Секогаш предлагам тонови во кои клиентот ќе се чувствува пријатно и релаксирачки во својот дом: Интервју Марјана Ѓорѓиевска, генерален менаџер на „Урбан спејс“

Добивај вести на Viber

Никогаш во животот не сум се форсирала за ништо. Едноставно, се доаѓаше спонтано и последователно на тоа што го работев низ годините. Важно беше и сѐ уште е, да го работам тоа што го сакам, тоа што ме исполнува и прави среќна - вели Марјана Ѓорѓиевска, генерален менаџер на „Урбан спејс“ .

За време на ковид пандемијата бевме приморани на некој начин да се свртиме повеќе кон домовите, повеќе време да поминуваме дома, а токму тоа можеби и беше една предност во целото „неубаво“ кое се случи. Наеднаш домот ни стана канцеларија, училиште, простор за вежбање. Пандемијата го забави овој динамичен живот, ги врза луѓето во своите домови и токму овој развој на состојбите предизвика своите инвестиции да се насочат кон уредување на своите домови, реновирање, купување нови покомфорни  станови ...

Со Ѓорѓиевска разговараме токму за уредувањето на домовите, кое е нејзина пасија и нешто кое го работи со години, денес преку сопствената компанија „Урбан спејс“ која нуди „all in one“ пакет, кој опфаќа проектирање, 3д визуализација, изведба на проектираниот мебел, декор на просторот и секако менаџирање на целиот тој процес. Зборуваме и за најновите трендови во поглед на уредувањата а Марјана ни откри и која е нејзината тајна за успех.

* Со што се занимава Вашата компанија „Урбан спејс“, од кога постои на пазарот, какви услуги нуди и во кои области?

-Урбан спејс е компанија која е производ на 20 годишно работно искуство, визија и креативност во областа на внатрешното уредување. На своите клиенти им нуди „all in one“ пакет, кој опфаќа проектирање, 3д визуализација, изведба на проектираниот мебел, декор на просторот и секако менаџирање на целиот тој процес. Нудиме производ кој ќе ги задоволи потребите и вкусовите на клиентите, го штедиме нивното време и пред сѐ ја штедиме нивната инвестиција. Важно е да напоменам дека клиентите кај нас имаат еднаков третман, добиваат врвна услуга и квалитет на највисоко ниво.


*Како се справуваше и сè уште се справува Вашиот бизнис во време на корона, ограничувања на движење и слично? Како успевате да ги анимирате потенцијалните клиенти?

-Короната како еден глобален проблем нанесе штети на многу бизниси. Но, барањето за нашите услуги се зголемија. Поради динамичното живеење, луѓето имаа се помалку време за својот дом, сѐ помалку време за релаксација и опуштање после напорниот работен ден. Пандемијата го забави овој динамичен живот, ги врза луѓето во своите домови и токму овој развој на состојбите предизвика своите инвестиции да се насочат кон уредување на своите домови, реновирање, купување нови покомфорни станови ... со што потребите за нашите услуги се зголемија.

За анимирање на потенцијалните клиенти ги користам социјалните мрежи како што се  Facebook и Instagram. На ФБ клиентите може да ја видат мојата работа на MY HOME URBAN SPACE и на Инстаграм - https://www.instagram.com/urban.space.by.marjana/.

*Кои се трендовите во оваа индустрија? Што преферираат потрошувачите – а кои бои, нијанси, материјали ги предлагате Вие ?

-Во последниве две години, под влијание на пандемијата, животот, како и уредувањето на домовите значително се промени. Наеднаш домот стана канцеларија, училиште, простор за вежбање. Ограниченото движење и седењето во домот ја зголеми потребата од поврзаност со природата, преку внесување на многу зеленило, различни растенија, употреба на земјени тонови, дрвени текстури, се со цел да добиеме релаксирачки и удобен простор за функционирање. Трендот за оваа година 2022, е стилот Japandi спој на истокот и западот, спој на сканди стил и јапонскиот минимализам. Тоновите кои се употребуваат во овој стил се движат од неутрални до земјени тонови, а не ретко се употребуваат и потемни тонови. Изобилува со едноставност, функционалност и рустикални декори.


Потребите и барањата на потрошувачите се најразлични, секој според своите вкусови преферираат тоа што најмногу им се допаѓа и затоа секогаш предлагам тонови во кои клиентот ќе се чувствува пријатно и релаксирачки во својот дом.

*Кои се вашите златни правила во поглед на уредувањето?

- Кога станува збор за уредување и проектирање конкретно на кујна, гледам да го запазам правилото на “Златен триаголник”. Тоа преставува замислена линија на движење во кујната до трите главни кујнски eлементи, фрижидер, рерна и садопер, со што се олеснува функционирањето и работењето .

