Таа е... Ирена Спировска: „Се препознав себеси во Душко"

Добивај вести на Viber

Ирена ја знаев отсекогаш, иако не ја познавав. Првпат ја запознав на една моја промоција, кога ја имав честа да прочита песна. Нема да претерам ако кажам дека за неполна минута ме освои со својата насмевка, топлиот поглед, смиреноста со која дишеше нејзината појава (и која ми ја пренесе, бидејќи на секоја промоција се чувствувам како пред распаѓање) и елеганцијата. Да ја гледате отстрана е како да влегувате во еден свет во кој изобилува со бои, кроткост и тивок шарм, кој токму со својата ненаметливост ја прави уникатна.

Нема ниту еден позначаен настан на кој не е присутна како водител. Секогаш ведра, елоквентна и без претенциозност да доминира на сцената, а во исто време самоуверена и свесна за својата моќ врз публиката, Ирена ве води низ одредена манифестација со невидено уживање. Патем речено, мајка ми ја обожува и секогаш вели “оваа жена не старее, види ја колку е одмерена и убава”.

Во разговор со неа, ќе видите дека е иста како на сцената. Без глума, без самобендисаност (на која би имала потполно право), без ниту еден лош збор или поглед кој ќе лута околу. Кога зборува со вас, имате чувство како на светот да постоите само вие во тој миг, бидејќи нејзината заинтересираност за она што и’ го зборувате е искрена и без преправање.

Ниту еден мој настан не би бил ист без неа и без нејзиниот глас кој ве води низ емоциите кои сум ги ставила во книга. Таа е една од моите жени-змејови, своја, храбра, со цврст стисок на раката, со прегратка во која ви се дава себе, жена од која учите, жена за која знаете дека ќе ви го чува грбот кога и да треба.

Ден-денес може слободно да прошета низ модните писти рамо до рамо со девојки кои се на прагот на своите дваесетти и да направи да не можете да го тргнете погледот од неа. Таа е мојата поддршка и дел од битијата кои се скапоцени и дадени од Универзумот и кои се тука да ве потсетат дека има ЛУЃЕ кои вредат, особено тогаш кога  ви се чини дека се’ тргнало удолу.

И не е дека и’ треба посебно претставување. Не е дека и самите не сте го создале истото мислење кое и јас го имам за неа. Не е дека не сте ја почувствувале нејзината харизматичност и пред се’ внатрешна убавина, која и’ се гледа однадвор. Но, имав потреба и желба на овој начин да и’ кажам дека ја сакам и дека сум среќна што ми е тука.

Ladies and gentlemen, Ирена Спировска!

* ТЕ КРАСИ ОДМЕРЕНОСТ, ВЕДРИНА И СМИРЕНОСТ ПО КОЈА СИ ПРЕПОЗНАТЛИВА. КАКО ИЗГЛЕДА ИРЕНА КОГА Е ЛУТА, ДАЛИ БРЗО ТИ ПОМИНУВА ЛУТИНАТА ИЛИ ВЕРУВАШ ВО ОНА ПРОСТУВАМ, НО НЕ ЗАБОРАВАМ?

- Кога сум лута не може никој лесно да ми го смени расположението и тогаш сакам да сум на дистанца. Колку време ме држи лутината зависи од причината и од тоа кој ме налутил,но за среќа не ме држи премногу долго таквото расположение.Брзо простувам,но не заборавам.Емотивна личност сум и секогаш памтам ако некој ми ги повреди чувствата.

* ЌЕРКА ТИ ЗОРИЦА ГО НОСИ ИМЕТО НА ТВОЈАТА ОДАМНА ПОЧИНАТА МАЈКА. КОЛКУ СЕ СЕЌАВАШ НА НЕА, СО ОГЛЕД ДЕКА СИ ИМАЛА САМО 10 ГОДИНИ КОГА ЈА ИЗГУБИЛА БИТКАТА СО РАКОТ НА ДОЈКА И ДАЛИ УСПЕВАШ ДА ЈА ВИДИШ НЕКОГАШ ВО ЗОРИЦА ИЛИ ДА ЈА ПРЕПОЗНАЕШ ВО СЕБЕ И СВОИТЕ ПОСТАПКИ ИЛИ КАРАКТЕР?

