Треба ли родителите самоиницијативно да одлучуваат за вакцинирање на своето дете или не?
Вакцините деновиве се актуелизираа со последната изјава на министерот Венко Филипче дека за да се запишаат децата во градинка или школо ќе треба да бидат вакцинирани. По повод Европската недела за имуницација, министерот изјави дека е време да се осовреми календарот за имуницазија, но и дека ќе се воведат вакцини против стрептокока и рота вирус, бидејќи истите предивикуваат тешки здравствени нарушувања кај малите деца. Во продолжение ќе ви пренесеме став на медицински специјалисти со кои Женски магазин разговараше неодамна на тема вакцини. „Со вакцинирање на своето дете, го заштитуваме од заразни болести,а со тоа придонесуваме за одржување на колективниот имунитет.Со колективниот имунитет ги штитиме другите деца или возрасни кои од медицински причини не можат да се вакцинираат.Благодарни ќе бидат родителите на оние деца кои заради имуно дефицитарна болест или малигно заболување не можат да се вакцинираат, бидејќи постои тој колективен имунитет.За да опстои потребно е барем 95% од децата да бидат вакцинирани. Несаканите ефекти на вакцините се незначителни.Тоа се најчесто локална реакција на местото на апликација,вознемиреност,покачена температура,понекогаш осип.Некои од овие реакции се јавуваат само кај дел од вакцинираните деца.Почесто децата поминуваат без никакви реакции. Мислам дека не постои врска меѓу вакцините и аутизмот.Голем е стравот кај родителите пред да се одлучат да го вакцинираат своето дете,особено МРП вакцината.Правени се илјадници клинички испитувања, а и се уште се прават,со кои не е докажано дека вакцината е причинител на аутизмот.Постојат многу други фактори кои можеби многу повеќе придонесуваат за оваа состојба.Впрочем во една студија која е правена кај нас, 90% од децата кои биле со аутизам не биле вакцинирани од ММР. Секој сам одлучува за своето дете.Но, пак ќе кажам,невакцинираните се опасност за другите кои се немоќни да се борат со овие опасни болести, кои со години се искоренети кај нас“, смета д-р Маја Симончева, специјалист по семејна медицина . Според д-р Аспазија Софијанова вакцините се едно од најголемите откритија во медицината и секако најголема придобивка.
„Превенцијата на болестите преку колективна имунизација донесоа најдобри резултати во борбата со заразните болести кои имаа висок морталитет. Колективната имунизација придонесе до тоа голем број болести кои практично беа лесно преносливи и смртоносни денес во голем дел од светот да се искоренети. Полио, морбили, црна кашлица и многу други денес речиси и да ги немаме. Несакани ефекти секако дека има и истите тие се опишани во упатствата за употреба на вакцините. Лекарите знаат што можат да очекуваат како несакан ефект и како да се справат со истиот. Најчести несакани ефекти се покачената телесна температура, понекогаш осип, раздразливост. Несаканите ефекти се појавуваат само кај одреден дел од вакцинираните деца“, вели Софијанова.
Доктор Соња Ралева, специјалист по општа медицина во ЈЗУ Здравствен дом Скопје пак вели дека вакцинацијата е задолжителна и законска обврска. На прашањето дали треба ли родителите самоиницијативно да одлучуваат за вакцинирање на своето дете или не-Софијанова вели дека родителите треба да одлучуваат за се што е поврзано со нивното дете, но имунизацијата е нешто што е важно за сите граѓани. Тоа е посебна категорија во јавното здравство. „Невакцинирањето на едно дете може не само да му наштети на тоа дете туку и на децата кои се околку него. Невакцинирањето го намалува колективниот имунитет и може да ги врати болестите кои со години ги немавме“, вели таа делејќи го всушност истиот став со министерот за здравство кој алудираше токму на тоа дека може да ни се вратат искоренети болести токму поради невакцинирањето на детето. Тоа е единствен начин да се спречат заразните заболувања, ширењето епидемии. Имунолошкиот бедем односно заштита треба да е 95% во една популација од МРП вакцината, доколку дојде до внес на дадениот причинител на болест во осетлива популација, нема да дојде до ширење на болеста. За давање на вакцините одлучува докторот во ординацијата. Според Ралева придобивките од вакцините се големи и значајни за целото човештво. Искоренети се многу заразни заболувања, а воедно се спречени болести кој му пркосат на човештвото. Спречени се и многу епидемии, а со тоа е подигнат квалитетот на живот. Болестите што може да се спречат со вакцините се превентибилни, а не судбина.