Соработката со професорите од „Пијанофорте“ кај мене постави стандард за тоа што треба да очекувам да добијам во Љубљана: Интервју со младиот виолинист Александар Војнески
Александар Војнески е млад виолинист кој своето музичко образовние го започнал на седум годишна возраст во ДМБУЦ Илија Николовски Луј во Скопје. Првите години од изучувањето виолина станале клучни за тој не само да развие огромна љубов кон музицирањето, туку и понатаму да одлучи дека патот на музиката преку виолината е токму неговиот пат.
Тој сега е на студии по виолина при Музичката академија во Љубљана, Словенија и со нас сподели дел од импресиите од студирањето како и искуствата од неговото музичко патување низ годините.
* Кој беше патот за да стигнеш до тука?
- По завршување на нижото музичко образование продолжив во средното музичко училиште ДМБУЦ Илија Николовски Луј во Скопје во класата на проф. Билјана Весковска. Паралелно го дополнував и надградував знаењето и техниката во музичкото училиште „Пијанофорте“ во Скопје преку соработката со проф. Марина Чадо и нивниот соработник проф. д-р Владимир Марковиќ од Белград. Во меѓувреме учествував на многу натпревари и музички настани во нашата држава, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Италија, Русија… и сите тие позитивно влијаеја на мојата надградба, развој, стекнување искуства и знаења и оставија различни впечатоци кај мене, но највпечатлив натпревар за мене беше мегународниот натпреварот Eugen Cuteanu во Темишвар, Романија и можам да кажам дека тоа беше моментот што уште повеќе ја разгоре љубовта кон виолината и ме стимулираше да продолжам понатаму.
*Марина Чадо, виолинист, „Пијанофорте“* Според тоа што го кажуваш, потребно било многу трпение и дисциплина за да се постигнат тие успеси.
- Ќе повторам дека имав среќа и прекрасни родители кои обезбедија да работам со многу квалитетни професори бидејќи во оваа работа потребен е точно определен план и интензивна подготовка. Така изгледаа и моите денови пред поважните настапи и натпревари. Вежбање во училиште, вежбање дома, вежбање во „Пијанофорте“. Сето тоа според однапред зацртан план. Меѓународните натпревари секогаш ги гледав и се уште ги гледам како можност да се прикаже вложениот труд во текот на подготовките но и да излезе креативноста во изведбата, за тоа да бидат препознаено во пошироки граници и од страна на поголем круг на стручни лица и од публиката.
* Според твоето искуство може ли да кажеме дека и во домашни услови може да се добие високо квалитетна виолинска обука?
- Секако дека може. Како и секаде, и во Македонија може да се добие високо квалитетна виолинска обука. Важните елементи за таква обука се квалитетот на професорите, личната желба за напредување и незадоволување со просечност, наоѓање повеќе терминали кои ќе помогнат во надградување и покачување на стандардот на учење и многу, многу личен вложен труд.
* Дали музичката академија во Љубљана ги исполни твоите очекувања?
- Љубљана е град со значајна историја и развој на подрачјето на музиката и културата и нормална појава е секојдневно да се организираат голем број музички настани. Моите очекувања од музичата академија во Љубљана, иако беа доста високи, можам слободно да кажам дека се надминати. Квалитетни професори и студенти од различни држави и култури, постојана поддршка од академијата и можности за развој во сите правци на музичката професија, допринесуваат за најголем развој во избраниот правец на студирање, во мојот случај инструментал – виолина. Тука повторно ќе кажам дека подготовката што ја имав дома во Македонија и соработката со професорите од „Пијанофорте“ кај мене поставија стандард за тоа што треба да очекувам да добијам и која е мојата стартна позиција.