- Мојата мајка почина многу млада,кога имаше само 35 години па за жал големиот дел од спомените се тажни и поврзани со периодот кога таа и нашето семејство се соочуваше со тешката болест. Не можам да кажам точно во колкава мера сум ги наследила нејзините карактерни особини затоа што не сум имала можност добро да ги осознаам и запаметам на таа возраст,но затоа можам да кажам дека изгледот го имам наследено од неа во целост.

* ПОЧЕТОЦИТЕ ТИ СЕ ВРЗАНИ ЗА МОДЕЛС ИН И МТВ, НО И СО ОСВОЈУВАЊЕ НА ПРВОТО МЕСТО НА ИЗБОРОТ ЗА ЗИМСКА УБАВИЦА НА МАКЕДОНИЈА. НЕ ТЕ ПРИВЛЕКУВАШЕ КАРИЕРАТА НА МОДЕЛ ИЛИ УШТЕ ТОГАШ СЕ ГЛЕДАШЕ СЕБЕ ВО ДРУГИ ВОДИ?

- На модните писти зачекорив кога имав  17 години,како дел од подмладокот на модната агенција Моделс Ин. Од старт се чувствував удобно и пријатно пред камерите и фото објективите. Кога наполнив 18 години се пријавив на аудиција во МРТВ и за многу кратко време сфатив дека работењето во телевизија е многу покреативно отколку чекорењето по модните писти. Реално, за мене телевизискиот ангажман во тоа време беше многу повеќе еден интересен и забавен начин да заработувам џепарлак за студентските денови, отколку сериозна амбиција и желба за долгогодишна кариера. Но како што минуваа годините, така се зголемуваше бројот на проектите ,обврските и ангажманите, а со тоа растеше и моето искуство и љубов кон работата. И еве, таа љубов трае цели 30 години.

* ПОБОРНИК СИ НА ЗДРАВА ИСХРАНА И СПОРТУВАЊЕ. ЗНАЕМЕ ДЕКА СИ ВЕГЕТАРИЈАНЕЦ И ДЕКА СЕКОЈ СЛОБОДЕН МИГ ГО ПОМИНУВАШ ВО ПРИРОДА, НА ПЛАНИНА. ЗОШТО ТОКМУ ТОА КОГА СЕГА Е ВО МОДА ДА СЕ ОДИ НА ФИТНЕС, ЈОГА ИЛИ ЗУМБА И КОЛКУ ЗДРАВАТА ИСХРАНА ТИ ПОМАГА ВО ФИЗИЧКАТА  И МЕНТАЛНАТА КОНДИЦИЈА? 

- Како дете членував во извиднички клуб и верувам дека токму оттука потекнува  љубовта и страстта кон планините. Највисокиот врв во поранешната југословенска држава (Триглав,2864 мнв) го искачив кога имав 22 години. Планините се моја прва и најголема љубов. Индор спортските активности премногу ме асоцираат на канцеларија, ми пречи чувството дека сум ограничена и затворена. Планината нуди слобода, широчина, неограничени хоризони, прекрасни глетки, неверојатни пејсажи, спокој кој ретко се наоѓа било каде на друго место. Здравата исхрана секако во голема мерка придонесува за добра форма и кондиција на секој човек. Спортувањето и здравиот начин на исхрана идеално се надополнуваат и овозможуваат да се чувствувате убаво и витално.

* СИ ИМАЛА ЛИ НЕКОЕ ЛОШО ИСКУСТВО ЗА ВРЕМЕ НА ПЛАНИНАРЕЊЕ? ШТО Е ОНА ШТО ТЕ ДРЖЕЛО ПРИСЕБНА ВО ТИЕ МОМЕНТИ?

