интервју зборува и за приватниот живот. 

* Не носите политички товар. Вашиот мандат го почнавте храбро, отворајќи многу предмети без пардон кон политичките елити, без разлика дали се работи за власта или за опозицијата. Се соочивте ли веќе со конкретни притисоци за Вашата работа?

- Оваа Комисија може да биде успешна само ако работи независно, непристрасно, неселективно и транспарентно. Токму овие принципи ние ги прифативме како основа за нашата работа и до сега, можеби малку чудно за нашиот менталитет, но, не сме се соочиле со конкретни притисоци .  

* Нагласивте дека ќе работите одговорно, транспарентно, професионално и законито.  Го должите ова, особено по скандалот со патните трошоци на претходната антикорупциска комисија. Како планирате да ја вратите довербата во институцијата?

- Мислам дека транспарентиот и неселктивен начин на работа е основа за градење на довербата кај граѓаните бидејќи имаат можност да се уверат како работиме и воопшто како функционира оваа институција.

* Имате сознанија за непотизам, конкретно за повеќе местени огласи за вработување. Дали очекувате објективна разрешница на овие случаи?

- Со анализа на состојбите поврзани со непотизам утврдивме слабости во системот на вработување, кои, бидејќи се присутни во подолг временски период нанесоа голема штетауништувајќи го системот на вредности и придонесоа за масовно иселување на квалитетни и високо квалификувани кадри. Со нашите препораки и иницијативи очекуваме подобрување на законските решенија поврзани со вработувањата во смисла ограничување на дискреционите права на одговорните лица и обезбедување избор на најквалитетни кандидати.

* Според многу меѓународни извештаи, Македонија долго време котира како земја со високо ниво на корупција. Која е Вашата оценка за моменталната ситуација?

- Високиот степен на корупција во една земја е резултат на гушење на демократските процеси. Фигуративно кажано, таа навлегува во општеството како црвот во јаболкото. За жал, во нашата држава корупцијата стана составен дел на животот и начин за постигнување на одредени цели. Таа има длабоки корени и многу е тешко состојбата да се промени за кратко време. Но, без оглед колку и да е далеку крајната цел, уверена сум дека можеме да ја постигнеме. Најважно е да одиме по вистинскиот пат будејќи ја свеста кај граѓаните.

* Во време кога СЈО ги објавуваше „бомбите“ за тогашната власт, обвинителките важеа за едни од најхрабрите личности во државата. Вие обелоденивте случаи во кои на мета се и актуелни функционери за што граѓаните сега аплаудираат слично како и тогаш. Како Вие се чувствувате?

- Наидовме на позитивните  реакции за нашите почетни резултати бидејќи граѓаните се жедни за правда, тоа за нас е голема одговорност и уште поголема мотивација. Пристапивме кон првиот чекор за решавање на проблемот со вработувањата, а тоа е низ конкретни случаи на спроведени постапки за вработување. Утврдивме слабости во законската регулатива кои оставаат простор за влијанија при вработувањата.

* Во Вашата лична биографија напишавте дека сакате да живеете во општество во кое ќе се почитува системот на вредности, а квалитетот ќе дојде до израз наместо да ја напушта државата. Сте имале ли Вие во даден момент желба, но и можност да ја напуштите нашата земја?

- Никогаш не сум помислила да ја напуштам земјава. После секое патување во странство ми се зголемува желбата да направивме успешна приказна во нашава држава, но неопходно е да создадеме услови за беспрекорно функционирање на системот на вредности и интегритет. Првите резултати од работата на Комисијата се насочени токму кон градење на овој значаен систем.  Мислам дека можеме да успееме.

* Како жена, со кои предизвици, со кои стереотипи и предрасуди се соочувавте додека ја градевте Вашата професионална кариера?

- Кога станува збор за професионалноста, никогаш не сум правела ниту правам разлика помеѓу мажите и жените, ниту сум сметала дека сум во подредена положба поради фактот дека сум жена. Секогаш сум спремна за дебата со аргументи без разлика дали е тоа со колега или колешка. Но, кога во дебатата наместо одговори на аргументите се соочувам со одговори од позиција на делегирана моќ и суета, ситуацијата навистина станува непријатна, но борбата не завршува.

* Според Вас, кои се принципите на патот на успехот за една современа жена?

- Неопходно е секој, па и современата жена, патот до успехот да го трасира со професионалност, одговорност, посветеност, со зголемена општествена свест и надминување на личниот интерес, дотолку повеќе што личниот успех е само едно делче од големиот заеднички мозаик на успехот.

* Како балансирате меѓу деловниот и приватниот живот?

Со добра организација, но и со меѓусебно разбирање и почитување балансот се постигнува. За мене е многу важно ефикасно користење на времето преку комбинирање на активности и отсуство на празни чекори.

* Вие сте мајка на три деца. На која возраст се и кои се нивите интереси? 

Да, имам две ќерки на возраст од 27 и 21 година и син на возраст од 14 години. Ќерките тргнаа по патот на современите текови на информатиката. Првата ќерка 5 години работи како програмер во приватна ИТ компанија, а втората очекувам следниот месец да дипломира на ФЕИТ и да биде успешен програмер по примерот на сестра ѝ. Синот завршува основно образование и следната учебна година ќе започне со средното образование.

* Како Ви почнува еден работен ден, со кого го пиете првото кафе?

- Вообичаено денот го започнувам околу 6 часот. Најчесто пред да одам на работа завршувам дел од домашните обврски. Не пијам кафе, но првиот чај редовно го пијам со колегите. Тоа ни се многу важни заеднички моменти кога си ги споделуваме впечатоците и информациите за актуелните прашања и предизвици кои се пред нас.

* Како изгледаат Вашите семејни мигови? Каде ја насочувате енергијата, кога не сте фокусирани на обврските?

- Во нашето семејство се почитуваат семејните вредности и традиции. Секој период од животот е интересен и си носи свои обележја. Како родители сме среќни што нашите деца се изградени самостојни и независни личности, за што посветивме особено внимание. Како љубител на добра храна редовно ја подготвувам, дотолку повеќе што имаме традиција да се собираме за заеднички семеен ручек. Често пати си организираме и дружби со пријателите. Енергијата ја црпам и од редовна физичка активност, вежбање пилатес, возење велосипед или пешачење.

Ѓорге Стојанов