Срце како планина: Пензионерот Радо ја продаде куќата, за да ги даде парите за лекувањето на малата Миња Матиќ
фото: print screen RTS
Радослав Марјановиќ, пензионер од Умчар, близу Белград, покажа дека човештвото е она на што секогаш можеме да се потпреме во најтешките времиња. Тој ја продаде куќата што ја наследи, за 10 000 евра, а целиот приход го даде за лекување на едногодишната Миња Матиќ, која страда од ретка и тешка спинална мускулна атрофија тип 1.
Тој работел искрено и напорно целиот свој живот. Радослав не бирал работни места, бил и ковач и месар по потреба. И сега, пензионерските денови ги поминува работејќи. Во рамките на домаќинството, тој се грижи за животните, но и за 10 хектари земја. Како што рече, ги обезбедувал досега своите деца и внуци, па сака парите од продажбата на куќата да ги даде на оние на кои им се најпотребни.
"Фала му на Бога, ми даде здрави деца и здрави внуци. Значи, не ми треба овој капитал што го добив од наследството. Затоа и го дадов на малата Миња за здравје, да се опорави што е можно побрзо и да биде во најдобар ред", вели пензионерот Радослав Марјановиќ.
Селаните имаат само пофални зборови за Радослав и неговото семејство.
„Тој е многу искрен човек, добар, дружељубив, сака да направи, да помогне, а исто така страдаше од коронавирусот, виде каква е ситуацијата, кога некому му треба помош и тој направи нешто што ретко кој може да направи денешно време“, изјави Билјана Лукиќ.
Човекот со големо срце за српските медиуми изјави дека не сака медиумско внимание. Но, среќен е што на овој начин, ќе може да им биде пример на другите, за да можат што побрзо да се соберат парите за лекување на малата Миња.
Лекот за Миња чини 2,4 милиони долари.
Цела Србија се крена на нозе за да се соберат пари, а пред некој ден и познатата пејачка Марија Шерифовиќ одржа маратонски хуманитарен онлајн концерт за прибирање на што е можно повеќе средства.
За да може Миња да ја добие битката за живот, потребно е да се соберат уште 140.000 долари.