Слатка навика ми е денот да ми заврши со најблиските: Утринско кафе со Ангела Тасева
Секој нов ден е шанса да направиме нов чекор кон остварување на целите коишто ги имаме пред нас. Затоа, мојот ден започнува со позитивна мисла, позитивна енергија и некоја добра, гласна музика.
Утринското кафе го пијам најчесто пред да одам на работа, заедно со сестра ми. Утринското кафе со неа ми е особено слатко и пријатно затоа што со неа ги споделувам моите размислувања, правам идни планови, разговарам за сè што ми се случува. Едноставно мислам дека смислата на утринското кафе е токму во ова, да можеш со некого да се опуштиш и да уживаш.
Мене лично ме мотивира личниот успех. Јас сум човек кој
не сака со туѓа помош да успева, сакам и работам на себе за да можам да го добијам
тоа што го сакам и што го имам замислено како цел. Секогаш ме мотивираат реални
ситуации и случки кои имаат среќен крај, ме мотивираат луѓе кои се борат да ги
остварат своите соништа.
Моите секојдневни обврски се состаноци и средби со колеги, соработници, пријатели. Најчесто работното време ми завршува во 16 часот, но тука не завршува и мојот работен ден кој трае сè додека не ги завршам обврските кои ги имам за тој ден.
Дневните планови ми се засновани и зависни од ситуацијата. Понекогаш знам однапред да си го испланирам денот, но се случува плановите да бидат променети и воопшто да не биде како што сум планирала и таков ден, секогаш ми е најубав ден.
Слатка
навика ми е денот да ми заврши со најблиските. Пред заспивање, оставам време да
се видам со моите, да испијам какао со нив, да поразговарам, да се гушкам.
Најважно ми е да ја почувствувам таа семејна љубов на крајот од денот.
Наоѓам
слободно време, но и вечери каде што пешачам и излегувам со друштво.
Сакам да читам книги, но сакам да гледам и филмови. Искрено, не би можела да одберам. Сè ми зависи од тоа како се чувствувам, но почесто избирам да прочитам добра
книга, која знае да ме однесе во друг свет.
*Ангела Тасева - инфлуенсерка