- Секоја активност носи одредени ризици. За среќа досега не сум имала некое посериозно лошо искуство на планина, освен скршнување од патеката поради магла или силен ветер што обично може да се случи за време на зимските искачувања. Највисокиот врв на кој сум се искачила е Мусала (2925 мнв) кој воедно е и највисок врв на Балканот,што значи дека не сум била на врв повисок од 3000 мнв. Нормално колку е повисока планината толку се поголеми и ризиците.

* ПОСЕДУВАШ ПРИРОДНА УБАВИНА, НЕ СТАВАШ ПРЕМНОГУ ШМИНКА (ОСВЕН ЗА ПРЕД ТВ ЕКРАНИТЕ, НО ЗА ТОА СИ ИМА СТАНДАРДИ) И ЕДНА СИ ОД РЕТКИТЕ ТЕЛЕВИЗИСКИ ЛИЦА БЕЗ КОРЕКЦИИ. ДАЛИ НЕКОГАШ БИ НАПРАВИЛА ЕСТЕТСКА КОРЕКЦИЈА ИЛИ ПОВЕЌЕ СИ ЗА ТОА ДА ГИ НОСИШ ГОДИНИТЕ СО СИТЕ СВОИ ОБЕЛЕЖЈА, А НЕ ДА СИ РОБ НА БРОЈОТ КОЈ ЈА КРАСИ РОДЕНДЕНСКАТА ТОРТА? 

- Овој месец ќе наполнам 48 години. Свесна сум дека веќе се гледаат првите брчки на моето лице и дека со тек на времето ќе ги има се’ повеќе. Стареењето го дожививам како природен и нормален процес. Вечната младост е илузија која актуелните трендови и корективните медицински третмани ја промовираат и поткрепуваат. Мислам дека е тоа бегање од реалноста и од себе си.

* КОГА ВЕ ВИДОВ ПРВПАТ ЗАЕДНО СО ДУШКО (ЧИНАМ ДЕКА БЕШЕ НА ЕДНА ЗАБАВА КОЈА ЈА ОРГАНИЗИРАШЕ КРОАЦИЈА), ПРВОТО ШТО МИ ПАДНА НА ПАМЕТ БЕШЕ ЕДНА СТАРА НАРОДНА ПОГОВОРКА КОЈА ЌЕ ЈА ПАРАФРАЗИРАМ, СЕКОЕ ГРНЧЕ СО СВОЕ КАПАЧЕ. ЛИЧЕВТЕ КАКО ДА СЕ РАЗБИРАТЕ БЕЗ ЗБОР, КАКО ДА СТЕ СИ ГРБ ЕДЕН НА ДРУГ. ШТО ТЕ ПРИВЛЕЧЕ КАЈ НЕГО ШТО ОПСТОЈУВА И ДЕН-ДЕНЕС, СО ОГЛЕД НА ТОА ШТО СТЕ ВЕЌЕ ДОЛГО ВРЕМЕ ЗАЕДНО?

- Се препознав себе си во него.

* ПОМИСЛУВАШ ЛИ НЕКОГАШ ДА СМЕНИШ ПРОФЕСИЈА И ДА СЕ ПРОБАШ ВО НЕШТО ШТО БИ БИЛО ДАЛЕКУ ОД КАМЕРИТЕ?

- Во животот треба да сме отворени за сите опции и спремни да прифаќаме нови предизвици. Не ја отфрлам можноста еден ден да работам нешто сосема поразлично.

* СЕ СЛУЧИЛО ЛИ ДА ИМА НЕПРЕДВИДЕНИ СИТУАЦИИ ЗА ВРЕМЕ НА НЕКОЈА МАНИФЕСТАЦИЈА, ПА ДА ТРЕБА ДА ИМПРОВИЗИРАШ И ДА ГО ПРИСПОСОБИШ СЦЕНАРИОТО НА ДАДЕНИОТ МОМЕНТ?

