Родителите да не ги носат децата, ако има кој да ги чува: Министерка за труд и социјала со апел

По одлуката дека градинките повторно ќе почнат да работат на 9 септември, а до тогаш се должни да се подготват за работа, денес беше одржана прес-конференција.

-Aпелирам до семејствата доколку имаат кој да го чува детето во домашни услови, да не го праќаат во градинка. Доколку во една градинка е исполнет капацитетот детето може да биде згрижено во друга градинка каде има слободно место, но само во рамки на иста општина. Инаку, останува на сила владината мерка согласно која вработените да бидат ослободени од работа доколку имаат деца до 10 годишна возраст, истакна новата министерка за труд и социјала, Шахпаска на денешната прес-конференција.

Градинките ќе почнат со работа на 9.септември, бидејќи согласно протоколите од Комисијата за заразни болести, тие ги исполнуваат условите. На денешната заедничка прес-конференција, Шахпаска нагласи дека капацитетот на градинките е 19.000, но во почетокот ќе бидат згрижени 14.555 деца, бидејќи толку биле пријавени од страна на родителите. Предност имаат децата на самохраните родители и на родители кои се и двајцата вработени кои немаат можност да отсуствуваат од работа, за што треба да достават потврди. Таа упати и порака до родителите, да не ги носат децата во градинка, ако имаат можност да ги згрижат.

Истовремено, министерот за здравство Венко Филипче детално ги презентираше протоколите според кои ќе работат градинките - за тоа читајте на Фактор.