Сопругот ми помага по дома
Живееме во општество во кое царува онаа поделба дека жената мора да ги работи сите „женски“ работи по дома. Често ги слушам моите пријателки како коментираат дека нивните партнери им помагаат по дома. Ах.
Чистењето дома, перење, пеглање, готвење… се женски работи. Биди благодарна ако некогаш твојот сопруг ти помогне во некоја од нив. Да, добро забележавте. Да ми помогне. Супер.
Жената денес не е само домаќинка. Секако ако одлучи да биде, тоа е нејзин избор и треба да се поддржи. Но и во тој случај, мажот кога дава придонес во домашните обврски не значи дека и помага. Да, не и помага. Тоа е негова обврска. Подеднакво како и нејзина. Домот има двајца партнери. Семејството го градат сите членови.
Домашните обврски не се помош. Тие се дел од системот со кој се гради функционалноста на едно семејство. Успешно ќе биде она семејство во кое мажот и жената се препознаваат како еднакви партнери, кои рамноправно придонесуваат за сите домашни обврски.
Некои сега ќе коментираат дека жените сами си барале родова еднаквост, па сега да се носат со бремето на сите обврски кои ги презеле. И да одат на работа и да прават сè по дома, и да бидат секогаш совршени средени, па и насмеани и љубезни. Но, драги мои тоа не е така. Во животот секој од нас има свои права и обврски. Тие не признаваат полова подвоеност. Тие признаваат само подготвеност да го дадете својот придонес во подобрување на вашиот живот во склоп на добро организирана домашна атмосфера.
Секоја од нас го обожава својот партнер. Подготвена е за него да го жртвува и својот живот. И ова секако не значи дека ако секој од нас дава свој придонес во реализацијата на домашните обврски, почнува помалку да го сака другиот. Напротив. Така се покажува љубовта.
Правилото „Мажот денес имал тежок ден на работа“ едноставно не држи. Секој од нас може да има таков ден. Тоа може да е денес, утре, вчера. Сите заслужуваме малку одмор по работните обврски. Но, понекогаш семејството не може да чека. Затоа најмудрото решение е заедништвото. Сплотеноста. Таа и силата на успешност во опстојувањето на една семејна заедница. Во неа нема мое, твое, женска или машка работа. Во неа постоиме ние. Токму и затоа ние правиме сè заедно. Некогаш некој повеќе, некој помалку. Но, во суштина правиме заедно.
Секој од нас може да се вади на она-денес не можам да стигнам, нешто не ми се работи, ме боли глава… Но и тоа може да се менаџира.
Да, знам дека мажите имаат потреба да одат на кафе, да излезат со другарите, да гледаат фудбал, да коментираат некои работи кои само мажите ги разбираат. Сето тоа заслужува да го добие соодветниот семеен простор, затоа што слободата е значајна алатка во една заедница. Затоа да, пуштете ги нека одат. Нека го прават она што сакаат. Ќе ги направи среќни. Еднакво како кога вие одите во шопинг, на кафе со пријателка, на козметичар… Но, не задоволувајте се кога ви помагаат по дома. Тоа не е помош. Тоа е нивна обрвска, еднакво како и ваша. Децата имаат двајца родители. Секое семејство има свои потреби. Тие немаат полова одредница. Имаат само потреба да бидат извршени.
Семејството значи заедница. Во неа заедно го делиме убаво, лошото, тагата, среќата, проблемите, успесите… и секако домашните обврски.
И кратко на крај. Секој кој мисли дека папучар е оној кој работи по дома, греши. Папучар е оној кој мисли дека е цар. Царствата одамна се во минатото.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска