Сама јас сум си најголема мотивација: Утринско кафе со Јована Трајковска

Добивај вести на Viber

Секој нов ден ми започнува различно од претходниот. Но секогаш се трудам да ги следам своите навики, станувам во 09:00 часот, се средувам себе си, го средувам домот, потоа вежбам и го завршувам во целост тренингот што ми предвиден за тој ден. Веднаш потоа доаѓа и оној посебен период од утрото кога го подготвувам појадокот и го пијам првото утринско кафе. Ми се случува да го делам тој момент со блиските, но искрено најмногу ме релаксира кога кафето го пијам сама. 

Самата јас сум си најголема мотивација, така секогаш се трудам повеќе и повеќе, можам да гледам и да се инспирирам од секоја личност што постигнала успех во животот, но доколку не си дадам до знаење дека сакам јас да направам нешто, се останато е залудно. Било тоа да станува збор за успешно завршување на денот, извршување на работните обврски, поголема активност или цел во животот. 

Од дневни обврски би издвоила, уредност, тоа ми претставува "десна рака", доколку не  е околу мене уредно, не можам да функционирам. Морам да го средам домот, па плакарот и да се подготвам јас, а дури потоа да почнам да го спроведувам планот за денот, кој што патем секогаш ми е осмислен од претходниот ден. 

Имам планови околу работата, секогаш гледам на време да ги завршам тие обврски и да не ги оставам да чекаат, тука е и фотографирањето, каде што минимум два дена од неделата посветувам на организација и реализирање на планираните фотографии.  Сакам здраво да се хранам па голем дел од денот го поминувам и во кујна, тоа на некој начин ме исполнува. Ми се случува во денот да морам да се посветам и на студиите, но со добра организација се завршува се‘. Така секој ден ми е исполнет и ретко кога наоѓам слободно време. 

Можам слободно да кажам дека карантинот кај мене навистина влијаеше многу, сепак сум личност на која што и е најубаво дома, па некако ги адаптиравме обврските и работата да ги спроведувам на тој начин. Сега некако постепено и полека почнуваме да се враќаме во првобитната состојба и на она претходно на кое што ние всушност и бевме навикнати. 

Денот најчесто ми завршува со вечера, туширање и гледање телевизија. Но се случува, најчесто викендите, денот да заврши со излегување надвор со семејството или пријателите, во ресторан или во супер друштво во домашна атмосвера.

Сакам да гледам убав филм, особено во добро друштво.


* Јована Трајковска - блогерка, инфлуенсерка *