Тоше Проески: Не пеам за партиите, тоа се проколнати пари
За вистинските вредности
Парите не сакам да бидат пресудни во моментот кога ќе треба да бидам со жената на мојот живот. Јас сум свесен дека вистинските вредности сѐ помалку се ценат. Не знам зошто сум бунтовник без причина, но од друга страна така сум воспитан, знам кои се вистинските вредности и дур сум жив ќе ги ценам и единствено ќе ми бидат важни.
За модните критики
Стилистот не е пресуден за успехот и тоа се покажа во мојата кариера. Сакам да се облекувам така како што најдобро се чувствувам. Мислам дека на уметниците им е дозволено малку повеќе од тоа што некој „фешн гуру“ го замислил во моментот. Не сум човек кој ја гради кариерата на изгледот. Со текот на времето самиот си изградив стил. Сепак, музиката ми е најважна.
За темпото на работа
Максимално е и многу е тешко да се издржи. Шминкање, вадење шминка.. Пакување, распакување.. Преку глава ми е. Кога би можел да се телепортирам од концерт на концерт би бил најсвежиот човек на светот. Сакам да се тргнам настрана, но не можам. Машинеријата ме зеде во бубањ, како што велат старите. Нема враќање назад. За голема среќа многу ме радува што на сите тие концерти можам да се дружам со луѓето со кои енергетски се ревитализирам.
За пријателите
Секој слободен момент го користам во Крушево за дружење со старите пријатели. Тоа многу ме спушта на земја. Кругот на пријатели не ми е мал. Се трудам колку можам да ги негувам. Можеби не верувам во новостекнати пријателства поради неколку трауми кои ми се случија во животот во врска со тоа.
За политичките партии
Не пеам за партиите, тоа се проколнати пари.. Подобро парите што мислеле да ми ги дадат, да ги поделат на сиромашните.