Скоро 80% од Италијанците бираат благ појадок за разлика од нас кои секогаш јадеме солено: Ели од Скопје за животот во Венеција
Непланираната
посета на Италија на Елеонора Грамика од Скопје и го промени животот. Освен што
се заљуби во убавините на прекрасната Италија, таа таму ја пронајде и љубовта
на нејзиниот живот.
Во 2018 година со нејзината другарка Симона, денес кума заминале на неколкудневно патување на Италија. Освен што уживале во прошетките низ неколку градови и посетиле доста знаменитости, оваа патување во земјата на минатото и љубовта, и овозможило да го запознае Вадим, нејзиниот сегашен сопруг.
Последниот ден пред да се врати во Македонија случајно се запознала со него, но нејзиниот размислување било дека оваа прва искра која се случила помеѓу нив ќе заврши тука. Но животот имал поинаков план за нив. Приказната продолжила спонтано да се развива и додека биле на далечина.
По долги разговори на социјалните мрежи и неколку посети во Италија и обратно, Ели и Вадим во 2020 година стапија во брак, а во 2022 се роди и нивната ќерка Даша.
Влади инаку по потекло е од Русија, но пораснат во Италија. Таа пак Македонка. Социолошки и културен микс кој продолжија да го негуваат во сосема трета држава.
Сега семејството Грамика веќе 3 години живее во Италија, од кои 1 во Венеција, а другите две биле поделени, малку на југот поточно Реџо Калабрија и малку во Рим.
„На моја среќа или несреќа сопругот има работа која налага често да се селиме и патуваме, па така само по документи можам да кажам дека сме од Венеција, а во Венеција сме најмалку. Живееме на копнениот дел во Венеција – Местре или Terraferma кој дефинитивно е многу пофункционален и попрактичен за разлика од историскиот дел или Венеција (Centro storico) која со оглед на фактот дека е изградена на 118 островчиња е преполна со канали, па така и целиот сообраќај се одвива на вода. Од наше Местре како што си го викам јас, баш сè имаме на 2 часа оддалеченост. На една страна море на друга планина“.
Италијанскиот јазик не и претставувал бариера, го научила за 6 месеци, но сè уште се усовршува во секојдневна комуникација.
„Јазикот го научив за неполни 6 месеци. Со што нормално на почетокот тоа беше основа која ми служеше да можам да комуницирам, а со тек на време го усовршив. И fun fact или нешто што сите ги чуди е тоа што јас и мојот сопруг си зборуваме на македонски. Тој по потекло е Русин пораснат во Италија. Со мене го научи македонскиот до перфекција, а јас со него рускиот јазик. Италијанскиот неколку месеци го учев во училиште, а потоа сè останато научив од комуникација со околината“.
Гестикулацијата со рацете е специфичност кога Италијанец сака нешто да ти каже. Ладни, принципиелни наспроти гостопримливи и дружељубиви се спротивностите на Италијанците од север и југ.
„Во Венеција и воедно на север луѓето се ладни. Дисциплинирани, културни, љубезни, посветени во сè што прават, големи националисти и тука завршува сè. Гостопримството не им е баш јака страна. За разлика од јужна Италија каде луѓето се сосема друга приказна. Е, тие и тоа како се слични со нас Македонците.
Насмеани, гостопримливи, дружељубиви, весели. Сè што на север не може и не е во ред, на југ е дозволено и нормално. Тука има изрека: На север се прават пари на југ се трошат“.
Парите, работата и добра храна е „светото тројство“ на Италијанците со североисточниот дел. А денот го започнуваат со благ појадок.
- Во регионот Венето каде што живееме ние, Италијанците се доста работливи и вредни. Работа, пари и добра храна е нешто што за нив е свето. Имаат точно одредено време и час кога имаат појадок, тоа е обично од 08-10 часот, па од 12 – 14 часот ручек. Капучино и кроасан се непишано правило за појадок. Или пак капучино со нешто слатко. Скоро 80% од Италијанците бираат благ појадок за разлика од нас кои секогаш јадеме солено. Искрено многу брзо се навикнав на сè и тотално ми одговара нивниот начин на функционирање. Како и секој кога ќе се најдеш во нова средина со нови луѓе правила и навиките малку ти е чудно, но се навикнуваш.
Нема годишно доба кога можеш да ја шеташ Венеција, а таа е да е празна. Секое годишно време си носи своја убавина и уникатен спомен од најромантичниот град.
„Венеција е град кој е преплавен со туристи буквално низ цела година. Можеби за нијанса е послабо посетена во зима, но сепак далеку од празна. Околу 40.000 нови туристи има на дневно ниво. Додека пак за време на одредени настани и манифестации како „Венецијанскиот филмски фестивал“, „Биеналето“, „Театарскиот фестивал“ и најпознат од се „Венецијанскиот карневал“ кој секоја година традиционално се одржува низ улиците на Венеција, има навистина премногу туристи“.
Фрлањето отпад строго се казнува во Италија, посебно строго забрането е отпад да се фрла во каналите во Венеција.
„Со оглед на фактот дека историскиот дел од Венеција е изграден на вода и има премногу канали, палати и цркви од исклучителна вредност како таква е споменик на културата на УНЕСКО. Непотребно е да се каже дека е строго забрането да се фрла отпад во каналите, бидејќи казните се доста големи“.
Освен пица и сладолед, кога ќе ја посетите Венеција не пропуштајте да пробате од вкусните Bussolai Buranei – колачиња.
„Покрај стандардните пица, паста и сладолед (gelato), нешто што дефинитивно треба да се проба при посета на Венеција се biscotti di burano (Bussolai Buranei) кои ќе ги најдете насекаде низ Венеција, но највкусни се на островот Бурано од каде потекнуваат. Исто така специфично вкусни се и frittelle di carnevale кои може да се најдат само во период додека трае карневалот“.
Во Венеција буквално уживаат во каква било прошетка, дали е тоа покрај море или на планина. На само 2 часа од каде што е нивната адреса на живеење, ги имаат сите благодати на природата.
„Со оглед на фактот дека јас сум моментално 24/7 full time мама, а мојот сопруг е поголем дел од денот на работа, за шетање имаме време само за викендите. И како што веќе спомнав на околу 2 часа оддалеченост имаме буквално сè. На една страна море на друга планини. Последно бевме во Сирмионе, Лаго ди Гарда – место кое мора да си го ставите списокот „must have“ доколку дојдете во посета на Венеција. Мало, автентично, со одлична храна и сладолед. Мал рај.
Според Елеонора Венеција е најубава кога нема туристи, што никогаш не е случај, но на пролет ги ужива најубавите прошетки.
„Период кога можеш да прошеташ, а да не се изгубиш во море туристи, да ти биде пријатно и период која нема многу влага која дефинитивно е нешто кое „убива“ овде. За жал таква е климата и тоа нешто на што мора да се навикнеш ако живееш во овој град“.
Доколку живееш во туристичката зона и историскиот дел на Венеција, овој град е скап за живеење.
„Во овој дел или поточно кажано (Centro storico) врз основа на попис живеат околу 60.000 жители, но скоро половина од нив се имаат преселено на копнениот дел (Terraferma) Местре, а своите домови ги употребуваат во туристички цели. И да, цените и животот се сосема поразлични во овие два дела на Венеција“.
Габриела Додевска Глигоровска