Само кога ги раѓав децата, одмарав од театарот: Интервју со Тања Кочовска
Публиката ја сака поради нејзината природност, искреност и смислата за хумор и умешноста да се шегува на своја сметка. Најмногу ја обожаваат децата, особено кога во Театарот за деца и младинци глуми глушец, принцеза, каубој.. Покрај сево ова, Тања Кочовска-Павловска е единствена појава поради својот голем двоен талент, пеење и глума. Иако со фестивалите раскрсти пред повеќе од 20 години, нејзината макфестовска „Твојте очи мој сине“, остана како евергрин. Пред Тања, од неодамна е нова животна цел. По 23 години, таа веќе не е вработена во ТДМ, кој го смени со МНТ. Од големата љубов кон својата работа, сѐ уште, паралелно игра и на двете сцени. Вели дека долго ја следел прекарот Тања Мањифико, поради нејзините родители, легендарните музичари Панче и Невена Кочовски од составот „Мањифико“. Горда е што е сестра на Лидија, сопруга на актерот Предраг Павловски, а најмногу зашто е мајка на Нела и на Александар. На почетокот од годината, откако го прослави својот 51 роденден, Тања искрено раскажа многу од своите приказни за „Женски Магазин“.
* Какво беше чувството по повеќе од 20 години да го напуштиш Театарот за деца и младинци и да заминеш во МНТ, ти беше ли ова тешка одлука?
- Не е лесно после 23 години да се напушти еден театар во кој си растел, си созревал и си оставил многу труд, пот и солзи. Театарот за деца и младинци беше на врвот со години и тој врв го одржувавме ние седум глумци кои бевме вработени скоро од самиот почеток на неговото постоење. За 25 години преку 50 премиери и преку 3000 одиграни претстави. Тоа беа години кога бевме исклучиво посветени на таа сцена од проста причина што не смеевме многу да мрдаме и да прифаќаме работа по другите театри. Колку е тоа добро или лошо не можам да кажам, но знам дека ни фалеше. Режимот во тоа време беше таков и затоа можеби даваше и такви резултати во работата (награди од сите можни фестивали, долги редици на каса на ТДМ и потреба за карта повеќе). Бевме нарекувани „тешка артилерија“ од Македонија и навистина се гордеевме со тоа. Лично јас бев актер кој „живеев“ во театарот. Не помнам да сум одложила проба или претстава дури и кога децата ми биле во болница, ниту кога сум била болна, а после неколку операции по неколку дена продолжував со проба. Не помнам дека сум задоцнила некогаш на проба или претстава. Не помнам на пауза помеѓу две проби да сум отишла дома, а да не сум останала во театар и да ги одработам и тие два часа од паузата. Не помнам да сум побарала да одморам од некој проект освен кога сум ги раѓала децата, хахаха. И да не набројувам уште мал милион одговорности. Која е таа жртва за театарот? Која е таа одговорност? Која е таа љубов кон театарот? Театарот за деца и младинци ме „порасна“ мене и јас го „пораснав“ него. Тоа го споредувам како со мое дете кое кога ќе порасне ќе дојде ред и да се разделиме, но тоа не значи дека ќе го заборавам или ќе престанам да го сакам. Ова го зборувам поради трансферот што го направив во друг театар. Затоа година ипол размислував за „разделбата“ со Театарот за деца и младинци, но, промените секогаш годат, ни даваат поинаква сила.
* Дали е полесно да се игра пред детска или пред возрасна публика?
- Двете се тешки, хахаха. Детската е можеби „понаивна“, па во моментот критикува со тоа што станува немирна, доколку нешто не и се допаѓа. Повозрасните се покуртоазни, па отпосле критикуваат или фалат.
* Официјално не си вработена во ТДМ, но се уште играш во тамошните претстави. Кои претстави ги играш во МНТ а кои во ТДМ? Имаш ли и други активности освен театарот и како постигнуваш?
- Во моментот напоредно играм и во МНТ и во ТДМ. Не можам да ги набројувам претставите во ТДМ, тоа можат да го видат на сајтот на театарот, а во МНТ од 2015 „Мама Миа“ ми е петта премиера, ги има доста во двата театри. Нормално е дека имам и други активности покрај театарот, постигнувам се зашто го сакам многу она што го работам.
* Во мјузиклите дојдоа до израз двата твои таленти, пеење и глума. Како ти легна улогата на Рози во Мама Миа?
- Нормално во мјузикл да дојдат до израз моите два таленти. Роузи??? Ја обожувам. Ми „легна“ веднаш. На прво гледање на филмот „се препознав“ и кога режисерката не викна на прва проба, веднаш знаев што ќе играм. Музиката на „АБА“ е безвременска и сме растеле со неа на некој начин. Исто беше и со првиот мјузикл Чикаго, јас бев Мама Мортон. Толку, крај.
* Кога последен пат си настапила на фестивалска сцена, ти недостасува ли музиката од тој аспект?
