TAA E…Миа Костова: Ништо не може да функционира ако не се сакаш себеси
Може да ја сакате, може да не ја сакате,
ама никој не останал рамнодушен на нејзината појава. Остра на јазик, своја,
храбра, кршач на табуа, посветен родител, духовита, интелигентна и уникатна,
Миа точно знае како да жонглира со сите обврски кои ги има како мајка и деловна
жена. Нејзиниот Инстаграм профил не е само место каде што ќе ви доближи одреден
бренд, туку е и безбедна зона каде што можете да споделите со неа она што ве
мачи. И не, не е тоа психотерапија, туку е пријателски муабет за темите кои
имаат распон од несоница до анксиозност, од панични напади до сугестии за тоа
каде и како да го поминете годишниот одмор.
Моќта која ја има врз следачот не се должи на “продавање” слика за себе која нема допир со реалноста, туку напротив, покажувајќи ја својата ранливост, стравови, желби и соништа. Начинот на кој се разоткрива себеси некогаш е плодно тло за осуда и малограѓански муабети, но она што отсекогаш ме фасцинирало кај неа е нејзината решеност да биде она што е, без оглед на последиците. Конекцијата која ја има со сите кои доаѓаат на нејзиниот профил се должи на искреноста со која ќе ве почести и со нејзиното брутално зборување на вистината. Нема лага, нема криење. Како да сака да ви каже “ова сум јас, земи или остави”. Токму затоа е успешна во она што ќе го науми, влегувајќи целосно во нештата, без задршка и на потешкиот начин.
Познавам многу жени кои се ваги во хороскоп. Сите од нив биле секогаш синоним за женственост, стил, фокус за да се постигне саканото. Но, она што “лаже” е челичниот карактер кој е затскриен зад нежната става, кревкиот изглед и појавата која остава впечаток на беспомошност. Ќе ве изненади колку сила и автентичност се крие во навидум нежните жени, на кои не им треба некој да ги заштити туку да ги прифати такви какви што се.
Нема да должам со претставување на жената која можеби нема да побара од вас да ги соблечете чевлите кога ќе влезете на нејзиниот Инстаграм или ФБ профил, но која ќе ве исфрли надвор ако и’ внесете ѓубре и поганлаци.
Чест ми е што е дел од ТАА Е...
Ladies and gentlemen…Миа Костова
1. АКО ЗА НЕШТО ТИ ГИ САКАМ “СТОРИЊАТА” НА ИНСТАГРАМ, ТОА Е ТОКМУ ЗАРАДИ ХРАБРОСТА ДА ГИ СПОДЕЛИШ СИТЕ СВОИ СТРАВОВИ, БОЛКИ, РАДОСТИ И РАЗОЧАРУВАЊА. КОЛКУ ТЕ ЧИНИ ЕМОТИВНО ТАА ИСКРЕНОСТ СО КОЈА ОДДАВАШ ПОЧИТ КОН СИТЕ НАС КОИ ТЕ СЛЕДИМЕ?
- Ти благодарам, мислам дека искреноста ме прави поинаква на Инстаграм. Немам јас некој инфлуенсерски контент, колку што сакам да си го кажам мислењето на секоја тема. Единствено ме чини нерви ако им дадам внимание на оние на кои ништо не им чини. Но, со годините научив тоа да ме занимава ако немам друга работа во моментот.Инаку, во однос на пораките кои ги добивам како поддршка или пораки во кои сум “спасила” некој не се мери радоста и искрено многу ги почитувам и сакам моите следачи, па така и да ме чини нешто, минимално е и незабележливо.
2. НЕКОГАШ МЕ ФАЌА САФРА И БЕС, ПА МИ ДОАЃА НАМЕСТО ТЕБЕ ДА ГИ РАСПЕРДАШАМ СИТЕ КОИ ДРСКО СИ ДОЗВОЛУВААТ ДА ТЕ ПРАШУВААТ ЗА АНДРИЈА, ТАТКО МУ, ТИЈАНА И ОПШТО ЗА ТВОЈОТ НАЈИНТИМЕН ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ. ЧИНАМ ДЕКА СЕКОГАШ СЕ ОБИДУВАШ ДА ГО СВРТИШ ТАКВОТО НЕВОСПИТАНО ОДНЕСУВАЊЕ НА ШЕГА ИЛИ ДАВАШ НЕКАКОВ ПОЛУИРОНИЧЕН ОДГОВОР КАКО ПОТСЕТНИК ДЕКА ИМА ГРАНИЦА ДО КАДЕ МОЖЕ ДА ТИ СЕ НАВЛЕЗЕ ВО ЖИВОТОТ. КАКО ГО ПРЕЖИВУВАШ ТОА ОТКАКО ЌЕ ГО ИСКЛУЧИШ ИНСТАГРАМОТ? ТЕ ВАДИ ЛИ НЕКОГАШ ОД КОЛОСЕК?
