Со редовна и чесна 40-часовна работна недела може да се води само крпен живот: Доктор Нико Беќаровски со освестувачки статус
Познатиот професор на скопскиот медицински факултет и доктор на клиниката за Токсикологија, Нико Беќаровски на својот профил на Фејсбук даде коментар за 60-часовната работна недела.
„JАС ДА СИ КАЖАМ
60 часовна работна недела
Овие денови оваа тема е главна на сите медиуми. Сите се згрозени од леснотијата со која ќе се скрати повторно едно од основните работнички права 40 ЧАСОВНА РАБОТНА НЕДЕЛА.
ДА ПРЕМНОГУ Е ГРДА ЛЕСНОТИЈАТА СО КОЈА ОВА ЌЕ СЕ ПОСТИГНЕ.
Но дали тоа право токму сега и поради желбите и интересите на американските капиталисти од "Бехтел и Енка" ќе се скрши или веќе е честа пракса ??
Ги знам состојбите во многу други дејности, но ќе се задржам само на јавниот здравствен сектор, каде всушност и работам.
Дали знаете дека секој здравствен работник кој има само едно викенд дежурство во неделата има работна недела од 56 часа ??
Дали знаете дека секој здравствен работник кој има едно седмично и едно викенд дежурство има работна недела од 72 часа ??
ЗНАМ ЌЕ КАЖЕТЕ ДЕЖУРСТВАТА ВИ СЕ ПЛАТЕНИ, ЗНАМ ЌЕ ПРАШАТЕ ЗОШТО ЌУТИТЕ ??
Почитувани мои постојат неколку причини. Првата и основна има многу Клиники и болници каде ако не се дежура вака често, работниот процес не ќе може да се одвива 24/7 иако прашање на ден е кога и тоа ќе се случи.
ЌУТИМЕ бидејќи дежурства се платени и мора да се каже пристојно за македонски услови, но никој од нас не би дежурал кога основната плата би била пристојна, достојна за спокоен живот.
Крвав е секој заработен денар од дежурство од ноќна смена, но дефектите на ова наше општество нѐ тераат да дежураме и да ќутиме, дури да се радуваме на секое дежурство, за да не се срамиме пред нашите деца, сопруги.
Синдромот на #Burn_Out оддамна е наша дијагноза Но ќутиме и дежураме, надевајќи се дека ќе дојде денот кога со 40 ЧАСОВНА работна недела ќе ни се овозможи пристојна егзистенција.
Можете да претпоставите каков е квалитетот на прегледот кој ќе Ви го овозможи доктор кој веќе работел 71 час во таа недела ?? За љубезност воопшто да не дискутираме.
Дел од грешките се токму резултат на овој хроничен замор и континуирано не спиење во ноќните часови.
Во мојот досегашен стаж околу 2000 ноќи (или 6 години) сум ги поминал во ординација и во овие години кога мајка ми веќе беше пензиониран во "тој трулиот систем и општество", а јас сум принуден и понатаму да дежурам.
Знаете ли дека изминатиов викенд стотици мои драги колеги од Бугарија одлетаа низ сите европски дестинации за да дежураат по 48 часа наместо нивните западни колеги, кои одлетаа некаде да го прослават Велигден.
Одлетаа бидејќи и таму како и ваму со редовната и поштена 40 ЧАСОВНА работна недела може да се води само КРПЕН ЖИВОТ.
Скандинавија воведе 36 часовна недела и никој не сака да работи повеќе, бидејќи саатнината овозможува повеќе од пристоен живот. Прекувремено работат само дојденците од Балканот, за да можат следното лето да се покажат пред своите роднини, дека успеале.
Се додека во Македонија имаме саатнина на африканско ниво, секој ќе се радува на саат повеќе работа, па макар и на штета на сопственото здравје.
Времето во кое 8 часа работевме, 8 часа се забавувавме и 8 часа спиевме го погребавме заедно со Социјалистичка во префиксот.
#ПролетериКапитализмотУбива “