УСПЕШНИ МАКЕДОНКИ ВО СВЕТОТ: Како да живеете во Америка, што мора да знаете да се вработите во Доминикана?

Со факултетска диплома, талентирани и професионално реализирани, но далеку од Македонија. Она што не можеле да го покажат во родната земја, сега со задоволство го работат на различни страни од светот. Секојдневно читаме инспиративни приказни за успешни Македонци во странство, а дел од нив своите искуства со задоволство ги споделија за „Женски Магазин“.

Иако дипломира на Економскиот факултет, Андреа Никчевска се буди и заспива со музиката, особено откако со момчето одлучи да замине на привремена работа во Доминиканска република. Нејзиниот партнер Димче Алексоски беше дете натпреварувач на скопскиот клуб „Ритам Плус“, уметник со меѓународни признанија. Во најразвиеното туристичко место Пунта Кана имаат своја компанија за организирање настани, а од пред две години и училиште за танц. Никчевска која првите посериозни чекори на естрадата ги имаше овде како вокалистка на „Тумбао салса бенд“ и „Мама бенд“ и во Доминикана има своја група, а повремено се занимава и со фотомоделство. 

Идејата да заминат во Доминиканска република се наметнала случајно, преку нивен пријател кој живее таму. На почетокот патувањето било планирано како обична посета.

- Доминиканците како народ пленат со својата едноставност, среќни се со многу малку, прифаќаат секакви култури и отворени се за новитети. Увидовме дека постои можност нашата работа да продолжи на една таква прекрасна дестинација полна со луѓе од целиот свет. Живееме и работиме во Пунта Кана, најразвиеното туристичко место во државата. Познато е по прекрасните песочни плажи, тиркизната вода и топлата клима. Нашата работа опфаќа повеќе проекти кои се поврзани меѓу себе и се трудиме да ги реализираме подеднакво добро – објаснува Никчевска.

Во јануари во интервју за „Женски Магазин“ Никчевска ни призна дека често добива пораки од луѓе кои ја следат на социјалните мрежи за тоа како може да се дојде и работи во Доминикана. Вели дека заедничко за сите нив е што мислат дека Доминикана е сиромашна земја во Латинска Америка и дека може многу лесно да се дојде и да се работи без никаков проблем.

- Тоа воопшто не е така. Доминиканска Република е една од најразвиените земји во овој дел од светот, постојано се инвестира и секојдневно расте. Туристи има од секаде, но најмногу од Канада и богатите европски земји, па така и трошоците за живот не се баш мали. За да се дојде до работа треба да се има документи, а процедурата за добивање на истите е комплицирана и трае многу долго. Она што е малку контрадикторно е тоа што платите за таканаречените нормални професии не се особено високи. Официјален јазик е шпанскиот и без течно зборување буквално не можете да се вклопите во средината. Ние имаме среќа што сме претприемачи во една ваква земја, имаме работа која е пред сè уметност и бара специфичен ангажман – објаснува таа.

Андреа Никчевска се буди и заспива со музиката и добро заработува

Вербата, поддршката и љубовта од најблиските ѝ помогнале своите професионални соништа да ги оставри и Ивана Трајановска која е родена и израсната во Крива Паланка. Од 2011 година живее во Сан Франциско. Во изминатите 5 години работи како продукт дизајнер и развивач на бизнис во компанија за технологии во Силиконска Долина. Токму таа е дизајнерот на ќебето кое помага за намалување на стресот и инсомнијата, како и за релаксација на целото тело. Алфа ќебето се најде на американскиот пазар во април минатата година и оствари голем успех.

- Како и секаде има позитивности и негативности кога живееме надвор од родниот крај. Голема позитивност е тука дека секој има можност за успех и секој труд е забележан и награден. Начинот на живот тука е многу побрз, подинамичен што се врзува со многу поголем стрес. Најмногу ми недостасува фамилијата, моите пријатели и нашата македонска топлина - ни изјави Трајановска која уште од првиот ден сфатила дека Сан Франциско е нејзиното место на земјата.

Ивана со сопругот Пол

Нешто повеќе од пет години, светот е дом на познатата фотографка Јасна Суша која работи на брод. Своите клиенти, таа ги фотографира во црно-бела техника во приватно студио, и вели дека е среќна што креира квалитетен производ, а луѓето од нејзиното студио си заминуваат прегрнувајќи ја.

- Среќавам луѓе од целиот свет, различни религии, раси, луѓе со различна сексуална ориентација. Ова искуство како човек ме промени многу. Само за овој договор јас ќе ја свртам земјата. Од Македонија до Аљаска стасав со авион, па од Аљаска до Австралија со брод, и си заминувам дома од Австралија со авион. Не може по едно такво искуство да бидам истата. Се мислам дека ме промени на подобро и ме направи потолерантана, ама се вртам зад себе и ги лоцирам сопствените грешки, во релацијата со луѓето како тука, така и таму. Па, потоа се прашувам дали на подобро или не?!  Ама се тешам дека, се додека сум способна да ги уловам грешките, јас растам - раскажа Суша за „Женски Магазин“.

Јасна Суша секојдневно среќава луѓе од целиот свет, различни религии, раси, луѓе со различна сексуална ориентација