Родителите ни починаа во иста година: Искрено со сестрите Катерина Тодевска- Спасиќ и Ана Тодевска

Добивај вести на Viber

За само една година, новинарките Катерина Тодевска- Спасиќ и Ана Тодевска ги загубија своите родители. Двете сестри, оваа болка уште повеќе ги зближила и ги направила посилни. Шарматните дами имаат многу сестрински сличности кои ги поврзуваат, а една од нив е силната љубов кон својата професија, новинарството. Ана е новинар и презентер на вести на телевизија Алфа, а Катерина во моментов е посветена на емисијата „Најдобриот работник“ на ТВ 24.

-Со новинарството, веројатно индиректно сум живеела постојано, уште во детството, со оглед на тоа што мојата мајка Марика била радио водител, потоа работела во НИП Нова Македонија, во нашиот дом се негувал македонскиот јазик, убавото говорење, се читаа сите весници, книги, списанија, за се' бев во тек, иако директно не ме интересирале, учев нижо музичко, средно музичко, свирев виолина и пијано, потоа на Факултетот за музичка уметност, музиката беше мојот живот, но во претходниот живот. Сестра ми за секоја емисија, проект, настан како да подготвуваше докторска дизертација и секогаш мислев дека така секој новинар се однесува кон својата професија, секое прашање го знаев однапред и целиот процес на подготовка за сите гости, на некој начин ги "преживувавме" емисиите уште пред да се случат, сите три заедно...Искрено многу ми фалат тие денови, кога, да не слушаше некој од страна како комуницираме на свој сопствен и само за нас разбирлив начин, ништо немаше да му биде јасно, нам да“, ни раскажа Ана Тодевска.

Катерина пак вели дека сосема случајно се нашла пред ТВ камерите, затоа што „некој од горе“ ги редел коцките. 

-Јас сакав да бидам археолог, па психолог, за на крајот да се запишам на интердисциплинарните студии по новинарство на Правниот факултет. Моите беа среќни, јас уште лутав, ама кога почнав да работам во А1 ТВ и радио сфатив дека тоа е тоа, дека тоа сум јас. Всушност сите кои еднаш влегле во новинарството, тешко излегле од него. Има некоја магија, некое волшепствошто те опива, те носи, те прави среќен, те зашеметува. Тој адреналин кој го носи со себе оваа професија, едноставно мене ми е кислород, миги полни градите и ме одржува во живот“, раскажува Катерина.

Ана прва се вработила во радио затоа што завршила Музичка академија и требала да стане професорт по музика, но како што вели нејзината постара сестра Кате, „веројатно требало некој да умре за таа да добие работа“, па Ана побарала „чаре“ во радио.

-. И се случи љубов на прв поглед. И таа се опи одрадио тоа неа ја засака“, раскажува Катерина за помалата сестра. Кате со радост се сеќава на времето кога и двете работеа во ист медиум.

-А за тоа како се најдовме на иста телевизија два пати? Повторно некој од горе замеша прсти.

Во ТВ Нова јас влегов да работам, а таа по некое време стана дел од Хепи радио кое се наоѓаше веднас до нас. Когаимашепотреба од водителка за Утринската програма, ми рекоа да ја викнам во студио и ни предложија да биде дел од тимот. И така би.  Супер беше додека траеше ама се сруши се како кула од карти.. А во ТВ Алфа таа доби работа прво во утринската на Алфа, за пред некое време да добие место како презентер на вести,и не дека е моја, ама ова веројатно најмногу ѝ лежи. А јас со мојот проект и првата сезона на „Најдобриот работник“ влегов на ТВ Алфа. Така се случи во исто време двете Тодевски да бидат на ист медиум“, раскажува Катерина.

-Почнав сосема случајно да работам во радио, мојата прва љубов, откако завршив Музичка академија за три години со висок просек, некако немаше простор во училиштата за нов професор по музика без врски. Работев сѐ и сешто, и тоа ми е големо школо во животот исто така, од келнер, маркетинг агент, маркетинг менаџер, ПР на концертна агенција и од тука прикаската наречена новинарство почна сосема случајно, и трае веќе скоро 14 години, кога од претходниот мој ангажман ја најдов мојата професија животна, во која се чувствувам најмногу своја на своето, како во природна средина, радиото е посебна магија која ќе ме држи додека дишам. Тогаш, уредникот на Скај Радио, Дејан Радуловиќ на кого сум му вечно благодарна што го препозна во мене, она што јас веројатно отсекогаш сум го поседувала, а не сум била ни свесна за тоа, дека сум родена за работа во радио, а потоа дојде и телевизијата. За да си го "испечам" занаетот како што треба, најмногу ми помогна мајка ми, беше строга, но се научив од неа, дикција, правоговор, артикулација на глас, а од сестра ми како да го издвојам најважното од информацијата, секако тука е и умешноста на секој радио водител да биде забавен, пријатен за слушање, елоквентен, да знае да допре до слушателите, зашто единствено гласот е најмоќната алатка. Потоа се редеа медиумите, Скај Радио напоредно во 24 Вести, Македонско Радио 2, РСМ и напоредно Хепи Радио и Тв Нова, комбинирав радио и тв и не ми беше тешко, всушност не работев, уживав и сега сум во Тв Алфа“, зборува Ана со љубов за својата професија.

Она што засекогаш ќе остане како празнина во нивните души е загубата на родителите. И мајката и таткото на Ана и на Кате починале во иста година. 

