„Самото 3D печатење на декорациите трае од 2-3 часа до повеќе од 13 часа“: Габриела и нејзиниот сопруг создаваат уникатни уметнички дела

Добивај вести на Viber

Габриела и нејзиниот сопруг слободното време го користат за развивање на нивното хоби и страст и создаваат модерни, елегантни и интересни декорации за домот.

„Со сопругот работиме на мал бизнис наречен Simple Design, кој го развиваме како хоби и страст во слободното време. Се занимаваме со изработка на модерни, елегантни и интересни декорации за домот, кои ги создаваме со голема љубов и внимание кон деталите. Работиме како тим – тој е креативниот ум зад дизајнот на сите наши производи, додека јас се грижам за сè останато: маркетинг, комуникација со клиенти, подготовка и испраќање на пратките. “, ни раскажува оваа 36 годишна девојка на почеток на нашиот разговор.


Идејата за изработка на 3D декорацииим дошла природно, бидејќи и двајцата сакаат да креираат нешто уникатно и лично, вели Габриела.

-Сакавме да направиме нешто што ќе биде и модерно и функционално, а истовремено да ја изрази нашата креативност. Декорациите ги нарекуваме „мали уметнички дела“ бидејќи секое парче има своја приказна и е изработено со многу внимание и љубов-ни раскажува овој млад брачен пар.




Декорациите, како велат , ги изработуваат од најпопуларните и еколошки најприфатливи материјали за 3D печатење.


„Секој дел од процесот го работиме со многу љубов и внимание, со цел да донесеме уникатни и квалитетни 3D декорации.

Материјалот со кој работиме е PLA (Polylactic acid) и е еден од најпопуларните и еколошки најприфатливи материјали за 3D печатење. Тој е биоразградлив и се добива од обновливи извори како пченка или шеќерна трска, што го прави одличен избор за одржливо производство“, вели Габриела која додава дека инспирација наоѓаат насекаде околу нив.


-Инспирацијата доаѓа од секојдневниот живот, природата, модата и уметноста. Исто така, многу идеи ни доаѓаат од нашите клиенти, кои често нè поттикнуваат да експериментираме со нови форми и бои-вели.

Времето потребно за претворање на една идеја во финален 3D печатен производ зависи од неколку фактори, како што се сложеноста на дизајнот, големината на декорацијата и потребните доработки.


„Обично, процесот започнува со креирање и усовршување на 3D моделот, што може да трае од неколку часа до неколку дена, зависно од деталите. Самото 3D печатење трае од 2-3 часа до повеќе од 13 часа, во зависност од димензиите и финесите на декорацијата“, вели оваа штипјанка.

Вакви персонализирани декорации бараат почесто младите.


„Интересот е доста голем, особено кај младите кои бараат уникатни и персонализирани декорации. Онлајн продажбата ни овозможува да достигнеме до широка публика, што е одлично за нашиот мал бизнис. Особено нѐ радува што имавме можност да соработуваме со бројни мали бизниси, а вистинска чест и задоволство ни е кога нашите нарачки стигнуваат и надвор од границите на нашата земја“, ни открива Габриела, која смета дека онлајн продажбата кај нас сè уште е во развој, но се забележува позитивен тренд.


„Се повеќе луѓе се прилагодуваат на купувањето преку интернет, што е одлично за малите бизниси, сепак, сè уште има простор за подобрување, особено во поглед на довербата и логистиката.Развивањето на еден ваков бизнис не е лесно, но е исполнето со задоволство. Потребни се многу труд, стрпливост и креативност. Најголемите предизвици се поврзани со конкуренцијата и промовирањето, но ако имате страст и визија, сè е возможно“, истакнува нашата соговорничка.


За крај Габриела вели дека мотивацијата ја црпат од задоволството на клиентите и од сознанието дека создаваат нешто уникатно што ги прави луѓето среќни, но сакаат да докажат и дека малите бизниси можат да успеат со упорност и љубов кон работата.


Ирена Ставрова