- Пак ќе кажам, навикната сум и не очекувам да е поинаку. Мислам дека доколку би добила нормални прашања од типот во кое маало сум пораснала, ќе се збунам комплетно (се смее). Инаку да, одговарам онака како што сум прашана. Ако ти имаш образ и доволно дрскост да ме прашаш кај е татко му на Андрија јас исто така можам да ти одговорам како ќе ми е ќеиф во моментот. Или ќе ти ја исмевам глупоста или дрско ќе те испратам кај мајка ти (се смее). Е сега, некој ќе рече “ама со тоа што си се нафатила да бидеш јавна личност МОРАШ да се носиш совакви прашања”. Не се сложувам, јас сметам дека сум и повеќе од потребно отворена пред својата публика, но некои работи си имаат граници. Им пречи да се сликаш во тоалет на шолја (дека ете тоа правиш во моментот), а не им пречи да те прашаат кој ти спие во кревет. Е, не оди тоа така.
3. КАМЕРАТА ТЕ САКА И АКО ЗА НЕКОГО МОЖАМ ДА КАЖАМ ДЕКА ПОД РЕФЛЕКТОРИ Е КАКО РИБА ВО ВОДА, ТОА СИ ТИ. КАКОВ ПРОЕКТ БИ ТЕ ЗАСКОКОТКАЛ ЗА ДА СЕ РЕШИШ ПОВТОРНО ДА ЗАБЛЕСКАШ ПРЕД ТВ ЕКРАНИТЕ?
- Чудесно, баш така се чувствувам кога зборувам пред камера. Дури кога ќе се вклучи камера имам чувство дека сум со побрза мисла и многу поопуштена отколку без неа. Не знам за проект искрено, овде во Македонија не ми се работи ништо. Одамна немаме естрада (со чест на исклучоци), немаме ѕвезди и нема материјал за било каков проект. Ама ако веќе баш морам, би сакала убаво ток шоу со дел за малку коментирање од мој аспект на се’ нешто што се случило.
4. СЕКОГАШ ВЕЛАМ ДЕКА АКО ЧОВЕК САКА ДА ЗНАЕ НЕШТО ЗА НЕКОГО, ПОТРЕБНО Е САМО ДА МУ ГО ВИДИ ДЕТЕТО ПА ДА ЗНАЕ СО КОГО СИ ИМА РАБОТА. СЕ КАЕШ ЛИ ШТО НЕ ГО НАУЧИ АНДРИЈА ДА БИДЕ СУРОВ И ГРУБ ИЛИ ИМАШ ВЕРБА ДЕКА СЕПАК ОСТАНАЛО ЧОВЕЧНОСТ ВО ЛУЃЕТО?
- Не се каам воопшто! Тоа каков е Андрија денес, е признание и пред самата мене колку сум вложила и дека колку и да ни било тешко никогаш не почувствувал, а со тоа прераснал во добар човек, воспитан и умерен во сѐ. Мислам дека ќе си го најде патот и без борбеност, зошто неговата енергија и воспитаност отвора врати со поглед, а не на сила. Тој е мој најголем успех и моја најголема гордост.
5. ГЛАСНА СИ ЗА СЕ’ ВО ШТО ИСКРЕНО ВЕРУВАШ, ПА НА ТВОИТЕ СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ РЕДОВНО ЧИТАМ ОСУДА ЗА НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИТЕ, СОУЧЕНИЧКО НАСИЛСТВО, СТАВ ЗА ПОЛИТИЧКИ СЛУЧУВАЊА (ПОРЕТКО, НО НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ЈАСНО И ГЛАСНО НЕ СИ КАЖАЛА ШТО МИСЛИШ). ТВОИТЕ ОБЈАВИ ЧЕСТО ПАТИ СЕ ПОТТИК МНОГУМИНА ДА СИ ЈА ИСКАЖАТ СВОЈАТА БОЛКА ИЛИ СООЧУВАЊЕ СО НЕКАКОВ ПРОБЛЕМ. СИ ИМАЛА ЛИ ЗАКАНИ ИЛИ ПРИТИСОЦИ ЗА НЕМАЊЕТО ВЛАКНО НА ЈАЗИК (ОСОБЕНО КОГА НА СПЕКТАКУЛАРЕН НАЧИН ЈА ПРИКАЖА СОСТОЈБАТА СО ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА И ЗДРАВСТВОТО-СЕКОЈА ЧЕСТ НА ИСКЛУЧОЦИТЕ)?
