Се одржа второто поетско читање по повод 100 години од раѓањето на великанот Блаже Конески, а во рамки на прославата „30 години Независност“

Добивај вести на Viber

Во рамки на прославата за 30 години од независноста на РСМ, компанијата „Инфомедиа Системи“ организираше поетско читање во Прилеп, како втора активност од проектот „Блаже Конески - Проста и строга македонска песна, во чест на 100 години од раѓањето на великанот“.

На самиот настан кој вчера се одржа пред платото на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп се реализираше поетско читање на делата од реиздадениот албум со песни од Блаже Конески „Проста и строга македонска песна“, во изведба на Симона Спировска, актер и Дино Имери, пијано.Дополнително, на самиот настан беше промовиран и видео арт на македонскиот композиторот и музичар Васко Серафимов, инспириран од ликот и делото на Блаже Конески.

Конески како човек со толку звучна биографија, дури и од денешна перспектива вчудовидувачка е неговата перманентна скромност во настојувањата да ги разоткрие механизмите на сопственото поетско творештво. Конески е еден од ретките поети кои не само што вложуваат толку напор да го осознаат самиот креативен процес, туку имаат и смелост и капацитет сознанијата да им ги приопштат на идните читатели. Впрочем, најтипичниот пример е есејот „Еден опит“ во кој Конески како искусен поет ги опсервира тајните на поетскиот занает. Тргнувајќи од сопствениот творечки опит, тој особено го потенцира значењето на усната народна традиција како основна платформа врз која ја артикулира својата индивидуалност.

Во рамки на овој проект, минатиот месец албумот „Проста и строга македонска песна“го реиздаде најголемата дискографска куќа во регионот „Кроација рекордс“ од Загреб, што оригинално беше снимен пред точно четири децении, во 1981 година.  Албумот претставува избор на песни од Конески, што ги рецитира Цветанка Трпкова, во пијано придружба на Љубомир Бранѓолица.

Главна цел на овој проект е зачувување и промоција на македонската култура и книжевност преку медијално издание на делата на великанот Блаже Конески, а ја адресира тематската област посветена на дејноста и делата на истакнати домашни дејци и автори во сферата на творештвото, културата, уметноста, литературата, музиката, образованието, науката, спортот и други истакнати личности кои имаат директен придонес во развојот на државноста или придонеле во создавањето или зачувувањето на културното наследство.


Како дел од овој проект во текот на месец септември ќе се одржат уште два вакви настани и тоа Скопје.