Сообраќајната некултура и незнаењето во сообраќајот чини загубени човечки животи

Добивај вести на Viber

Ги учиме децата да бидат воспитани и културни. Да имаат позитивни манири, да ги почитуваат и поздравуваат повозрасните, да бидат добри ученици, да ја чуваат животната средина. Ги учиме децата странски јазици, компјутери, математика, итн. Знаењето е богатство и секое знаење е добредојдено.

Се поставува прашањето,  дали доволно ги учиме децата за тоа како да се однесуваат во сообраќајот, како безбедно да ја поминат улицата, како да ги препознаат ризикот и опасностите во сообраќајот?

Секое незнаење има своја цена, незнаењето во сообраќајот чини загубени човечки животи. Затоа РСБСП со совети и препораки за родителите:

•  Секој родител/старател има обврска да го информира и да го запознае детето со основните правила и прописи во сообраќајот и со опасностите што секојдневно го демнат;

•  Научете го детето каде треба да се движи и како безбедно да ја помине улицата или крстосницата;

•  Покажете му на детето како безбедно да користи јавен превоз;

•  Покажете му го на детето најбезбедниот пат од дома до училиште и обратно и научете го како безбедно да се движи по тој пат;

•  Децата од предучилишна возраст не ги оставајте самостојно да се вклучуваат во сообраќајот;

•  Контолирајте ги децата и бидете сигурни дека користат системи за пасивна безбедност - детски  седишта, појаси, заштитни шлемови и сл.;

•  Не дозволувајте деца на возраст до 12 години да седат на предното совозачко седиште;

•  Не дозволувајте деца до 10 годишна возраст да возат велосипед на јавен пат или на улица;

•  Како родители, секогаш можете да влијаете и да контролирате како вашите деца учествуваат во сообраќајот.

Оние родители кои имаат повозрасни деца кои се подготвуваат да станат возачи, наместо да се грижат за тоа како нивните деца ќе положат возачки испит , многу подобро е да се грижат за тоа како нивните деца да станат одговорни и безбедни возачи. Затоа, РСБСП препорачува:

•  Секој родител чие дете полага за возачки испит да разговара со своето дете и да му укаже на одговорноста и последиците со кои може да се соочи или да ги предизвика доколку не ги почитува правилата и прописите во сообраќајот.

•  Наместо скап автомобил, овозможете му на вашето дете дополнителни часови на обука со возач инструктор.

•  Доколку вашето дете е возач почетник,  обезбедете му дополнителна практична обука со возач инструктор или со друг искусен возач за тоа каков треба да биде неговиот однос кон децата, пешаците и велосипедистите во сообраќајот  и обезбедете му практична обука за вешто возење во услови на дожд, магла, замрзнати коловози и во услови на ноќно возење.

РСБСП со апел:  Безбедноста на децата во сообраќајот нека биде ваш прв приоритет. Грижете се за нивната безбедност во сообраќајот. Безбедни деца, за безбедна и сигурна иднина!