- Ми се случило секако, во принцип ми се случува кога има политичка конотација, често ми стасуваат заканувачки пораки во инбокс, кои не ги есапам многу, но не значи дека ми е пријатно. А пародијата со видеата на јутјуб помина премногу позитивно и мислам дека немаше ниту еден негативен коментар, а ми пишуваа и доктори и административци. Начинот им се допадна дефинитивно.
6. КОИ ЖЕЛБИ ТИ СЕ НЕОСТВАРЕНИ? ДАЛИ ВООПШТО ГИ ИМАШ ИЛИ СЕКОГАШ И ОД СЕКОЈА СИТУАЦИЈА И МОЖНОСТ ГО ВАДИШ НАЈДОБРОТО?
- Ако добро размислам, изгледа е ова второто. Никогаш немам некои нереални желби, но тековно сѐ што ќе наумам остварувам. Имам една долгогодишна желба која никогаш не поминала, а тоа е да се преселам на море.
7. ЛИЧНО, СКЕПТИЧНА СУМ КОГА НЕКОЈ САКА ДА МИ “ПРОДАДЕ” НЕКОЈ ПРОИЗВОД. РАЗЛИКАТА МЕЃУ ОСТАНАТИТЕ ИНФЛУЕНСЕРИ И ТЕБЕ (СПОРЕД МНОГУМИНА СО КОИ ШТО СУМ ИМАЛА МОЖНОСТ ДА РАЗГОВАРАМ) Е ТОКМУ ВО ТОА ДЕКА ТИ НЕ ПРОДАВАШ, ТУКУ СПОДЕЛУВАШ СВОЕ ИСКУСТВО ОД КОРИСТЕЊЕТО НА НЕКОЈ ПРОИЗВОД. ОТТУКА ПОТЕКНУВА И ОНАА ТВОЈА “БОРБА” ЗА ФЕР ПЛЕЈ, ЗНАЕЈЌИ ДЕКА ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ИНФЛУЕНСЕРИТЕ РАБОТАТ ЗА БРЕНДОВИ ЧИИ ПРОИЗВОДИ НИКОГАШ НЕ БИ ГИ КОРИСТЕЛЕ. КОЛКУ ТОА ТЕ ПРАВИ НЕПОПУЛАРНА МЕЃУ КОЛЕГИТЕ НА ИНСТАГРАМ?
-Немам епизодни соработки, не работам за “да ти платам едно стори шерни ме”, не функционирам на принцип “1000 евра и рекламирај го ова”, а немам поима за што се работи и какво е. Тоа се некои принципи. Јас често сум на Инстаграм како следач и се’ она што ме нервира кај другите или ми е срам кога го гледам, се трудам да не го применувам. Имам соработници кои се со мене 3-4 години, ќе потврдат дека секоја соработка почнала со тест период од неколку месеци, дали е крема или ланче сеедно. Не сакам да сум во ниту еден момент подвижен билборд. Заработувам и повеќе од квалитетно со само неколку брендови и сакам Инстаграмот да ми е 60-70 проценти живот. Тоа е она што ме прави блиска со следачот и потенцијалниот купувач на нешто, за што јас гарантирам.
8. ЗАД КАКОВ ВИД БРЕНД НЕ БИ ЗАСТАНАЛА НИКОГАШ И ПО НИЕДНА ЦЕНА?
- Нешто што не сум јас, нешто што не знам како да го пласирам оти прво не му верувам, второ не ми се допаѓа. Имам многуууу, неброено многу одбиени соработки. Буквално сум добивала понуди од автоделови преку гаќи за мензис, пици и средства за чистење. Иако поддржувам мали бизниси и сум споделила нечии вакви производи со намера да помогнам, трајни соработки не прифаќам.
9. ПРЕД ИЗВЕСНО ВРЕМЕ НА ТВОЈОТ ФБ ПРОФИЛ НАПРАВИ РЕОБЈАВА НА ЕДНО ВИДЕО И ВЕЛИШ: “Кога сум го постирала, сум мислела дека е невозможно. После неколку години сум близу 38. Многу е возможно и прекрасно е.” ДО КАКВИ НОВИ СОЗНАНИЈА ДОЈДЕ ЗА СЕБЕ ИЗМИНАТИВЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ?
