Се надевам терминот „карантин“ ќе биде минато: Утринско кафе со Љупка Галазка Василев

Денот секогаш го започнувам со чаша вода и вдишување на новото утро. Првото кафе, не ретко го пијам со колегите на работа.

Најголема мотивација за мене како уметник и наставник е моментот кога ќе предизвикаш насмевка и среќа кај другите.  

Немам посебна рамка во која го креирам денот. Се разбира, по завршувањето на работните обврски, денот го посветувам на семејството и уметноста, трудејќи се да воспоставам некој баланс меѓу нив, а не ретко оставам простор и за пријателите. 

 

Карантин - термин кој се надевам ќе биде минато. Враќањето во нормала не е некој тежок процес за мене, бидејќи никогаш не излегов од старата нормала целосно. Се трудев и физички и пред се‘ ментално да останам фит. Како и да е, процесот на изолација ни понуди можност да се свртиме кон себе и околу себе, за да забележиме убавина во нешта, но кои порано сме гледале на поинаков начин. Човекот секогаш има потреба од едно такво себеистражување, од еден таков "карантин" и тоа е сосема во ред, се додека не почнат да се доведуваат во прашање некои основни човекови права и начини на живеење. Работниот процес во тој дел исто така претрпи големи трансформации, како во позитивна така и во негативна смисла. Очекувањето е да се вратиме на онаа старото нормално. 

Денот го завршувам со семејството, резимирајќи го денот што завршил и подготвувајќи се за оној следниот. 

Помеѓу добра книга или филм, секогаш одбирам книга!


(* Љупка Галазка Василев - ликовен уметник и наставник по Ликовна уметност*)

Фото: Приватна архива