Тања- Не сум пеела од 1995 година и не ми недостасува. Кога во 1993 година добив Гран при со песната „Твоите очи сине“ на „Макфест“, знаев дека тоа е врвот на мојот успех. Многу е полесно да се постигне врвот, но многу потешко е да се одржи. И, тогаш решив да престанам со пеење зашто сакав животот да го посветам на мојата омилена професија, актерството. Ја спомнав 1995 година зашто од хоби настапив на „Макфест“, хахаха. Тоа беше мојот последен настап на фестивал, но никогаш не се одвоив од музиката.
* Зошто престаната да снимаш нови песни и како гледаш на денешната наша поп-сцена?
- Нормално кога ќе се престане со пеење, ќе престане и снимање на нови песни. Како гледам на денешната поп сцена? Па не гледам. Точно дека е поразлична и понеквалитетна од порано (со исклучок на дел од пејачите).- Нормално ја доживував нивната популарност. Така и ме учеа како мала-како што има луѓе што работат на шалтер во банка, продавница, фирма, така и нивната работа е пеењето-сцената. Во професијата никогаш ништо не ми било чудно, зашто уште од мала сум се дружела со познати пејачи, глумци кои ни доаѓале и дома. Значи од мала го живеам тој живот-живот на познати родители. Сите „детски болести“ околу популарноста и професијата ги прележав како многу мала. Со години бев Тања Мањифико, така ме викаа сите знаејќи чие дете сум, но тоа ме остави приземна и можеби и затоа публиката ја сака мојата искреност. Најдраги спомени? Ги има илјадници. Кога со часови вежбаа во дневната соба, а и јас со часови ги слушав и затоа ги знаев сите песни. Кога одев на патување во земјите каде што имаа концерти со мојата тетка (најстарата сестра на мајка ми) со која живеев седум години. Кога ме носеа на најразноразни фестивали (пример Скопскиот фестивал). Кога во тоа време ми ги испраќаа најубавите подароци од странство, кола на педали и кога ги качив сите мои другари и другарки, веднаш ја искршивме. Кога летно време „живеевме“ во изнајмена куќа на Хрватското приморје и уште многу други спомени.
* Кои особини најмногу ги сакаш кај мајка ти, татко ти и сестра ти Лидија?
- Кои особини? Талентот, професионалноста и тоа што на толку голема популарност и придонес како културни амбасадори на Македонија, останале нормални. Со преку 200 хуманитарни концерти за Македонија, не заслужи никој од нив национална пензија, хахаха. А на Лидија која е еден од најдобрите вокали во Македонија, не и се овозможи ниту еден концерт.
* Како функционирате Предраг и ти како двајца луѓе од иста професија, дали работата ја носите и дома по заедничка претстава?
- Тешко функционираат маж и жена кога се на исто работно место и тековните проблеми си ги носат дома. Сега се одвоивме и супер е. : -)
* Колку години имаат децата, во кој дел од вашето воспитување си најгорда на нив како мајка?
- Александар има 28 години, а Нела има 22. Александар заврши факултет за туризам, а Нела е апсолвент на филолошки факултет. Тие се деца кои се израснати со двајца актери, а актерскиот живот не е баш едноставен. Тоа се деца кои никогаш не ми повишиле тон и се благодарни на се што сме им дале во животот. Не дека некогаш не знаат да изненадат, хахаха. Се чувствувам многу горда мајка со добро воспитани деца.
* Луѓето те обожаваат поради твојот смисла за хумор и умешноста да се шегуваш на твоја сметка. Што те растажува и што те лути, и каква си кога си тажна или лута?
- Публиката ме обожува баш поради тоа што сум природна, што знам да се пошегувам и на своја сметка, но се ова за да биде така како што е, поминав многу години работа и труд. Нормално, мојата професија не можам да ја работам доколку не сум емотивна, а кога сум лута, е тоа е страшно и покрај големиот праг на толеранција кој го имам.
* На твојата најпопуларна и најлајкувана фотографија на Фејсбук си во костум за капење, а четворица мажи те држат во раце. Како настана таа слика, има ли приказна?
- Бев сама на одмор во Ријека кај мои пријатели, и кога отидовме на плажа ги сретнав тие згодни момци. Бидејќи во минатото се бавев со пливање и скокови во вода, а тие тоа не го знаеа, се договоривме да одиме на пристаниште и да се натпреваруваме. Кој ќе победи, ќе мора да го дигнеме на раце. Кога победив јас, беа од памет извадени што треба да ме дигнат. Нормално, "храбри" како и сите мажи на крај се сложија да го направат тоа, ама во вода, за да им бидам полесна, хахаха. И сега,треба ли да објаснам зошто кога ја објавив сликата напишав "Животот е прекрасен"?
* „Животот е прекрасен“ напиша под сликата, како насловот на претставата во која играш. Дали животот на Тања е прекрасен и која е твојата порака, зошто треба да му се радуваме?
- Па да, животот мој е прекрасен и покрај сите голготи. Кога ми се децата здрави и среќни, јас се чувствувам прекрасно. Научив да се радувам и на најмалите нешта во животот (пример: еднособен стан во Солун).Милица Џаровска