Со тебе пораснавме, а сега те нема: „Славејчињата“ му посветија песна на Влатко
Четири членки на хорот „Златно славејче“ напишаа и отпејаа песна за Влатко Илиевски, пејачот и актер кој почина минатото лето, а десет години беше водител на фестивалот „Златно славејче“ .
Елена Георгиевска, Матеа Илиева, Викторија Ефтимова и Анастасија Илиевска ја напишаа музиката и текстот за песната „Недостигаш“ и му ја посветија на нивниот омилен Влатче, за кој велат дека им бил идол и голем пријател.
Елена, Матеа, Викторија и Анастасија се автори на песната посветена на Влатко
„ Во срцата наши една птица лета, сега твојот лик низ мислите ни шета. Како птица одлета, право на југ. Сега недостигаш и ти и твојот лик, замина во еден миг“, се дел од стиховите на емотивната балада. Аранжамнот и продукцијата се на уште еден голем пријател и соработник на Влатко, Валентино Скендеровски.
„ Секогаш твоето име ќе го величиме и засекогаш ќе остане врежано во нашите срца. Со тебе пораснавме, се дружевме, а сега те нема. Ќе се потрудиме да го зачуваме твоето дело и никогаш да не бидеш заборавен!", изјавија Елена, Матеа, Викторија и Анастасија. Влатко беше омилен кај децата како водител на „Славејче“.
Универзалната сала во која водеше и по 13 претстави за една недела, а подоцна и ВИП Арената каде што беше домаќин на три преполни претстави на фестивалот, ечеа од детски вресоци кога Влатко истрчуваше на сцената, ги поздравуваше и ги најавуваше „славејчињата“, на сцената и во публиката.
М.Џаровска