-За загубата на родителите не сакам многу да зборувам, зашто на сите јазици на овој свет не постои таков збор на болка. На душман не посакувам да го доживее тоа што јас го доживеав, во една година да ги изгуби најдобрите луѓе на светот, најдобрите другари, најдобрите мајка Марика и татко Младен, со многу тешки дијагнози, по болници со години, стресови и трауми. Многу се сакаа и не можеа еден без друг, затоа и си заминаа еден по друг. Издржав само заради нив, за нивната преголема жртва и љубов кон мене, да поместувам планини сама, да бидам секогаш достоинствена, искрена, чесна, лојална и професионална“, раскажува Ана за болниот период од нејзиниот живот.

Ниту Кате никогаш не сакала јавно да зборува на таа тема. „Ги загубивме двајцата за само 10 месеци. Никогаш веќе нема да биде исто. Не сакам да откривам детали за таа многу болна тема, ама ќе ви кажам само дека ги имавме  најдобрите родители на овој свет. Не научија да бидеме добри ичесни луѓе и нѐ научија да се бориме за нашето. Она што ми паѓа тешко е што не нѐ видоа заедно на ТВ, а знам дека наша мама Маре многу ќе се израдуваше. А тато Младен,тој беше тука за нас, неговата борба беше ние да сме среќни, не дека итој немаше да се израдува, ама немаше да каже и да се фали како мама. Но, знам дека нивната енергија е тука и веројатно веќе знаат и играат танго прославувајќи ја нашата сестринска заедничка ТВ дружба“, открива Кате.

Кога им се случила загубата на родителите, Катерина имала 42 години, а Ана шест години помалку.

- Реков, не би зборувала многу, освен што ќе кажам дека напред ме туркаше мојата Јана, мојот сопруг Далибор, нивната љубов, работата. Загубата на родителите ме смени многу, ме направи посилна,ми се чини дека можам да поместам планини, да направам сѐ за моето семејство, за мојата Јана“, вели Кате.

-Во најтешките моменти сфаќаш кој си и колку си силен всушност, кој ти е пријател, а кој само привидно бил, тогаш ти се отвораат очите и мислите и чувствата, ме смени нормално тој период, живееш тотално нов живот без нив, се навикнуваш на болката и ти недостигаат во секој момент, посебно за празниците, за секоја радост и тага да ја споделиш со нив, разговорите со нив. Тие најмногу се радуваа и ги даваа најубавите совети, сега се заедно таму некаде, и тоа ми е некоја утеха, заедно се и ништо не ги боли. Го намалив кругот на мои блиски луѓе, малку се, но знам кои се вистинските“, раскажува Ана која никогаш немала трема при појавувањето ан ТВ или пред радио микрофонот, за разлика од Кате која за себеси вели дека била тремаџика.

-Ужас.. Јас имав трема за сите пари. Ме ставија го оган на А1 И поладневната програма „Тротоар“. Знам дека долната вилица ми се тресеше, знам дека не можев да се смирам. Па, дојде Канал5 иЖурнал 5, попладневна програма, па 15 години мојата голема љубов Телма, па дојде ТВ Нова, па дојде колапс, па Кате смисли одлиќен проект што го реализира и ден денешен со прекрасен тим, втората сезона на „Најдобриот работник“, која се емитува на ТВ 24, а Кате во исто време тргна иво нов проект наречен радио Лидер и супер ни оди.  . Најгорда сум на првиот проект направен под капата на мојата „Екатерина продукција“, НАЈДОБРИОТ РАБОТНИК, затоа што станува збор за еден многу интересен проект. Најдобриот начин да ги направиме работниците вредни, да им посветиме внимание, да ги наградиме најдобрите и да ги направиме луѓето срекни “, раскажува Кате за своите успони и падови во работата.

За Ана пак, најголемото професионално разочарување е распадот на за неа големиот и најубав тим од Тв Нова. „Но, некои работи не зависат само од нас, така требало да биде.“, вели Ана.

Кате и Ана се братучетки на Тамара Тодевска и на Тијана Дапчевиќ, а музиката и глумата како приказна е присутна во нивното семејство и преку талентот на Јана, ќерката на Кате.

-Јана е најубавото нешто што ми се случило. Јана е моето сѐ, Јана е супер дете, се согласувам талентирано кое има сон усте од своите шест, Холивуд и позната глумица ќе стане, ќе направи две куќи една до друга, една за неа и за нејзиниот избраник, а другата за мама и тато. Си знае таа и си тера,  де реклама, де спот, де уште реклами, де современ танц, де балет ама класичен, де снимање на кратки видеа.. Супер дете со супер енергија. Знам дека ќе се гордееме со сите нејзини успеси, како досега, така иво иднина. Особено оној дел со Холивуд“, вели Кате за својата Јана.

Ана додава дека Кате секогаш ја имала нејзината целосната поддршка и љубов. „И таа за мене, се сакаме и тука сме една за друга, а внука ми Јана е мојата најголема љубов со шеќерче одозгора. Ако теткината љубов е толку голема и искрена, едвај чекам да ја доживеам љубовта кон своето дете, да бидам добра мајка и сопруга.Би сакала одново да се почитуваме како луѓе, после короната веќе ништо не е исто, многу себичност видов, его... Сакам здравје и ум за сите, повеќе насмевки и љубов, љубов на тони како што конечно ја имам јас и благодарна сум за тоа, тој е мојот свет, мојот Универзум“, вели Ана за крај.

Ана и Кате се пример дека од лошите нешта кои им се случиле на приватен и на професионален план, секој човек може да се издогне над проблемите и да ги победи со силна волја и љубов.

Милица Џаровска