Родители на распуст
Нашите родители беа супер. Ние веќе не сме деца. Пораснавме. Ја презедовме нивната улога. И потфрливме.
Во трката да бидеме супер родители, кои ќе бидат подобри од своите во истата улога, покажавме дека не сме баш дораснати.
Сакаме децата да ги сочуваме во стаклено ѕвоно, додека не пораснат, да им ги исполниме сите желби, да им бидеме другари. Притоа забораваме на многу нешта.
Децата ќе имаат другари. Некои ќе им останат до крај на животот, други ќе имаат епизодни улоги. Она што навистина ќе им треба е некој кој ќе го држи сидрото, додека се движат по немирното море. Некој кој ќе им укаже дека спокојот кој го гледаат денес, може да го однесе ненајавен ветар.
Децата ќе имаат милион желби. Исполнувањето на истите ќе трае кратко. Токму затоа најважно е да научат дека постојат работи кои немаат минливост и кратко време на употреба. Во нив љубовта, грижата за другиот, почитта кон соученик, повозрасни, некому кому треба да се помогне, се позначајни и од најскапата играчка која може да ја добијат денес, а веќе утре да не биде интересна.
Денес сите имаме сè, а некако имаме впечаток дека нешто ни фали. Е тоа се пресликува кај децата. Па ако не им е интересно само миг, треба да бидете магионичар и да најдете пари за да купите нова играчка која ќе трае цели пет минути на интерес. Но, на децата не им требаат сите играчки од продавница. Им треба нашето време. Да, знам дека е тешко да го купиме тоа. Посебно во условите во кои живееме со години. Но, сепак мора да се потсетиме дека на нашите деца им треба љубов. Многу љубов. Им треба грижа. Но, не претерана, за да го задуши идентитетот кој се создава во нив. Им треба насока. Им треба појаснување за да можат да го разликуваат доброто од лошото. Убавото од неморалното. На децата им требаат граници. Ако ги нема никогаш нема да научат дека не се божества на кои сите во животот треба да им се поклонуваат.
На моменти секој од нас, посебно следејќи ги сите настани кои се случуваат во училишните дворови, се запрашува, па добро дали ова е нормално? Дали е нормално децата да се тепаат? Некој ќе рече, е така откриваш дали некој ќе стане „мек“ кога ќе порасне. Навистина? Тоа ли е? Кои сте вие да одлучувате за судбината на една детска личност врз основа на една тепачка? Па зар сите треба да бидеме насилници? Која е пораката која ја испраќаме до нашите деца? Тепај, ако некој те тепа. Ако не, ти ќе бидеш никаков?
Господе боже, какво е ова општество во кое битката за докажување по кој било основ, треба да биде една тепачка?
Децата денес не ни се културни. Немаат почит кон никој и ништо. Не знаат кога да престанат. Кога ќе погрешат, не се виновни. Виновни се оние кои треба да бидат нивна водилка во животот.
Што направивме од нашите деца? Зошто станавме такви? Зарем навистина мислиме дека некој друг е виновен за нивните грешки, а не ние сами? Зарем навистина мислиме дека ќе ги пуштаме во училиште и тоа е. Таму треба да научат сè, па дури и како да се однесуваат? А ние сме на родителски распуст во меѓувреме.
Потфрливме како родители. Многу. Се караме на родителските средби, се наметнуваме чие дете е подобро, се жалиме на други деца и родители, а притоа се правиме слепи и невешти, кога ќе забележиме дека некое дете е злоупотребувано дома или тука во училиштето од децата кои со него ја делат истата училишна судбина. Критиките како родители тешко ги прифаќаме, небаре ќе ни се сронат бисерите ако признаеме дека сме погрешиле. Нема ништо полошо од разбеснети родители кои ги бранат своите агресивни деца, тврдејќи дека се невини, само малку си играле, па го удриле другарот, иако оваа епизода има веќе 10 епизоди.
Такво е времето во кое живееме. Време во кое нема вистински вредности. Време во кое ќе се одминете, а нема да се поздравите со соседите. А во тој мал поздрав, кој не чини ништо, има многу пораки. Една од нив е, какви луѓе станавме.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска