УЧЕНИЦИТЕ ПРЕДВРЕМЕ СЕ ИЗРАДУВАА: Зимскиот распуст ќе почне на 30. декември, а не две недели порано

По низата гласини дека зимскиот распуст за учениците во основните и средните училишта ќе почне на 15.декември поради актуелната криза со епидемијата на корона вирусот, голем број родители се обратија до редакцијата на Фактор за да добијат конкретни информации.

-Ако е навистина така, тогаш децава навистина оваа година нема ништо да научат. Почнаа во октомври, а веќе на социјалните мрежи се зборува за распуст на 15.декември. И што ќе се види од нивното образование?.

Ова се само дел од реакциите на некои од родителите кои сметаат дека е прерано распустот да почне во средината на следниот месец. Фактор побара одговори од Министерството за образование, од каде велат дека таквите тврдења се сосоема неточни и дека како и секоја претходна година, зимскиот распуст ќе почне на 30.декември, особено поради фактот дека училиштата не се трансмитери на заразата.

-Траењето на учебната и наставната година, односно почетокот и крајот на првото и второто полугодие е дефинирано во календарите за организација и работа на основните и средните училишта за 2020/2021. Првото полугодие трае до 30 декември, додека второто започнува на 21 јануари 2021 година. Согласно сите податоци досега произлезени од следењето на ситуацијата со пандемијата, училиштата не се трансмитери на заразата. Извештаите кои ги добиваме на дневна основа, покажуваат дека бројот на заразени ученици и наставници е помалку од 1 процент од сите кои следат настава со физичко присуство. Тие веднаш одат во домашна изолација и се вклучуваат во онлајн настава, со цел непречена реализација на воспитно образовниот процес. Планот и протоколите се покажаа како добро обсмислени низ еден инклузивен пристап со учество на бројни засегнати чинители. Учебната година засега се спроведува успешно и очекуваме така и да заврши.

Повеќе информации по ова тема, прочитајте на Фактор.мк