За останатиот дел од домот, конкретно дневниот престој , преферирам поставување на фокусна точка, тоа значи да се постави некој специфичен декор, тепих, добра слика или некое парче мебел во некој специфичен материјал кое ќе доминира во просторот и ќе одвлекува внимание.

Честопати како фокусна точка го поставувам и ѕидот позади гарнитура, ѕидот позади креветите во спалните соби декорирани со некоја боја, тапет, облога на ѕид  од дрвен материјал, декоративен камен, а може и композиција од слики.


*Кои се најчестите грешки поради кои станот или куќата изгледаат евтино?

- Лоша комбинација на бои, текстури и декори можат да го направат просторот во непријатно место за живеење.

*Кој е вашиот рецепт за топол и пријатен интериер?

За да се постигне топол и пријатен интериер, се употребуваат топли и  светли нијанси, тука секако доаѓа предвид удобна гарнитура за седење, удобна фотеља, зеленило, дрвени текстури, едноставни декори.


*Тежок ли беше вашиот пат до успехот, што сметате дека е клучно во Вашиот живот за жената која сте денес?

-Кога ќе размислам подобро, никогаш во животот не сум се форсирала за ништо. Едноставно, се доаѓаше спонтано и последователно на тоа што го работев низ годините. Важно беше и сѐ уште е, да го работам  тоа што го сакам, тоа што ме исполнува и прави среќна. По завршувањето на факултетот, веднаш почнав да работам како дизајнер на интериери и дизајнирање на мебел. По долги години работа и искуство во други компании, некако нормално се појави потреба за формирање на сопствена компанија. Секако, во меѓувреме учев и се надоградував со нови компјутерски вештини во проектирањето и работев многу на својот личен развој. Мислам дека токму работата на себе ме оформи во личност каква што сум денес.


*Имате ли Вие омилен стил на уредување на ентериерот и колку често го менувате декорот во вашиот дом, ги следите ли светските трендови?

-Немам некој одреден стил затоа што секогаш кога работам за себе тоа е комбинација од повеќе стилови. Гледам колку може почесто да сменам нешто во својот дом, најчесто тоа се бои на ѕидови или некој нов тапет. Секако, неизбежни се декорите (слика, полици, нови перничиња), нов лустер и слично. Следењето на светските трендови е малку невозможно затоа што се менуваат секоја година, нови декори, нови текстури, нови дизајни. Затоа, повторно ќе се навратам дека декорите во просторот секогаш може да се променат, а со тоа да внесете нешто трендовско и освежително во вашиот интериер.

*Колку Македонците може да се каже дека следат трендови во уредувањето на домовите – го прифаќаме ли лесно модерното ?

- Актуелноста и влијанието на социјалните мрежи се доста големи, па така е достапно да се види што сѐ е актуелно и модерно во уредувањето преку безброј фотографии поставени на интернет. Македонците ги следат трендовите и тоа што е модерно во моментот лесно го прифаќаат и сакаат да го имплементираат во својот дом.


*Што е она што Ве мотивира, и Ве води напред?

-Задоволни и среќни клиенти, мојот син и сопруг.

*Како гледате на женското претприемништво во државата? Дали жените имаат еднакви шанси – и како сопственички на бизниси и како менаџери на тие бизниси?

-Низ годиниве наназад сме сведоци на многу промени во претприемништвото во нашата држава. Сѐ повеќе жените застануваат на челни позиции во компаниите, а неретко се осмелуваат да бидат и сопственици на некој бизнис. Моето мислење е дека работите се поместени во нагорна линија, но сепак треба уште да се работи на подигање на женското претприемништво и да се острани оној стереотип дека жената е само за водење на домаќинство, а не и за бизнис.. Лично сум член во организацијата за жени менаџери  ”Елит” и верувајте навистина има многу успешни жени во бизнисот, кои рамо до рамо со мажите успеваат да водат успешни и големи компании.


*Што значи да се биде успешна жена менаџер, како успевате да ги усогласите приватните обврски со професионалните ангажмани, колку имате време за себе?

-За да успеете во она што сте го замислиле, во мојот случај сопствен бизнис, треба да се има поддршка, разбирање и договор со семејството. Ова е клучна работа и стојам зад тоа 100%. Време за себе се наоѓа со добра организација и навремено завршување на обврските, дали службени или приватни.

*Дали имате некое хоби, односно како го исполнувате слободното време?

Да секако, одам на вежбање 3 пати неделно со што се одржувам во форма и добра кондиција. Своето слободното време го поминувам најчесто со семејството, пријателите, читање на некоја добра книга или гледање на некој филм. 


Ирена Ставрова