Шaмпионски третман за шампионите!
Шампионскиот пехар од ракометната Лига на шампионите пристигна и во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Горди сме што веќе шеста година заедно со нашиот и ваш РК „Вардар“ ги допираме височините на ракометна Европа и светот и што нашите доктори се грижат за здравјето на шампионските вардарци.
Бајка чијшто крај никој не можеше да го предвиди. Ракометниот клуб „Вардар“ ни даде вистинска животна лекција. Нивниот успех го славиме сите! Но, како тие стасаа до таму? Момците имаат срце и позитивна енергија како ретко кој, вели д-р Михајло Ивановски, кој со нив ги делеше предизвиците, сите моменти на среќа и тага. Подеми, падови, притисок, повреди, исцрпеност – д-р Ивановски беше нивен доктор во целата сезона, а тие, како што вели, психички биле мошне силни. Не создавале притисок, не се оптоварувале многу. Емоциите се сега до врвот, но додека траеле битките во Лигата на шампионите и на финалниот турнир во Келн сите во екипата биле приземни. Не било лесно ни со повредите. Дел од нив биле и потешки.
„Беа подготвени психички и не правеа непотребен притисок. Момците имаат срце и позитивна енергија како во ретко кој колектив. Заедно со двајцата физиотерапевти Димитар Маневски и Рубинчо Србиновски, или Диме и Рубин како што ги викаат во клубот, се грижевме за тимот цела сезона. Поминавме низ многу повреди, оперативни зафати, подеми и падови. За последните два натпревара немаше опција, немаше простор некој да не игра. Затоа се подготвивме добро“, вели д-р Ивановски.
Исходот од учеството на Вардар на Ф4 ја крена нацијата на нозе. Европската титула, втора по ред по онаа од 2017 година, буди нови емоции, чувство на сплотеност, среќа и заедништво.
Д-р Ивановски вели дека секој проблем кај ракометарите се решавал брзо, ефикасно.
„Карачиќ имаше проблеми последните три дена кога се повреди, но успеа да се надмине себеси, па затоа е МВП на турнирот. Шишкарев се повреди во финалето, па беше 50/50 дали ќе продолжи да игра. Потоа се покажа дека нема потреба да ризикува, па беше најгласен од клупата“, вели докторот пренесувајќи детали од последните денови.
Приказната во соблекувалната е сосем различна. Еуфорична и емотивна, таква што води кон нови победи. Д-р Ивановски вели дека, впрочем, невозможно е да се објасни какви се чувствата таму долу на теренот, на паркетот.
„Задоволство, емоции, славењето е посебна приказна. Нема зборови коишто можат да ја објаснат целата еуфорија кај тимот, кај навивачите. Мора да се издвои капитенот Столе Стоилов, кој навистина има енергија што ја сплотува екипата. Секако, енергија, таа позитивната, е нишката што ги спојува сите во едно и сите имаат придонес во тоа. Навистина неописливо“, вели д-р Ивановски.
Вардар е лекција, Вардар е љубов, Вардар е епска приказна. Таква којашто мора да ја паметиме. За тоа својот впечаток го дели и д-р Ивановски.
Клиничката болница „Аџибадем Систина“, како официјален медицински партнер на РК „Вардар“, веќе шест години придонесува за успехот на ракометиот клуб, ставајќи го на располагање целокупниот медицински кадар на болницата. Подготовките на европските ракометни шампиони за терен пред секој натпревар започнуваат токму со медицинскиот тим на „Аџибадем Систина“, чија цел е преку професионална медицинска поддршка да придонесе за позитивни резултати на теренот и нови шампионски титули. Како здравствена институција која е лидер во превенција и третман на спортските повреди, низ рацете на тимот на доктори од Одделот за ортопедија и трауматологија во „Аџибадем Систина“ поминале многу врвни спортисти, меѓу кои и поголем дел од ракометарите на европскиот шампион. Повредата на коленото со која се здоби пикерот Фереира Мораеш Рожерио минатата година успешно ја санираше трауматологот д-р Михајло Ивановски, заедно со хируршкиот тим на „Аџибадем Систина“.Рожерио за докторите од Одделот за ортопедија и трауматологија вели декасе најдобри и најстручни во регионот, по изведената интервенција минатата година сподели дека воопшто не се двоумел дали да ја одбере „Аџибадем Систина“.
„Целиот третман што го добив, од првата консултација па сè до по операцијата, беше на највисоко ниво и крајно професионално. Д-р Ивановски беше достапен во секое време за да ги одговори сите прашања што ги имав и ми беше огромна поддршка во текот на целиот процес. Не можев ништо повеќе да побарам од целиот медицински тим, кој ми помогна повторно да застанам на нозе и вечно ќе им бидам благодарен што сега можам да се вратам на теренот“, посочи по операцијата Бразилецот Рожерио Мораес, кој во Келн постигна вкупно шест гола од шест обиди во полуфиналето против моќната Барселона.
„Аџибадем Систина“ продолжува со максималната медицинска поддршка на македонските спортски клубови и репрезентации, со надеж дека ќе придонесе за нови спортски успеси.