Таа, тој и мама

Добивај вести на Viber

Ќе пишував за последната “скандалозна”, “сензационална” и дрндрн вест која ја фрапираше и згрози нашата малограѓанштина, а создаде сочен материјал за жолтиот печат, но ми се виде бесмислено. Неколкупати досега имам пишувано што мислам за трачевите и влечкањето на интимниот живот на јавните личности по весници, портали итн, па само ќе ви дадам неколку линкови во кои сум пишувала за тоа. Не за друго, туку истиот став го имам и сега, а таман и ќе ве потсетам дека мастурбација врз ничиј живот не носи задоволство. 

Ете, кој има желба и трпение нека чита. Мојата поддршка секогаш ќе е наменета за оние кои се расчеречувани без да се води сметка за нивниот внатрешен живот и дали тоа ќе им наштети или ќе им предизвика болка. Или, што би рекла ќерка ми GET A LIFE.

Е сега, да си почнам со денешнава тема. Имаше еден виц на времето кој започнуваше со муабет на две пријателки. Еднава ја прашува другата како и’ се децата, а оваа вели: “Ќерка ми е супер, најде еден прекрасен маж кој ја чува ко капка вода на дланка, ја буди со кафе, чисти, готви, а таа цвета. Ама синот, ех тој ми е болка. Најде една за никаде, нит чисти, нит готви, а тој кутриот секое утро кафе и’ вари.”

Ние мајките имаме особено двојни аршини кога се работи за нашите деца. Се фаќам себе како ги повторувам некои нешта кои ме ваделе од такт кај мајка ми, па кревам рачна и ми текнува на онаа изреката “се’ шо су рекла, по врат су јала”. Со другарките се имам договорено да се пазиме една со друга кога децата ќе ни се вдомат, за да не јадеме многу гурабии и да не се мешаме онаму кај што не ни е работа. Впрочем, не џабе односот снаа-свекрва и баба-зет (иако ова баба во конотација со зетов не ми е баш јасна, а може и ме погодува оти еден ден и јас ќе сум баба на некој зет) бил, е и веројатно ќе остане една од оние работи кои ќе се секогаш актуелни. Се разбира дека ние мајките знаеме се’! Значи, до толку знаеме што е најдобро за нашите деца што сме жив оток. Се разбира дека сум малку цинична кога го велам ова. Децата и на свои 40 ги третираме како да се излезени од градинка и ќе приумрат ако не сме тука да ги спастриме од секој можен аспект. Малку е смешно кога на нашите потомци кои се возрасни им кажуваме дека надвор врне и да земат чадор, па да јадат здраво, па да пазат на семафори. Ден денес кога шетам со мајка ми, не издржува да ми ја фати раката на улица и да ми ја свитка навнатре за да гледам лево десно. А детето на мајка ми има скоро 49 години. И ја разбирам скроз таа потреба оти сега веќе кога имам дете сфаќам дека тоа доаѓа нагонски. Ама мора да се постави границата до каде сме мајки, татковци...а после кој момент стануваме pain in the ass.

Јасно дека за вашиот совршен син или таа прекраснотија од ќерка нема да биде никој достоен, колку и да е совршен. Секогаш ќе му најдеме некоја фалинка, која апсолутно нема да има никаква врска со реалноста. Умешноста да се оствари здрав однос со децата е да се запази границата која пред се’, ние родителите ќе ја почитуваме и нема да се мешаме во нивните животи. Да, дозволено е дури и свесно да се остават да згрешат, оти како инаку ќе научат и ќе изградат критериуми. Паметам една случка во моите рани 20-ти години. Бев вљубена до уши и ја имав првата посериозна (колку што е тоа можно на 20 години) врска. Во даден момент, мене светот ми се руши кога момакот на телефон ми раскинува (да бе, сум била откачувана). На телефон! Тоа беше некаде накај 20 часот вечерта, врнеше надвор и со сиот ум само наврев патиките и излегов. Тогаш живеев во центар и кинисав пеш до карпош. Накиснав како глушец, оти сакав да ми каже во лице за да си расчистам со себе. Мајка ми знаеше што се случува и тогаш првпат не изусти ниту збор, ме остави да излезам знаејќи дека ќе одам пеш и дека ќе бидам скршена после тоа. Се вратив исто како што отидов иако имав пари за такси и одболедував неколку месеци. Години отпосле ми рече дека е тоа најхрабрата одлука која сум ја донела, да се соочам и да барам да ми се каже машки, в лице и без драма. Сега, откако имам дете можам да се ставам во кожата на мајка ми и ја сфаќам сета болка која ја имала гледајќи ме како одам за да ми биде срцето скршено, како се враќам накисната и како не функционирам некое време. Ама ете, знаела дека мора да дозволи без збор да го минам тоа искуство од кое научив многу. Прво, дека со човек треба да се однесувам достоинствено и доколку сум го љубела му должам искреност гледајќи го во очи. И најважното, дека имам право да ја барам вистината лице в лице.

