Сандра Митровска и Катерина Стојановска, солистки на Операта: Може ли овој лош сон да заврши?
Социјално дистанцирана опера?
Здравствено коректен балет? Може ли класичните уметности да се справат со
новите услови за функционирање кои ги наложуваат здравствените протоколи? По
5-месечна пауза, Националната опера и балет синоќа на „Охридско лето“ побара
одговор на овие прашања, со изведбата на балетот „Болеро“ и на гала-оперски
концерт, како прв настап на двата уметнички ансабли по упадот на вирусот во
нашето секојдневие.
Сандра Митровска и Катерина Стојановска, солистки на Националната опера, обете сопрани, по долгото отсуство од сцената, настапија на Гала-концертот со голема позитивна возбуда.
Сандра е во Операта од 2009. Како носител на главни услоги, ги пеела Леонора во „Трубадур“ , Мими во „Боеми“, Лиу во „Турандот“, Татјана во „Онегин“ и многу други. Сега за првпат настапи како солист на „Охридско лето“.
-Толку ми беше голема желбата за пеење, што прифатив со воодушевување. За разлика од претставата, каде што има градење и кулминација на ликот, во концертната изведба со една арија од 4-5 минути треба да раскажете конкретен сегмент од приказната. Секој настап е посебна возбуда и доживување – вели Сандра.
Катерина Стојановска е во Македонската опера од 2005. Како солист, носител на средни улоги, ја пеела Папагена во „Волшебната флејта“, Церлина во „Дон Џовани“, Валенсјен во „Веселата вдовица“ и многу други.
-По 4 и пол месеци се враќаме на сцена и тоа со настап на „Охридско лето“, каде што секоја година сме вклучени, но овој пат не е како секоја година. Оваа година ќе настапуваме под други услови, со запазени мерки и растојание. Се чувствував возбудено бидејки помина доста време од кога последен пат настапив пред публика, па имаше многу позитивна трема и адреналин – вели Катерина.
Што менуваат протоколите во оперската уметност и дали ќе ја сведат само на гала-концерти? Ќе има ли во иднина драматични љубовни дуети лице в лице, кои се во речиси сите оперски дела – врв на емотивниот климакс? Во овој момент никој нема вистински одговор на овие прашања.
-Многу нешта се менуваат. Нашиот ансамбл е најголемиот, зашто вклучува хор, оркестар, солисти и балетски играчи. Тоа се многу луѓе на сцена, на кои им е скратена можноста да си ја работат работата. Сега за сега - концертите на отворено се единствениот начин да музицираме. Навистина е тешко да се одговори ова прашање, бидејќи никој не знае што ќе се случува со пандемијата во иднината. Се надевам и посакувам што побрзо да заврши и да се вратиме на сцената слободни како што бевме пред неа – вели Катерина.
И Сандра посакува што поскоро враќање на матичната сцена. Концертите се, вели, некакво надоместување на оперските претстави, кои веќе 5 месеци не се на репертоарот.
-Со концертите можеме да музицираме со запазување на одредено растојание, според протоколот за заштита, и од сето тоа секој емоцијата ќе ја доживее парцијално без физичката блискост во која сме учени да дејствуваме на настапите во оперските претстави – вели Сандра.
На обете им недостасуваат сцената и публиката.
- Ми недостигаше и чувството пред претстава во костим, публиката и нашиот полн салон, подготовката на некоја улога, синергијата помеѓу целиот тим на сцена, режиските проби и целиот процес на создавање и созревање на ликот. И тоа настојување, целата емоција што ја поседувам во моментот да направам да допре до сите во публиката... И аплаузот со кој таа ќе те награди на крајот... Какво задоволство... Ми недостига сè – раскажува Сандра.
И Катерина го чувствува отсуството од сцената на сличен начин.
-Најмногу ми недостасува публиката, адреналинот, таа поттикнувачка возбуда пред претстава. Одењето на работа, дружењето со колегите, процесот на подготовки на една опера, во кој сите помалку стануваме ликот кој го пееме – и надвор од сцената. Со еден збор ми фалеше буквално сè. И сè уште ми фали, не знаеме што и како ќе биде понатаму и колку ќе трае сево ова. А, долго трае – вели Катерина.
Подготовките за „Охридско лето“ ги вратија и двете во таа состојба на позитивна трема пред настап. Иако во ова меѓувреме ниту за миг не престанале да се грижат за својата вокална и физичка кондиција, оти кај оперските пејачи тоа оди заедно.
-Тешки беа овие месеци, признавам.... Неработење на техниката и на пејачка кондиција е опасно. Да потпевнувам, за мене, не е исто како да сум сконцентрирана на работа во оперско студио. За физичката кондиција возам велосипед, со постојано продолжување на дистанцата, што кај мене се покажа како одлична метода за враќање и на мојата гласовна кондиција – вели Сандра.
Катерина вели дека пејачите се како спортисти. Не смее да се запре со тренингот.
-Кондицијата е најважна за нас, пејачите. Исто како спортистите, и ние мораме да сме секогаш во пејачка форма. Вежбав дома, учев нови арии, улоги, секоја вечер пешачам на кејот на Вардар или некаде во природа. Тренингот трае – раскажува Катерина.
Иднината на оперските претстави и постпандемиската опера се лизгава тема за разговор. Сите посакуваат сè, а никој во моментов не може да претпостави ништо. Секаде во светот.
- Ах, какви ќе бидат препораките, така ќе делува институцијата. Ние сакаме да можеме да работиме и да може повторно да се играат претстави. Концерти нека има, но да дојде време во нашиот салон повторно да се одржуваат целовечерни претстави, а ние даго работиме повторно тоа што најдобро го умееме, бидејки магијата е на нашата сцена – посакува Сандра.
Катерина споделува исти професионални желби.
-Ние сме најризична група, исто како и градинките и училиштата. Би сакала да се разбудам и сè да е како порано, да подготвуваме претстави и да имаме преполн салон.
Јасна Франговска