- Токму тоа го научив, дека ништо не може да функционира ако не се сакаш себеси и ако не си си на прво место во животот. Дека нема подобро од комплетна независност, дали финансиска или емотивна дури и кога си во врска од аспект на тоа дека се чувствуваш лагодно со партнерот за било што. Дека не седиш некаде ако не ти се седи, не одиш никаде каде што не ти се оди, не правиш отстапки за никого ако ти тоа не го сакаш.
10. ЗБОРУВАШЕ ЗА ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ И ЗА ТОА ДЕКА НЕ СЕ СОГЛАСУВАШ ДА СЕ ПРАВИ ШОУ СО ПРОМОВИРАЊЕ НА ОБЕЗНОСТА, ПРЕД СЕ’ ОД ЗДРАВСТВЕН АСПЕКТ. СЕГА СО НАС ГО СПОДЕЛУВАШ СВОЈОТ ЛИЧЕН ПРЕДИЗВИК 100/100, ОДНОСНО 100 ДЕНА ВЕЖБАЊЕ СО МИРКО. КОЈ ТИ БЕШЕ МОТИВОТ И КОГА ТЕ ФАЌА КРИЗА КАКО СЕ ТЕРАШ СЕБЕ ДА ПРОДОЛЖИШ?
- Нема нешто што ме нервира повеќе од рекламирање на обезност, на сакање на телото со 150 кила. Исто е како да поддржуваш рекламирање изгладнување и анорексија. Да! Си дадов предизвик од 100 дена да го засакам вежбањето или да ја разбудам дисциплината. Вежбам по пет шест пати неделно и искрено сето тоа почна со мојата желба за подобра “глава”. Најмногу заради психичката состојба која лани зимата ме уништи, па кичмата со 3-4 дијагнози, а телото ако дојде е добредојдено.
11. КОЈ ТИ Е ОМИЛЕН ФИЛМ И ЗОШТО?
- Имам неколку. Можеби Евтини приказни, заради тоа што го сакам Тарантино.
12. ОД ШТО НАЈМНОГУ СЕ ПЛАШИШ, А ШТО ТИ ПРЕДИЗВИКУВА НАЈГОЛЕМ ГНЕВ?
- Панично се плашам од смрт и болести. Си измислувам постојано за мене и моите блиски, па си ја претворам мислата во страв, па го живеам моментот додека не си удрам шамар да се освестам. Гнев ми предизвикува секоја неправда (како дупла вага) врз човек или животно. Гнев ми предизвикуваат невоспитани луѓе кои во 21 век тресат пепелник на семафор од прозор, луѓе кои се некултурни со стари луѓе…
13. АКО МОЖЕШ ДА ЗАСТАНЕШ ОТСТРАНА И ДА СЕ ВИДИШ СЕБЕ, ШТО БИ СМЕНИЛА ВО ТВОЈОТ ЖИВОТ ИЛИ КАРАКТЕР?
-Во животот ништо не би менувала, искрено во фаза сум во која секој ден сум благодарна на она што го имам и не сакам ништо повеќе. А во карактерот би ја сменила избувливоста.
14. ЖИВОТ ПОКРАЈ МОРЕ И МИРНО МЕСТО ИЛИ ВО НЕКОЈА СВЕТСКА МЕТРОПОЛА ВО КОЈА БИ БИЛА ДЕЛ ОД ЏЕТ СЕТОТ? ИЛИ МОЖЕБИ НЕКОЈ МИКС КОЈ ЌЕ ТИ ПОЛНИ И ПРАЗНИ БАТЕРИИ ПО ПОТРЕБА?
- Првото за живот, второто да имам можност да си го дозволам кога и да ми текне. Тоа би било совршено.
15. ЗА КРАЈ, ИМА ЛИ НЕШТО ШТО НИКОГАШ НЕ ТЕ ПРАШАЛЕ ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ, А БИ САКАЛА ДА СПОДЕЛИШ СО НАС?
- Не ми текнува на такво прашање , а и да не било интервју сигурно сум го кажала на Инстаграм (се смее).
Миа, имав дилема за тоа која песна да ти ја посветам, па затоа ти одбрав две. Првата ти ја имам постирано на ФБ како поддршка во вечната борба со дилемата дали и колку треба да си дозволиме да навлегуваме во животот на оние кои не ги знаеме (па и на оние кои ги знаеме), а притоа заборавајќи да си подзачистиме во својот двор.
