Стартуваше тримесечната програма на МАСИТ за преквалификација на кадар
Денеска стартува 12-неделната програма на МАСИТ со поддршка на РЕГ проектот на УСАИД, за преквалификација на 40 млади луѓе кои добија можност да се стекнат со ИКТ знаења и вештини и практично искуство. Обуката ќе ја реализира Brainster, компанија специјализирана за едукација во областа на информатичко-комуникацски технологии и дигитални вештини.
“Индустријата за информатичко-комуникациски технологиии е најпрогресивна индустрија во моментов, индустрија во која може да градите кариери, да патувате и да остварите голем успех. Тоа го потврдуваат и бројките. Во Македонија бројот на компании во оваа индустрија постојано расте. Ако во 2017 година имаше 1700 регистрирани компании, минатата година тој број порасна на 2.300 компании. Програмата која имате прилика да ја поминете е дизај нирана според потребите на овие компании и ве охрабруваме да дадете максимум од себе, да се стекнете со базични ИКТ знаења и вештини кои понатаму ќе продолжите да ги надградувате“, изјави Анита Никова, извршен директор на Стопанската Комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) по повод стартувањето на програмата поддржана од РЕГ проектот на УСАИД.
Таа ги охрабри учесниците да ја искористат максимално оваа обука да навлезат во основите на ИКТ индустријата, да се стекнат со знаења и пракса која ќе им ги отвори вратите на некоја од домашните компании кои се гладни за кадар. Најдобите студенти ќе добијат препораки за вработување кај компаниите кои имаат потреба, а оние кои ќе се решат да започнат свој бизнис исто така ќе добијат поддршка од МАСИТ во правењето на првите чекори во претприемништво.
“Досега низ нашите едукативни програми поминаа околу 6.000 задоволни луѓе. Ние нудиме “hands on” искуство што значи дека го спојуваме теоретското знаење со работа на реални проекти. Таква ќе биде и оваа интензивна 12-неделна обука од која ќе излезете со конкретен проект, целосно изработена веб страница од страна на секој учесник. Тоа значи дека кога ќе излезете оттука ќе имате готов проект во вашето портфолио што е многу важен фактор за идното барање работа. Затоа ве охрабрувам да ја искористите шансата и да го дадете најдоброто од себе“, им порача Петар Ниновски, основач на Brainster,на учесниците на стартот на програмата која вклучува предавања, онлајн курсеви, предизвици, работа на проекти и презентации.
Низ процесот на преквалификација слушателите ќе се стекнат со теоретско и практично знаење, ќе работат на конкретен проект и ќе ги збогатат и своите компетенции со организациска култура и меки вештини, што ќе ги профилира да бидат веднаш спремни за вработување и ангажирање во ИТ компаниите во земјава.
“Од оваа програма очекувам да стекнам со базични технички знаења кои ќе ми помогнат да влезам во ИКТ светот и да започнам кариера во овој сегмент кој што сметам дека е најдинамичен и најпрогресивен во моментов. Верувам дека иднината е воинформатичката и комуникациската индустрија и затоа се гледам себеси таму“, изјави 33-годишната Ана Ангеловска, една од 40-те учесници на оваа програма.
За учество во програмата се пријавија 145 кандидати, од кои беа одбрани 40. Предност имаа невработените лица, а услов за да се влезе програмата беше да имаат најмалку завршено средно образование, да не се постари од 35 години и да имаат интерес и предиспозиции за работа во ИКТ сектори.
Програмата ја спроведуваат Стопанската Комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) и Brainster, со поддршка од проектот на УСАИД за регионален економски раст (РЕГ) кој се спроведува во неколку земји.