Да се остават децата да живеат по свое и да им се дозволи да ги рашират крилата е најголемата битка со себе која ја има родителот. Никогаш тој момент не е лесен и едноставен, но секој човек кој навистина му мисли арно на детето, мора да го стори тоа. Другарка ми Цеце најдобро го кажува вицот кога двајца млади се земале, ама заради финансиски причини морале да живеат со мајката на момчето. Па една вечер, откако воделе љубов, тој изразил желба за ладно пиво, при што се слушнал гласот на мајката “така, така....испотен, па ладно. Одма ќе настинеш”. Смешно, ама и не е баш смешно. Ние сме врзани ко црева со нашите предци и поколенија. Никој нема свој живот, некако се’ станува заеднички. И ако го тргнеме на страна финансискиот момент (кој за жал оневозможува самостојност на млади години) се’ уште имаме мамини синови кои имаат детска соба на свои 50 години и мамини девојчиња кои немаат поим како да се грижат за сопствените деца, па мајките им се мајки-баби на сопствените внуци.Впрочем, не ретко многу врски или бракови имаат проблеми, па и се растураат затоа што родителите (особено мајките, да сме на чисто) си даваат за право да судат, коментираат, оправаат нешто што не е нивна работа. Границата на односот мајка-син, мајка-ќерка, мајка-снаа, мајка-зет мора да постои. Сепак, изборот на нашите деца е нивна работа и одговорност.

Муабетот ми беше дека нашиот живот (на родителите мислам) не смее да стане опсесија со животот на синовите и ќерките. Улогата на родителот е да стави до знаење дека ќе е секогаш тука кога треба, ама кога треба а не да става мирудија во секоја манџа. Успесите и неуспесите на децата се нешто со што ќе мора сами да научат да живеат и да бидат свои. И да, секогаш Нина за мене ќе биде тоа мало топче што одеше по мене како сенка, дури и тогаш кога морав да одам во тоалет и на секое викаше маммаммаммаммам, ама тоа топче сега е една прекрасна, убава и паметна девојка од која и јас учам. Најлесно е да ја врзам за себе и да ја направам зависна од мојата помош, но што откако ќе ме нема? Сакам да ја спремам за животот, а не јас да бидам центар на нејзиниот свет и живот. Да, тешко е. Да, болно е. Ама е и најдобрата работа која можеме да ја сториме за нашите деца. Да ги пуштиме да одлетаат и да уживаме во нивното патување.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Некогаш љубовта си ја сонам

Како кога чоек сонуваш

Со лик на кој отпосле не се сеќавам

И зборови кажани

Кои низ денот во умов ми клукаат

И оние кои сум ги премолчила

А од кои душата ми боледува

Со мирис кој го знам

Од некое дамнешно време

Со траги кои во косава си ги намирисувам

За да не ја заборавам

За да не биде бадијала живеачкава

Ете

Некогаш знам љубовта да ја сонам

И во сонот со неа да се галам

Та сите ѕидови околу мене ги снемува

Како што тоа само на сон бива

И молкот повеќе штит не е

Дур денот не осамне

За повторно да ги изградам

И во тишина да се обвиткам

Демек така од љубов се бегало

Синкир некој успеал да ја одмине

Некогаш

Некогаш сакам со векови да спијам

И ноќите од мене сета тага да ја извадат

Та да станам утрото без страв

И да можам да те побарам

Кротко и мирно дојди да ти кажам

Попатно некоја приказна за лека ноќ да измислам

И долго да ти ја раскажувам

Некогаш мислам дека љубовта мене ме сонува

И за сите гревови кон неа ми простува

Што ја имам истуркано

Што место за неа немам сторено

Та се тешам оти некојпат

Во исто време една за друга ќе сониме

И во сонот ќе се најдеме

На јаве ќе се препознаеме

Без да си замеруваме

Јас неа за болката

Таа мене за грубоста

Некогаш

Само некогаш кога љубовта ја сонувам

На сон насмеан ти ми доаѓаш

Како вчера да било

Кога сме се љубеле

Како времето да не не’ изгризало

И по рабови да не не’ поткинало

Тие денови од мене ништо не останува

Како сенка која со квечерината умира

Како болест која телото го изгризала

Како да не постојам

Како да не дишам

Како проколната од Бог

Од себе поболена

Од тебе заборавена