- Непредвидени ситуации има многу често, слободно можам да кажам дека е тоа составен дел од работата. Се случува некогаш да дојде до промена на сценариото во последен момент, а па дури и во тек на самиот настан, да не дојде некој учесник, да се смени редоследот, да откаже техниката. Во ваквите ситуации моќта за импровизација е многу важна и ако водителот умешно се снајде, публиката може и воопшто да не забележи дека работите не се одвиваат според замисленото сценарио.

* КОЛКУ И КАДЕ САКАШ ДА ИЗЛЕГУВАШ? КАКО ТИ МИНУВАШЕ ВРЕМЕТО ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАТА?

- Кога сум слободна најмногу сакам да сум во природа или некаде каде што е атмосферата тивка, без многу врева и гужва. Рестрикциите кои ни ги наметна пандемијата не ги доживеав како ограничување, туку како можност да го успорам темпото на живеење и да уживам повеќе во едноставните секојдневни нешта.

* БИ СМЕНИЛА ЛИ НЕШТО АКО ИМАШ МОЌ ДА ГО ВРАТИШ ВРЕМЕТО НАЗАД? КОЛКУ СИ ЗАДОВОЛНА ОД ТОА КАДЕ СИ СЕГА И ДАЛИ БИ ПОСТАПИЛА ПОИНАКУ ВО ДАДЕНИ СИТУАЦИИ?

- Секако дека би сменила многу нешта кога би имала моќ да го вратам времето назад. Годините ни носат искуство и мудрост, а временската дистанца ни дава можност пореално и пообјективно да ги согледаме ситуациите со кои сме се соочувале низ животот.

И за крај... драга Ирена, знам дека оваа песна ти е омилена. Ти ја посветувам тебе и на човекот во кого се препозна себе.

Да си најдиш чоек рамен на тебе

кој ќе ти ја љуби и сенката

кој и својата во твојата ќе ја гледа

и да те чува ко капка вода на рака

ко жеден чоек во пустина да те гледа

ко да си му зеница

ко да си нешто што не видел никојпат

таков чоек пиле да си најдиш

кој нема да ти се плаши оти ко другите не си

кој нема да ведни глава ко ќе викаш

кој тогаш глата ќе ти ја фати меѓу дланки

и ќе те замолчи со бакнеж

кој ќе ти биди изгрејсонце

а зајдисонцето рака в рака ќе го минувате

кој никогаш нема в постела грб да ти заврти

и со лоша мисла покрај тебе да заспие

таков пиле

таков да ми најдиш за себе

кој простум до тебе ќе стои ко ќе врни

и ко во животот молњи ќе ве навјасаат

кој ќе те покрие ко ми ти студи од болка

и кој ќе те нишка ко мало дете да си

кој твојата нежност ќе знај да ја види

и на твојот убав збор душата ќе му се топи

немој див чоек да земиш до себе

таквиот само ќе те умори и поболи

оти срцето твое ко памук е

и сиот јад ќе го збери

и телото ќе ми ти страда

и очите сјајот ќе ми ти го изгубат

убав чоек

рамен на себе да бараш

и колку и сама да си да не бираш шогоде

ниту да се пазариш за неговото внимание

да те остај своја да си

да те остај да пишиш оти тоа си

да не се плаши од твоите зборој на хартија

ниту од тоа дека силна знајш да бидиш

кој ќе ми те љуби и ко си со глата крената

и со нурната в земи ко не ти е арно

оти животов краток е

толку кус

шо на старост ќе ти се чини оти само си сонвал

оти ништо не било реално

зато времето да не си го губиш

ниту себе да се изгубиш во бркотници и објаснувања

кротко и мило да си го бараш она шо ти треба

она шо градината во умот ќе ти ја расцвета

а пилето во градите ќе ми ти го распеј

оти животот кус е

и горчлив знај да биди ко е чоек несреќен

и глата горе

тука е

оти секој чоек е напола сечен

и среќа е да си ја најди полојната

таа со која цел ќе е со која свој ќе е

слободен и среќен

слободен пиле...слободен и среќен


За Женски Магазин, Ана Бунтеска