Толку сме помогнале, што би ѝ помогнале и нејзе да ги ископа компирите: Нина Бадриќ
Со денови, коментарот на жена од Хрватска се шири на социјалните мрежи и медиуми, а во кој ги поканува Нина Бадриќ и Северина да копаат компири, откако Бадриќ се пожали дека нејзиниот тим на соработници немал од што да живее последниве четири месеци.
- За неколку дена вадиме компири, триесет хектари, во близина на Бјеловар и ни требаат дневни работници. Плаќаме 300 куни на ден. Ве молам известете ја од редакција дали сака да работи. Може да ги земе и Маја, Северина, и сите што зеле помош од 4000 куни.Само кажете ѝ да не доаѓа во тој дизајнерски фустан од 14 илјади куни, со кој се пофали пред неколку месеци, затоа што деновиве врнеше дожд и е доста калливо- напиша жената и собра скоро 2500 лајкови и многу коментари.
Нина утрово ѝ одговори на дамата на својот Инстаграм. Таа накратко напиша: „Да се насладуваш на туѓа несреќа е пораз за човештвото“.
На Нина веднаш се надоврза и нејзината колешка Памела Рамjак.
- Дамата постави оглас. Веројатно секој ќе ѝ дојдеше да копа за џабе ако ние како естрада се појавевме таму. Жената има нос за бизнис. Мора да привлече работна сила и очигледно не ѝ оди добро- напиша Памела.
- На толку сме им помогнале, што би ѝ помогнале и нејзе да ги ископа компирите- одговори Нина Бадриќ.