Среде село ечеа зурли и тапани: Младенците Стефана Димитрова и Даријан Кочоски го кажаа судбиносното „да“ на Галичка свадба
Зурли и тапани изминатиот викенд ечеа во мијачкото село Галичник по 61. пат каде се одржа најголемата и уникатна свадба на Балканот.
Вековната традиција за Галичка свадба ја продолжија младенците Стефана Димитрова и Даријан Кочоски со потекло од Галичник кои се заколнаа на вечна љубов, во црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Галичник.
Со адети кои се дел од традицијата на Галичка свадба, гледање на момчето низ прстен, бричење на младоженецот, китењето на невестата се чувари на оваа вековна традиција која како театар во живо е вистински предизвик и за странските туристи.
Освен зетот и невестата кои се главни ликови на оваа традиционална свадба, присутни се возрасни, деца, мажи и жени кои се облечени во автентични носии.
Како и секоја година професионалните играорци од групата „Танец“ со изведба на македонското оро „Тешкото“ не ги оставија присутните рамнодушни.
Како покровител на Галичката свадба присутна беше претседателката Гордана Силјановска Давкова која на младенците им подари галичка пафта, дел од накитот на традиционалните мијачки носии.
Исто така како гостин присутен беше и министерот за култуа Зоран Љутков со сопругата Маја.
Фото: Фејсбук/ Министерство за култура/ Гордана Силјановска Давкова