„И маж сум и жена сум. Имам љубов и за двајцата, но факт е, не сме еднакви“: Ева Нединковска со моќна порака за 8-ми Март

Добивај вести на Viber

Пејачката и претприемачка Ева Нединковска, по повод празникот на жената 8-ми Март испрати една моќна порака.

Таа на Фејсбук напиша:

„Играм 2 улоги во оваа претстава. И маж сум и жена сум. Имам љубов и за двајцата, но факт е, не сме еднакви. Не сме рамноправни. Да не бидеме лицемерни, слепи и неправедни. Да почнеме од тука, од вистината.

Кога играм маж и си го терам совесно животот сум ценета, почитувана, сакана, платена и охрабрувана да сум гласна. Како секој човек што треба да е, без разлика на полот. Кога играм жена и си го терам совесно животот сум понижена, повредена, отфрлена, потценета, исмеана, заплашувана и замолчувана пред неправди. Како ниеден човек што не треба да е, без разлика на полот. Тоа се најчестите сценарија кои ги гледаме и играме неволно. И кои ги живееме секој ден. Примери безброј, сегашни и минати.

Скапо е да си жена, кошта многу, луксуз е. Но најскапоцено е да си жена. Носиш живот, даваш живот, значиш живот за другите околу. Борбата не само што треба да продолжи туку и треба одново да почне со една поинаква свесност. Од позиција на љубов и за љубов на сите, но без попуштање, цврсто и без страв и срам. За исто вреднување. Зашто жена-човек и маж-човек вредат исто, ни помалку ни повеќе.

Жени мои,

Ве гледам, ве слушам, ве чувствувам секој ден. И ви оддавам почит. Ти, жено, која вчера пак прими удар дома, те знам, и ме боли и мене за тебе, и знај дека имаш сила и храброст да ставиш крај на тоа и да почнеш одново, сега! Ти, професионалке, која си платена помалку од колегата за ист труд и знаење, те знам. И знај дека имаш се' што ти треба да исчекориш кон ново, онаму кајшто трудот ќе се вреднува исто, онаму кајшто ти прво ќе научиш да се вреднуваш исто. Ти мајко, која последна легнуваш, прва стануваш, ти која со љубов се делиш на милион страни да стасаш за децата сегде, домот да ти е топол, љубовен и чист, храната да ви е здрава и тазе, телата и душите да ви се бистри, работата на сите - в ред, те знам и чувствувам и тебе. И ти честитам! Не само на 8 Март, ти честитам за секој поминат ден. Ти честитам за секој атом сила, секоја насмевка и радост, секоја мала победа дневно, секој убав збор кон луѓето на работа и дома, секој надминат сомнеж во себе, секоја откината храброст за да постапиш правилно. Ти честитам што остануваш светла и добра, зашто борба на долги стази се бие само од позиција на љубовта и на доброто.

Среќен 8 Март!“ - напиша Нединковска на социјалните мрежи.

Како исклучително талентирана пејачка, но и автор со целосно осмислена кореагорафија на настапите, на свои 16-17 години, охриѓанката Ева Нединковска се издвои на домашната музичка сцена. Сега е успешна жена претприемач, мајка на петгодишната Ена. Место самохрана, себеси сака да се нарече самохрабра мајка. Ева има неверојатна животна приказна, која за првпат ја раскажува јавно. Од сиромашните студентски денови, до моментот кога решила да ја остави музиката и стариот живот за кој вели дека ја водел во пропаст и сосема сама да започне нов бизнис, до разводот од човекот кој искрено го сакала, оваа храбра жена зборува во интервју за Женски магазин. Ева вели дека би била среќна ако нејзината приказна им биде поттик и инспирација на жените кои секојдневно ѝ пишуваат. 

Интервјуто кое Женски магазин го имаше со неа може да го прочитате тука.