Секое чудо за три дена

Добивај вести на Viber

Во Македонија сѐ трае три дена. Потоа спласнува, се заборава. Не е страшно што секој од нас има кратка меморија, страшно е што не знаеме притоа да го одвоиме важното од неважното. А потоа бараме кој е крив. Никој не е. Го добиваме на некој начин она што самите го сакаме. Па, затоа никој не е крив. Освен нас самите. 

Самите сме виновни затоа што не се изборивме повеќе, за она што е наше. Постојано ги спуштаме критериумите. Се приспособуваме. И на тој начин ние даваме одобрување. Трпиме сѐ, надевајќи се дека еднаш тоа ќе се смени. Им даваме право, им даваме дозвола да поставуваат смешни правила во нашите животи. Еј, во нашите. Виновни сме затоа што не побаравме рампа за влез во нашите животи и притоа кога веќе ќе влезат, затоа што не ни ги почитуваат нашите правила. Им дозволивме да ни мавтаат со нивната моќ. А ние, да се превиткуваме немоќни.

Сѐ уште е март. Ако толку желно се повикуваме на правдина за жените, требаше да бидеме гласни за судбината на службеничката која се „самоповреди на пајакот“. Но, ете џавкавме три дена и три ноќи, а потоа стариот филм се врати на својата филмска лента.

А толку бевме бучни со она: „За денот на жените не треба подароци. Ни цвеќе“. Ок. Иако тоа не е суштината која нам ќе ни го смени животот. Секако, ова не е целта. Целта е она чувство дека некому сме важни, дека некој не почитува, дека некој ќе се заложи за она што ни е важно и приоритетно, на секоја од нас. И тоа ќе го обележи со ситници. Не со непотребни драми. Со суштински решенија, кои навистина ќе не убедат дека е важна секоја од нас. И таа која во градинка чува дете, и таа која во училиште го насочува тоа дете, и таа на сообраќајница која се грижи за безбедноста и правилата, и таа која во фабрика се труди да исполни норма, и таа која дома сака да биде совршена мајка и жена, и таа која бега од шлаканицата на насилникот и бара заштита, и таа која не е полнолетна, а е присилена на секс… Има уште многу. За секоја од нив, треба малку, за вистински резултати.

Генерално, имам впечаток дека партиите не ловат со нивната  стапица на која виси испишано: „кажи што сакаш, ние ќе направиме“. Не дека не е добро тоа што некој се обидува да ни угоди. Факт е дека тоа кратко трае. Нема вистинска љубов, ни искрена желба за суштински цели, кои ќе не убедат дека нашите деца ќе добијат подобро утре од секоја од нас.

Затоа треба да научиме дека кога нешто сакаме, мора да бидеме искрено гласни за тоа. И притоа да немаме впечаток дека се однесуваме како разгалени деца. Треба да бидеме прецизни. Однапред да го прешкртаме неважното од важното. За полесно да го забележиме. За да немаме горчина, ако ни го заборават. Затоа што ќе виси како приоритет и ќе не потсетува дека целта не е исполнета. А кога не е, стои отворено и чека.

За жените во ова општество се работи. Тие навистина заслужуваат вистински третман. Треба да не уверите дека навистина сме ви важни. Само тогаш ќе немаме одбојност кон празнувањето на денот во март.

Дотогаш, пајаците ќе бидат само инсекти и собирачи на автомобили кои поттикнуваат на самонасилство врз женскиот род. И ќе нема кој да ги казни, за да не го повторат своето чудно однесување во иднина. До следниот март. Месецот на жената. 

За Женски Магазин, Вики Чадиковска