Успешно заврши првата „Трка на поезијата" во Струга

Добивај вести на Viber

Под мотото „Трчаме рецитираме“ денеска во Струга се одржа првата „Трка на поезијата“ на која учествуваа 620 натпреварувачи на пет и на 10 километри, во организација на Здружението „Спортски мостови“.

Организаторите се задоволни од настанот, кој првпат по три децении се одржа на струшките улици.

– Поминавме одлична трка, со оглед на фактот дека по 30 години првпат се организира трка во Струга. Коментарите се позитивни и кај учесниците, но и меѓу стружани. Доследно се почитуваа и препораките за заштита од Ковид – 19, изјави Мими Стојаноска од Здружението „Спортски мостови“.

Победник на 10 километарската траса беше Милош Ранчиќ во машка и Билјана Караџиева во женска конкуренција, втори беа Миомир Алексовски и Весна Караџиева, а третото место им припадна на Александар Караџиев и Сандра Арсовска.

На пет километри победници беа Христијан Ивановски во машка и Николина Милевска Вељановска во женска конкуренција. Атанас Епов и Екатерина Кукоска беа второпласирани, а трети до целта стигнаа Грегоријан Никовски и Славица Игнатовска.