Сакам на Евровизија со песна од Маре: Бојана Скендеровски најави регионална кариера, а сопругот ја изненади пред пријателите

Добивај вести на Viber

Српскиот пејач Драган Којиќ- Кеба ја запознал Бојана Скендеровски со познатиот композитор Саша Милошевиќ-Маре кој е автор на новата песна на нашата поп-пејачка, „Среќа и несреќа“.

Бојана направи забава за пријателите и соработниците за промоција на оваа песна во Продукција „Скендеровски“, која е снимена на македонски и на српски јазик, и е најава за пробив на регионалниот пазар на Бојана.

-Бојана е одлична. Имате, што би се рекло добар извозен материјал, рече на промоцијата композиторот Маре, кој е инаку автор на победничката песна „Молитва“ на Марија Шерифовиќ на „Евровизија“, и дел од жирито во шоуто „Никогаш не е доцна“.

Водителот на промоцијата, Ненад Ѓорѓиевски, рече дека познатиот композитор, по победата на Шерифовиќ на Евровизија со „Молитва“ би било убаво ако направи евровизиска песна и за Бојана.

-Би сакала да одам на Евровизија, и тоа со песна од Маре. Но, ако би одела тоа би требало да биде добро осмислен, комплетен настап. Инаку, Маре е мојот омилен композитор и среќна сум што ја имам честа да соработувам со него. Нѐ запозна Кеба, тој е наш семеен пријател, ни изјави Бојана по забавата. Таа нагласи дека е среќна што има успешен проект, и што повторно се дружиме на стариот начин, во живо по две години пауза.

Пред почетокот на промоцијата на песната која доби аплауз и позитивни критики од гостите, на видео бим се емитуваше видео приказна од целата кариера на Бојана. Од нејзиниот настап на М2- „Плеј потрага по ѕвезда“ во 2002 година, победата на „Макфест“ во 2003 и во 2015 година, учеството на интернационални фестивали, и онаа најважната нејзина улога како мајка на Искра и на Ѓорѓи и сопруга на Васко.

Ова видео беше изненадување од сопругот за кое Бојана не знаеше. „Го оставам за крај, не затоа што е најмалку важен, туку затоа што ми е голема поддршка. Важно е да имаш поддршка во оваа работа“, рече Бојана за својот сопруг кој ѝ подари букет ружи.


Комплетен автор на песната „Среќа и несреќа“ е Саша Милошевиќ-Маре, а препевот на текстот на македонски јазик е на Огнен Неделковски. На промоцијата дојде и познатиот хитмејкер Григор Копров, со кого Бојана ја започна својата кариера, и посебно му се заблагодари за сѐ што ја научил.

М.Џаровска

Фото: В.Тануровски

ГАЛЕРИЈА: