УНИБанка ќе исплати полугодишна камата за перпетуалните обврзници

Добивај вести на Viber

Универзална Инвестициона Банка АД Скопје ќе изврши исплата на полугодишна камата по каматна стапка 9 отсто на годишно ниво на имателите на перпетуални обврзници на 22 јануари годинава.

Право на исплата на камата имаат лицата кои се регистрирани во книгата на иматели на перпетуални обврзници во Централниот депозитар за хартии од вредност заклучно со 21.01.2021 година.

„Тргувањето со обврзниците во деновите 20 и 21 Јануари 2021 година ќе се реализира со пресметана акумулирана камата за 183 и 184 денови соодветно, при што купувачот при порамнувањето на 22 и 25 јануари ќе треба да му го уплати износот на чистата цена плус акумулираната камата на продавачот. При ова, купувачите ќе бидат регистрирани во книгата на иматели на перпетуални обврзници во Централниот депозитар за хартии од вредност на 22 и 25 Јануари 2021 година, соодветно и нема да остварат право на исплата на полугодишната камата, стои во известувањето.

Во јануари 2019 година, „УНИБанка”  издаде прва емисија на перпетуални обврзници со вкупна номинална вредност од 5 милиони евра. Емисијата е без рок на доспевање, а каматната стапка е фиксна,  9 проценти  за првите пет години и се зголемува на 11 проценти по завршување на овој период.Номиналната вредност на обврзницата изнесува 1000 евра и е прв финансиски инструмент од тој тип на македонскиот пазар.

Перпетуалната обврзница котира и со истата може да се тргува на официјалниот пазар на Македонска берза.