Да си гледаш чергата чупе
И под неа ѓубре да не збираш
Метла купи си
Од оние старите
Со долга дрвена дршка
И ако те бива ем ќе зачистиш
Ем ќе си се кикотиш на своја сметка
Оти и да леташ на неа можиш
Остај ги модерниве машини
Демек смукале прашина ко душа да смукаат
Та ги гледам по телевизиине
Како за пет минути се’ можело да светни
Ти метла да си земиш!
И по дома со неа да чистиш
И во себе некојпат
Околу себе ко ќе треба
Оти ѓубре и во тебе и околу тебе се збира
Ете така да си знајш
Чоек ко си чисти редовно в куќа и пред порта
Нема време со туѓото ѓубре да си ги валка рацете
Не биди љубопитна да ѕирниш кај комшиите
Или не дај Боже кај нив да сакаш да заметиш
Ете зато во секој дом мора метла да има
Оти секој знај ум да дава секому
Та вака требало да се кажи
Та онака требало да се напрај
А да ги потпрашаш
Никој кај себе не си чисти ко шо треба
Ќе изнапикаат се’ и сешто под ќилими
Ќошојте полни лоши мисли
Во плакарите сеништа од минатото
Ама сите паметни кај другите како треба
Не туку ме гледај така и ум бери
Метлата в раце
Шо почесто, то поубо за тебе
Мрза да не бидиш
И да видиш како ќе засветиш
И ти
А и куќата ќе си ја спастриш
Она шо мака на срцето ти прај
И на градите ми ти тежи
Со метла да го подбериш
И одма в канта да го фрлиш
И не туку се пули во туѓото ѓубре
Ниту таму работа имаш
Ниту да даваш твоето друг да го чисти
Засукај ракајте
Спастри косата и почни
Првото чистење е најтешко
И најдолго трае
Ама па ако си мудра
Секое следно полесно и пократко ќе е
И на душичето леко ќе ми ти стани
Туку вие младите неќите така
Вие сакате се’ ко мачката со опашката да прајте
Вклучи струјата и ајт
Набрзина се’ ќе се зачистело
А ништо на овој век шо е брзо не е арно
Зато и животот така ви минва
Брзај ваму
Да стасаш онаму
Ко муви без глај трчате
Да не се знаело како метла в раце се држи
Демек модерни а ваму несреќни
Чергите да си ги гледате
И нозете да ги пружите толку
Колку што чергите долги ви се
Ни појќе ни помалку
Без да аздисувате метлите в раце да ги фатите
И душите да си ги заметите
Ако сакате со лезет и убост живот да врвите
Вторава песна ти е честитка за претстојниот роденден. Да си жива и здрава, да останеш своја и храбра, секогаш опкружена со оние кои ги сакаш.
Велат оти лесно е жена да си
Спастрена секогаш
Дури и тогаш кога душата ти цвили
И солзите однатре ти лијат
Та си ги поткасуваш усните
За да не вреснеш до небо
Кога чекориш ко светот твој да е
На потпетици од кои стапалата те вијат
И тело исправено
Дури и тогаш кога ти иди да се свиткаш
И така ноќта да ја минеш
Никој освен жена
Не знае како е жена да си
Кога од сите болки
Треба насмевка да исткаеш
Со плачот јадењето да го посолиш
Од снагата живот да извадиш
И за него повеќе од за себе да се грижиш
Та велат оти лесно е жена да бидеш
Оти шминката бледилото го крие
И црните кругови околу очите
Кои од наспаност не се
Та се чини оти најлесно е
Кога на раѓање женски плач се слуша
Оти ниту една од нас
Нема да заплаче пред туѓи очи
Туку болката ќе ја џвака во себе
И ќе ја исплука тогаш
Кога во самотија ќе се завитка
Без ниту еднаш да заофка
Или да се пожали некому на глас
Велат
Велат дека жена е лесно да се биде
И оти жените низ векот полесно врват
Небаре патот со рози ни е послан
И на него ниту едно камче нема
А јас знам
Знам по сите жени кои на мојот пат застанале
Дека силата нивна е поголема
Од кревкоста на нивните тела
И благоста која во себе ја носат
И дека плеќите од железо им се
Ама срцата меки ко памук
Ко облак бел на сино и чисто небо
Велат оти жена да си
Не е ништо особено
Ниту дека е тешко во наши чевли да се оди
Ама знам
Како што знае и секоја од нас
Дека најголемиот благослов и клетва е
Кога женско дете в куќа ќе се роди
Оти нејзината среќа лежи во туѓата
И дека од себе ќе земе
За на другите да им даде
Со сета леснотија
Во таа тежина жена да е
Жена да биде
За Женски Магазин, Ана Бунтеска